Европа
Ниту по 51 дојава не е познат идентитетот на „мажот со шапката“ ВИДЕО
Белгиската полиција добила 51 дојава по апелот до граѓаните да помогнат при идентификацијата на третиот напаѓач, од медиумите наречен „мажот со шапката“ осомничен за бомбашкиот напад од 22-ри март на терминалот за полетување на меѓународниот бриселски аеродром Завентем.
Во вторникот белгиската сојузна полиција издаде соопштение во кое се зборува дека примиле 51 дојава од граѓани, но истакнува дека „мажот во бела јакна, со очила и црна шапка“ сé уште не е пронајден.
Два дена по терористичките напади во Брисел, полицијата уапси три лица пред Палатата на правдата во центарот на белгиската престолнина. Две лица беа набрзо ослободени, додека Фејсал Шефу беше задржан. Таксистот кој ги довел тројцата бомбаши самоубијци до аеродромот верувал дека во него го припознал лицето по кое се трагаше, познато како „мажот со шапката“, но набрзо се покажа дека за тоа нема доволно докази.
Ниту откако мина три дена во притвор немаше официјална потврда дека Фејсал Шефу е лицето кое на аеродромот пред терминалот за чекирање на летовите ја оставил количката со торба со експлозив и побегнал пред другите две експлозии. Во понеделникот попладнето белгиската полиција објави видеоснимка од аеродромот повикувајќи ги сите кои би можеле да го препознаат тоа лица да се јават, од што веднаш се заклучи дека Шефу не бараниот попишманет бомбаш.
Неговиот адвокат Оливие Мартенс изјави во вторникот за белгиските медиуми дека Шефу имал уверливо алиби дека во времето на нападот не била на аеродромот, туку во својот дом. Тоа го докажал со помош на телефонските повици кои ги направил утрото на нападите. Покрај тоа, лицето во светлата јакна и темна шапка е приближно со иста височина како и Ибрахим Ел Бакрави, кои на снимката се еден покрај друг, а Ел Бакрави е доста висок, додека Шефу е висок „само“ 166 сантиметри.
На познатата снимка од надзорните камери тројцата мажи туркаат колички за багаж. Двајцата од нив веќе се идентификувани како бомбашите самоубијци Наџим Лахрави, кој е крајно лево на снимката, и Ибахим Ел Бакрави, во средината. Третиот човек, во светла јакна, со очила и со темна шапка, исчезнал пред нападот, оставајќи ја количката со торба во која била експлозивна направа, и тоа со поголема разорна моќ отколку оние кои ги имале другите двајца бомбаши. Таа бомба експлодирала дури подоцна со контролирана детонација од страна на полицијата, откако терминалот и аеродромот биле евакуирани. Доколку експлодирала истовремено со претходните две, бројот на жртвите би бил значително поголем.
Според белгиските медиуми, истрагата најмногу се интересира за лицето кое на иследниците им е познато само под лажното име Наим Али Хамед. Наводно неговите отпечатоци од прсти се пронајдени во стан во бриселскиот кварт Шарбек од кој тројцата терористи со такси дошле до аеродромот. Во тој стан се пронајдени 15 килограми експлозив и хемикалии потребни да се изработат бомби, како и завртки и клинци. Отпечатоците на прстите одговараат на отпечатоците на маж кои со бегалците на 20-ти септември минатата година дошол на грчкиот остров Лерос и имал лажен сириски пасош на име Наим Али Хамед, Од тоа може да се заклучи дека по ткн балканска рута, вклучително најверојатно и преку Македонија, го продолжил патот кон Белгија.
Иследниците се уште не знаат што станува со лицето кое е снимено на станицата Малбек на бриселската подземна железница. На снимката може да се види тоа лица, кое носи голема торба, разговара со бомбашот самоубиец Калид Ел Бакрави, братот на самоубиецот од аеродромот Завентем, непосредно пред нападот. Се разгледува можноста дека можеби станува збор едноставно за некој кој поставил едноставно прашања за тоа колку е часот или за некој правец во метрото или некоја слична информација, како и дека можеби станува збор за терорист. Не е познато дали тоа лице излегло од подземната станица пред експлозијата или и тоа е меѓу загинатите./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германски министер: Дроновите во Белгија се порака да не се допираат замрзнатите руски средства
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денес посочи врска помеѓу неодамнешните инциденти со беспилотни летала во Белгија и дебатата за користењето на замрзнатите руски средства што ги поседува белгиската финансиска институција „Еуроклеар“ за финансирање на огромен заем за Украина.
