Македонија
Финансиска помош за млади претприемачи за започнување бизнис

Министерството за економија во вторникот информираше дека е објавен Јавен повик за избор на најдобар бизнис план, под мотото „ Биди перспективен започни свој бизнис“.
Преку мотото „Биди перспективен, започни свој бизнис“, се повикуваат сите студенти и млади претприемачи на возраст од 18 до 30 години, да аплицираат на Јавниот повик кој трае до 15 септември 2014 година, при што секој учесник на натпреварот има право да аплицира само со еден бизнис план, додека со еден бизнис план може да учествуваат најмногу четири лица.
Станува збор за дел од проектот „Натпревар за бизнис план“, кој се спроведува во две фази и тоа избор на најдобра бизнис идеја и втората избор на најдобар бизнис план.
По објавениот Јавен повик за аплицирање со бизнис идеи на 1 февруари 2014 година, достасани беа вкупно 59 апликации со бизнис идеи. По извршената евалуација на пристигнатите бизнис идеи, а врз основа на критериумите дефинирани во јавниот повик, направена е селекција на 40 бизнис идеи, по што апликантите на избраните бизнис идеи, поминаа низ обука составена од 13 модули, со цел да бидат адекватно оспособени за преточување на нивните идеи во бизнис план.
„Длабоко сум уверен дека идните претприемачи не треба само да се охрабруваат, туку и да се наградуваат“, истакна министерто за економија Беким Незири, информирајќи дека во рамките на проектот Министерството за економија предвиде доделување на парични награди-ваучери за најдобрте 5 бизнис плана, наместо досегашните три, и тоа: прво место 330 000 денари, второ место 230 000 денари, трето 130 000 денари, четврто 100 000 и петто 60 000 денари.
Наградените бизнис планови согласно Јавниот повик треба да формираат претпријатие на чие што име и сметка ќе бидат префрлени средствата. Претпријатието треба да се основа по завршувањето на натпреварот, при што носителите на бизнис планот воедно мора да бидат основачи и споственици на претпријатието.
Малите и средни претпријатија претставуваат доминантен тип на претпријатија во економијата на Република Македонија, со што се потврдуваат за важни учесници во економијата како целина и важни креатори на општествениот производ. Имаат важна улога во генерирањето на економски раст и креирањето на нови работни места.Основање на малите фирми зависи од претприемачите т.е индивидуалците кои имаат идеја и кои се подготвени да ја превземат ризик за да ја реализираат истата. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши: Преку мерката за зелени инвестиции отворени се речиси 400 работни места во приватниот сектор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Сељатин Бељули, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска го посети ресторанот „Ксантика“, кој е еден од успешните примери на зелени инвестиции и создавање нови работни места.
За време на посетата министерот истакна дека преку Мерката 8 – „Создавање нови работни места преку зелени инвестиции“, досега се отворени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор.
„Досега 228 компании инвестираа во зелени решенија – фотонапонски панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите вложија над 200 милиони денари сопствени средства, што е повеќе од државната поддршка. Тоа покажува дека политиката на Владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и за зелена економија,“ рече министерот Дурмиши.
Економија
УЈП: Инкасирани 2,3 милијарди денари или 37,4 милиони евра повеќе во буџетот споредбено со јули лани

Во јули 2025 година, Управата за јавни приходи оствари значителен раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси 37,4 милиони евра во споредба со јули 2024 година.
Вкупната наплата од даноци (Данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега.
По тој основ остварен е раст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е раст од 6,9% во однос на јули 2024 година. Раст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ наплатени се 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година.
„Растот на приходите не е случаен – тој е резултат на зголемена економска активност, како и посветена работа, партнерство и доверба која Управата за јавни приходи постојано ја гради со даночните обврзници. Во изминатиот период, а во согласнст со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата“, велат од УЈП.
Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима.
Економија
Потпишани договори за 828 проекти со 225 милиони евра преку капитални инвестиции

Со склучувањето на договорите за вториот повик од инструментот за капитални инвестиции, денес започнува нова фаза на големи вложувања во општините ширум Македонија, соопшти премиерот, Христијан Мицкоски.
Вкупната вредност на проектите изнесува 13,8 милијарди денари, односно околу 225 милиони евра, а се опфатени 828 проекти во различни области. Најголем дел од средствата, над 8 милијарди денари, ќе бидат инвестирани во инфраструктурата – патишта, мостови и локални врски.
Покрај тоа, во областа на животната средина ќе се реализираат 143 проекти со вкупна вредност од над 2,4 милијарди денари, кои се однесуваат на чиста вода, канализациски системи, управување со отпад и создавање нови паркови.
Во секторот образование, преку 48 проекти, ќе се инвестираат 1,6 милијарди денари за изградба и обнова на училишта и градинки, додека има и проекти поврзани со култура, спорт и социјална политика.
„Ова е најголемата инвестициска офанзива некогаш направена за општините, без партиски филтри и фаворизирања. Секоја општина што има проект добива поддршка,“ истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека со овие инвестиции се гради еднаквост и пристап до квалитетен живот за сите граѓани, без разлика на нивната локација, и најави дека нема да се дозволи запоставување на ниту еден регион.
Со склучените договори и веќе започнатите проекти, Мицкоски ја опиша оваа иницијатива како конкретен чекор кон подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Македонија, која според него од хартија преминува во реалност.