Европа
Британија истражува финансирања поврзани со Џихади Џон
Финансиерите кои ги поддржувале активистите блиски на мажот кој подоцна стана познат како озлогласениот џелат на џихадистичката Исламска држава – Џихади Џон, се под голем притисок на британските политичари, а покрената е и истрага за да се открие зашто им дале повеќе стотици илјади фунти, соопштија властите во вторникот.
Под истрага се, меѓу другите, и квекерската хуманитарна организација Џозеф Роунтри, како Родиковата фондација којашто ја основаше покојниот основач на синџирот козметички продавници „Body Shop“. Истрагата сака да открие како се случило тие да ја финансираат малата активистичка организација „Кејџ“, којашто тогаш како „прекрасно момче“ го опишува Мохамед Емвази, убиецот на заложници од САД, Британија и Сирија.
„Џихади Џон“, маскираниот џихадист кој е еден од главните ликови на видео снимките на кои припадници на Исламската држава ги обезглавуваат заложниците, кон крајот на февруари годинава е идентификуван како Мохамад Емвази, Британец роден во Кувајт, кој потекнува од богато семејство, израснал во Лондон и дипломирал компјутерско програмирање.
Организацијата „Кејџ“ е основана од група британски муслимани поради помагање на осомничените за тероризам од Велика Британија, кои САД ги држат во злогласниот затвор Гвантанамо на Куба. Активистите на организацијата ги обвинуваа САД и британската надворешна политика за радикализирање на муслиманите и тврдат дека безбедносните служби постојано ги малтретираат оние кои одбиваат да им станат доушници.
Емвази, исто така, тврдел дека припадниците на тајната британска служба MI5 се обиделе да го регрутираат. Потоа наводно се обидел да отпатува во Кувајт, но на заминување го задржале припадниците на британските тајни агенции за борба против тероризмот во 2010 година. Му било забрането да ја напушти земјата, меѓутоа конечно во 2012 година, сепак, изнашол начин да отпатува во Сирија.
Хуманитарната организација „Џозеф Роунтри“ објави дека од 2007 до 2014 година на „Кејџ“ и’ донирала вкупно 305.000 фунти, како и дека стои зад тие донации. „Ние веруваме дека ‘Кејџ’ одигра важна улога во информирањето за злоставувањата во Гвантанамо и на многу други места во светот, па и за многу случаи на мачења“, се вели во соопштението. Родиковата фондација, основана „да ги поддржува оние кои го менуваат светот“, пак, на „Кејџ“ му донирала 120.000 фунти, а уште не ја коментираше истрагата.
Организацијата „Кејџ“ повеќе од десет годни води кампања против „Војната против тероризмот“, се вели на нејзините интернет страници. Врската меѓу организацијата и Емвази започнала во 2009 година, кога тој се појавил во канцелариите на „Кејџ“ кои се наоѓаат зад Источнолондонската џамија. Организацијата минатата седмица ги објави електронските писма во коишто Емвази подолги години се жалел на безбедносните служби кои го малтретирале./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