Појавата на беспилотни летала над аеродромите и воените бази стана чест проблем во Белгија во последните денови и предизвика големи нарушувања низ цела Европа во последните месеци. Некои официјални лица рекоа дека инцидентите низ Европа претставуваат „хибридна војна“ на Русија. Москва негираше каква било поврзаност со инцидентите.
„Да, сите го гледаме тоа. И Белгијците исто така. Оваа мерка има за цел ширење несигурност и заплашување на Белгија: Не се осмелувајте да ги допирате замрзнатите средства. Ова не може да се толкува на друг начин“, им рече Писториус на новинарите на прес-конференција во Берлин.
Белгиското Министерство за одбрана одби да коментира неговите изјави, но рече дека „оваа можност веќе е покрената во Белгија“. Белгискиот премиер Барт де Вевер рече дека на неговата земја ѝ се потребни конкретни и цврсти гаранции пред да спроведе план за користење на замрзнатите руски средства за да ѝ помогне на Украина во борбата против руската инвазија.
Ставот на Белгија е клучен бидејќи белгиската финансиска институција Евроклер држи замрзнати руски средства. Белгискиот аеродром во Лиеж ги продолжи летовите откако привремено го прекина сообраќајот во понеделник поради забележан дрон, втор ваков инцидент оваа недела.
Дроновите забележани над аеродромите во главниот град Брисел и источниот град Лиеж пренасочија бројни летови и приземјија некои авиони што требаше да полетаат пред три дена. Белгиската влада вчера свика итен состанок на клучните министри и шефови на безбедносни служби за да разговараат за она што министерот за одбрана го опиша како координиран напад.
фото: принтскрин
Европа
Данска ќе ги забрани социјалните мрежи за децата под 15 години
Данска ќе ја забрани употребата на социјалните медиуми од страна на деца под 15 години, соопшти денес данската влада, но родителите ќе можат да дадат согласност за пристап до одредени платформи за деца на возраст од 13 години и повеќе.
Овој потег доаѓа откако премиерката Мете Фредериксен во говорот пред парламентот во октомври повика на ограничувања за користењето на социјалните медиуми од страна на децата поради загриженост за менталното здравје на младите. „Таканаречените социјални медиуми сè повеќе им го крадат времето, детството и благосостојбата на нашите деца, и ние сега ставаме крај на тоа“, изјави министерката за дигитализација Каролин Стејџ Олсен.
Повеќето партии во парламентот изјавија дека ќе го поддржат планот пред официјалното гласање. Snapchat, YouTube, Instagram и TikTok се најпопуларните платформи на социјалните медиуми за деца во Данска, соопшти владата.
Според анализата од февруари на Данскиот орган за конкуренција и потрошувачи, младите луѓе во нордиската земја поминуваат просечно 2 часа и 40 минути дневно на социјалните медиуми. Данска ја следи Австралија, која минатата година ги забрани социјалните медиуми за деца под 16 години.
фото: принтскрин
Европа
Зеленски: На Украина ѝ е потребна меѓународна помош за заштита на енергетската инфраструктура
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Украина ѝ е потребна меѓународна помош за да ја заштити својата енергетска инфраструктура од руски напади.
Зеленски во видео порака рече дека системите за воздушна одбрана и заштитата на енергетската инфраструктура се „највисоки приоритети со оглед на руските напади“.
„Всушност, нашите добавувачи на енергија, тимови за поправка и силите за цивилна одбрана се зафатени со обновување на областите по нападите секој ден“, рече Зеленски, апелирајќи за помош од меѓународната заедница.
Четврта зима од војната
Додека војната влегува во својата четврта зима, руската војска повторно систематски ги гранатира електраните и трафостаниците за да го прекине снабдувањето со електрична енергија, греење и вода на украинското население.
Укренерго соопшти дека во четврток повторно се планирани фазни прекини на електричната енергија низ целата земја за да се стабилизира мрежата.
фото: принтскрин

