Скопје
Извршен увид во работите на новата фекална канализација за Сопиште и Сончев град
Увид во градежните активности на проектот “Изградба на фекална канализација во населено место Сопиште и локалитетот “Сончев град“ и одведување кон постоечките канализациони мрежи во Општина Кисела Вода и Општина Аеродрoм“, денес извршија Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски, градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ и градоначалникот на општина Сопиште Стефче Трпковски.
„Некаде пред 15тина дена започнаа градежните работи за изградба на овој колекторски систем кој ќе се протега од реката Вардар до населбата Сончев град и ќе ги поврзе општините Сопиште, Кисела Вода, и Аеродром и ќе реши еден децениски проблем, а тоа е Усјанскиот канал“, изјави министерот Јанакиески.
„Се работи за мрежа од 15 км, инвестиција во вредност од 5 милиони евра, од кои, дел ќе се обезбедат од буџетот на Министерството за траспорт и врски, дел преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Согласно потпишаниот договор, градежните работи треба да завршат за 18 месеци, што значи дека некаде кон крајот на 2015 г, овој колекторски систем треба да биде завршен и ќе биде користен од околу 130 000 граѓани“, истакна министерот за транспорт и врски.
Потенцираше дека се работи за една крупна инвестиција, која е дел од програмата на градоначалниците и дел од програмата на владата на РМ и ги најави и следните чекори во овој проект.
„Потоа градоначалникот, во соработка со Министерството за животна средина, ќе направи колекторски систем сè до препумпната станица, со тоа ќе направиме еден интегрален систем, со што, сите овие 4 општини ќе имаат еден нов модерен колекторски систем за фекални отпадни води“, најави Јанакиески.
Градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски ја назначи важноста на овој проект.
„Овој колекторски систем е од животно значење за екологијата на градот Скопје, со оглед на тоа што досега немаше таков систем во овој дел на градот, пред сè, мислам на Кисела Вода и Сопиште. Овој проект не е целосно завршен, имено, направена е техничка документација за овој дел, кај што завршува, од Сончев град, па сè до пред булеварот Асном. Но, веќе од градот Скопје , преку ЈП Водовод и Канализација е направен проект за продолжувањето на овој фекален колектор, по булеварот Асном, од булеварот Србија се до препумпната станица и со тоа ќе знаеме дека овој проект е целосно завршен. Преку Министерството за животна средина т.е. Владата на Република Македонија, веќе е објавен тендерот и е во фаза на евалуација . Се надеваме дека најдоцна за еден месец ќе биде избран проектант на техничката документација на колекторски систем од 90 км во градот Скопје, кој ги вклучува колекторот по булеварот Асном и другиот, од другата страна на Вардар, од Ќерамидница, па сè до пречистителната станица во Трубарево. Но сепак, приоритетен ќе биде колекторот по булеварот Асном“, истакна Градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски
Она што е од суштинско значење за општина Кисела Вода е што овој проект се одвива по две траси, првата од Сопиште, преку Христо Татарчев до булевар Србија и втората-Усјанскиот Канал, она горливо прашање за општина Кисела Вода, веќе децении наназад. Во иднина, општина Кисела Вода со постоењето на оваа примарна мрежа, ќе може да изготвува проекти за секундарни мрежи во опфат на повеќе населби, пред се, село Усје, Градинар, Пинтија, Стаклара,Припор. Се работи за над 13 000 жители кои се уште користат септички јами, што е неприфатливо во 21-виот век“, изјави градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ.
Таа додаде дека согласно законите за легализација, со легализирањето на дивите градби, како општини треба до легализираните објекти да обезбедат и соодветна инфраструктура.
И градоначалникот на општина Сопиште, Стефче Трпковски, назначи дека овој проект е резултат на една добра соработка меѓу институциите.
Освен што проектов овозможува решавање, собирање на отпадните води од населбата Сончев град, ќе се реши и собирањето на отпадни води од населеното место Сопиште, поточно улиците 22 , 24 и овозможува развој на една нова локација, локацијата Трапија, каде што може во иднина да се предвиди нова населба, слична на Сончев Град./крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Целосно се обновува паркот во Капиштец со нова урбана опрема, зеленило и ЛЕД-осветление
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека паркот во Капиштец целосно се обновува со нова урбана опрема, нови садници, ново ЛЕД осветлување, нова патека и ново зеленило кое опфаќа 7.800 метри квадратни.
„Вчера почнавме со партерно и хортикултурно уредување на паркот во Капиштец. Поставуваме ново зеленило на 7.800 метри квадратни и нови садници со цел почист и поздрав Центар. Заедно со општинските служби интензивно работиме на поставување нова урбана опрема, нови павер елементи, ЛЕД осветлување и нова патека за движење. Очекуваме проектот за обновување на паркот во Капиштец да го завршиме до крајот на оваа година. Во пресрет на новогодишните празници, жителите на населбата Капиштец добиваат нов парк за рекреакција и прошетка. Упатувам апел урбаната опрема да се чува и да не се уништува, заеднички да придонесеме кон почиста и поздрава животна средина“, вели Герасимовски.
Општина Центар продолжува и во следниот период интензивно да работи за заштита на животната средина и во интерес на Центарци.
Скопје
Бутел, Карпош и Сарај денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 12.00 часот, корисниците од улицата Александар Турунџов во општина Бутел.
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од улицата Панче Пешев бр. 1, 3, 5 и 7 во општина Карпош, како и корисниците од селата Глумово, Шишево и Матка во општина Сарај.
Скопје
Герасимовски: Општина Центар овозможува бесплатни советодавни услуги од психолог, правник и социјален работник за граѓаните кои претрпеле насилство
Општина Центар активно се вклучува во иницијативите за подигнување на свеста и спречување на насилството врз жените и девојчињата. По повод Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, градоначалникот Герасимовски ја истакна важноста од давање поддршка за жртвите и превенција во справувањето со овој сериозен проблем.
„Покрај психичкото и физичкото насилство врз жените кое е секојдневно, особено загрижува растечкиот тренд на онлајн насилство. Општина Центар ќе продолжи да создава поддржувачка средина, да ги поттикнува жртвите да го пријавуваат насилството, ќе ја засили соработката со институциите и стручните служби и ќе организира активности за едукација на младите за опасностите од дигиталнaта агресија“, истакна Герасимовски, посочувајќи ги последните истражувања според кои речиси 70 проценти од жените во земјава биле изложени на ваков вид вознемирување.
Општина Центар преку соработка со Националниот совет за родова рамноправност овозможува бесплатни советодавни услуги од психолог, правник и социјален работник за граѓаните кои претрпеле насилство или биле било како злоупотребени. Овие услуги се обезбедуваат од страна на стручни тимови од различни области со цел да им се понуди соодветна помош и поддршка на сите на кои им е потребна.