Македонија
Смс пораки, скајп и телефонски разговори-крунски докази за „Фаланга”
Судечкиот судија за случајот „Фаланга” Зоран Димитриевски повеќе од два часа образложуваше од кои докази судскиот совет донесе одлука групата обвинети за случајот да ги осуди на затврски казни.
Судечкиот судија за случајот „Фаланга” Зоран Димитриевски повеќе од два часа образложуваше од кои докази судскиот совет донесе одлука групата обвинети за случајот да ги осуди на затврски казни. Најголемата казна ја доби Бобан Лападатовиќ од седум години затвор, бидејќи е организатор на групата која ископувала и продавала арехолошки предмети. Останатите добија од една до пет години затвор за организрање, прикривање, продавање на археолошки предмети, оригинали или фалсификати кои ги купувале странски колеционери.
Првпат во историјата на македонското судство обвинетите, адвокати, новинари и јавност можеа да слушнат детална анализа и презентација на доказите во кои се и посебните истражни мерки и транскрипти од телефонски разговори, смс пораки, скајп разговори и снимен видео материјал.
„Презентацијата ќе ја започнеме од онаму каде што вие во завршен збор запревте. Запревте пред фактите пред кои и боговите молчат”, рече судијата Димитриевски, пред да ја започне анализата.
Судот образложи дека во текот на судскиот процес обвинетите тврделе дека сé што им било запленето било сувенири, од дедо и баба или ископано на нива. Некои од нив признале дека поседувале архелошки материјали, но дека нивното чување било корисно дело за државата Македонија. Еден од обвинетите признал се, но според судот, за да ја намали својата одговорност.
Судијата Димитриевски пред присутните со презентација на фотографии и читање на снимени телефонски разговори во најситни детали откри кој со кого всушност бил поврзан во „Фалангата”. Откри дека неколкумина кои тврделе дека не се познаваат, кога се виделе на снимениот видео материјал, ја смениле одбраната и ,сепак, признале дека се познаваат.
На само две седмици пред апсењето обвинетиот Миодраг Готиќ кој е осуден на шест години затвор, како дел од организирањето на криминалната мрежа е снимен како вели „ќе работиме само со нешто добро, или со добар фалсификат”, е само мал дел од транскриптите во предметот. Сега осудените се снимени како договараат средби и нудат предмети на луге кои потоа во судскиот процес се всушност заштитените сведоци.
Во текот на снимањето биле регистрирани и вакви разговори кои се дел од серијалот разговори за договарање околу копање и нудење археолошки предмети: „Сите работат нешто а ти спиеш како бебе”, на што одговорот е „што да правам кај, нас веќе сé е извадено“.
Во излагањето судот се осврна и на тоа дека сручни лица и од фотографија може да препознаат оригинален предмети. Вакво тврдење кажал сведок на одбраната, која пак жестоко во текот судскиот процес реагираше на сведочењето на Паско Кузман кој како најпознат археолог во Македонија потврди дека предметите што ги видел на слика биле оригинали.
Од сите осудени само Лападатовиќ останува во притвор, иако е со лошо здравје, но сепак судот појасни дека постои опасност да побегне, па затоа само тој е и во притвор. Сите други се пуштени со гаранции да се бранат од слобода. Пресудата не е конечна, адвокатите најавија жалба до Апелациониот суд во Скопје./ крај/км
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.
Македонија
Таен ринг за борби со кучиња разоткриен во битолско, заработувале од мачење животни
Грчки државјанин сопственик на куче, пит бул, косовски државјанин сопственик на куче од расата американски стафорд, како и двајца македонски државјани како соизвршители ќе одговараат на кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Битола ги прибра сите потребни докази и поднесе обвинение, бидејќи на 1 ноември во селото Црнеец во близина на Стрежево, тие заради користољубие грубо ги злоупотребувале и ги изложиле на непотребни маки кучињата.
Првообвинетиот организирал борба меѓу двете кучиња во дворот од семејната куќа на второобвинетиот, кој претходно имал подготвено ринг каде се одвивала борбата. Настанот го следеле и други лица од Косово, Грција и Македонија, кои полициските службеници ги затекнале на лице место и кај кои биле пронајдени парични средства во различни апоени на евра и денари наменети за обложување.
Како резултат на борбата, со особено тешки повреди се здобило кучето од расата пит бул, кое имало угризни рани со различна големина, тешки повреди на главата и видливи знаци на трауматски шок.
Доказите обезбедени до овој момент упатуваат на сомненија дека се работи за организирана операција за која бил подготвен ринг за борби за кучиња во кој се пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се случувале и друг пат, како и лекови за пружање прва помош на повредени кучиња.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за двајцата македонски државјани.
Доколку двајцата странски државјани кои се во бегство од моментот на сторување на делото, не бидат обезбедени до почетокот на судската постапка, јавниот обвинител ќе предложи нив да им се суди во отсуство.

