Регион
Хрватска пред изборот на политичкиот курс

Хрватските гласачи во недела гласаат на уште едно парламентарни избори без јасен фаворит, на кои ќе се определат дали земјата ќе продолжи по либералниот пат или ќе скршне кон десно.
Главните конкуренти за гласовите на избирачите во еднодомниот хрватски парламент се владејачката Социјалдемократска партија (SDP) на премиерот Зоран Милановиќ и опозициската Хрватска демократска заедница (HDZ) која ја води поранешниот министер за внатрешни работи Томислав Карамарко. Првата произлегува од поранешната Комунистичка партија на Хрватска, а другата беше формирана на бранот на подемот на националните чувства и национализмот во 1989 година, во периодот на падот на комунизмот и распадот на Југославија и нејзините челници ја водеа земјата во текот на војните во поранешната заедница.Предизборните испитувања на јавното мнение не дадоа јасна слика за желбите на хрватските гласачи. Доколку им се верува на оцените на хрватските политички коментатори, кои исто така генерално не укажуваат на изразена предност на ниту една политичка сила, малку подобри шанси за победа има десната опозиција, поради подобрата способност да го мобилизира електоратот. Сепак, сите аналитичари се согласни во оцената дека ниедна од двете големи партии нема да може самата да формира влада, и оти победникот за создавање на владејачка коалиција ќе мора да преговара со низата помали партии.Во текот на предизборната кампања, кандидатите се трудеа да ја искористат миграциската криза како излез од острите и контроверзни теми и всушност не понудија никакви конкретни предлози за неодложните економски прашања, вклучително и намалувањето на големиот буџетски дефицит и јавниот долг. Така што целата кампања се сведе на прашањето „кој повеќе ја сака Хрватска“.Вкупно во хрватскиот парламент – Саборот – има 151 место, по 14 пратеници се избираат од 10 изборни единици, а три мандата има дијаспората. Другите осум пратеници се резервирани за националните малцинства, а од нив три добива српското. За пратеничките мандати се натпреваруваат вкупно 2.311 кандидати од 166 партии, коалиции, движења, здруженија….., додека на минатите избори во 2011 година имаше 313 субјекти. Правото на глас ќе може да го остварат нето повеќе од 3,8 милиони гласачи, од 4,3 милиони жители. Избирачките места се отворени од 7 часот, а гласањето ќе заврши во19 часот по локално време. Првите официјални резултати од гласањето Државната изборна комисија ќе ги објави три часа по затворањето на избирачките места. Инаку, гласањето започна уште во петокот навечер, со гласањето на иселеништвото во прекуокеанските земји, и во сабота на гласачите во соседството и во Европа, како и хрватски граѓани кои во моментот се наоѓаат во странство но се навремено регистрирани за гласање, кое ќе продолжи и во недела. Во странство гласаат околу 36.000 луѓе, во 48 земји.Новина во однос со претходните избори од 2011-та е гласањето според ткн преференцијален систем, при што избирачот може да гласа не само за листата како целина,туку, исто така, и за еден од кандидатите на таа листа. Овој систем на гласање веќе беше употребен во април 2013 година, на гласањето за хрватските претставници во Европскиот парламент. За политичките партии и коалициите изборниот праг за влез во Саборот изнесува 5 отсто./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Конечна судска одлука: Додик повеќе не е претседател на Република Српска

Апелациониот совет на Судот на Босна и Херцеговина ја отфрли жалбата на Милорад Додик против одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) со која му беше одземен мандатот на претседател на Република Српска.
Како резултат на тоа, според сараевските медиуми, Додик официјално повеќе не е на таа позиција, а ЦИК е должна да распише предвремени избори за претседател на ентитетот.
Да потсетиме дека ЦИК претходно донесе одлука за прекин на неговиот мандат, но таа можеше да стапи на сила дури откако ќе стане конечна, или потврдена од Апелациониот совет на Судот на БиХ. Денешната одлука конечно утврди дека Додик повеќе не е претседател на Република Српска.
Во образложението на пресудата, Судот наведе дека мандатот на избраниот функционер завршува на денот на правосилност на пресудата со која е осуден на затворска казна од најмалку шест месеци, што во случајот на Додик беше 12 јуни 2025 година, кога беше донесена второстепената пресуда. Судот ги отфрли и тврдењата за ретроактивна примена на законот, нагласувајќи дека пресудата станува правосилна на денот на нејзиното донесување, додека нејзината извршност е поврзана со доставување до странките, што не ги менува правните последици за мандатот.
Фото: ЕПА
Регион
Маж фрли молотов коктел врз Куќата на цвеќето, го фати обезбедувањето

Белградската полиција го уапси 55-гпдишниот Г.М. под сомнение дека фрлил молотов коктел врз Куќата на цвеќето, објави српски Телеграф. По наредба на обвинителството, му е одреден притвор до 48 часа.
Тој е осомничен дека се обидел да го запали Музејот „25 Мај“, местото каде што е погребан поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито, околу 6 часот утрово.
Човекот е уапсен по интервенцијата на полицијата. Нема повредени.
Пожарот ја оштетил влезната врата од Куќата на цвеќето. Според Телеграф, полицијата била повикана од обезбедувач. Тој пријавил дека еден човек дошол пред Музејот, најверојатно држејќи молотов коктел, и се заканувал дека ќе ја запали зградата.
„Се приближил до зградата и фрлил запалива течност. За среќа, обезбедувачот го фатил и ја повикал полицијата“, пишува Телеграф.
Неофицијално, се дознава дека човекот при апсењето рекол дека сакал да го запали „усташкото гнездо“.
фото: принтскрин
Регион
(Видео) Изгоре луксузна јахта во Будва: сопственикот бил на бродот кога избувнал пожарот

Црногорските противпожарни екипи го изгасија пожарот што избувна на јахта во марината во Будва.
Ова за црногорски „Вијести“ го потврди и раководителот на Службата за заштита и спасување на Будва.
Полициската управа соопшти дека околу 20:15 часот во неделата, полицијата во Будва била известена од сопственикот на јахта закотвена во пристаништето во Будва дека избувнал пожар додека сопственикот бил на бродот.
Јахтата е во сопственост на бизнисменот Б. М., а полицијата објави дека сопственикот на јахтата рекол дека пожарот најверојатно се случил поради дефект.
Пловилото било извлечено од пристаништето откако избувна пожарот кратко по 20 часот, заради безбедност на другите бродови. Седум екипи беа ангажирани за гаснење на пожарот.
фото: принтскрин