Европа
По Камерон, референдум за излез од ЕУ најави и Лепен

Лидерот на француската крајнодесничарска партија Национален фронт, Марин Лепен изјави дека доколку победи на претседателските избори во 2017 година, ќе организира референдум за излез од Европската унија (ЕУ), пишува порталот EurActiv.
„Сакам да му кажам на францускиот народ дека доколку тие ме изберат за претседател во 2017 година, шест месеци подоцна ќе има референдум“, изјавила Лепен во интервју за грчката телевизија „Мега“.
Во 2013 година, британскиот премиер Дејвид Камерон вети дека доколку биде реизбран на парламентарните избори закажни за 7-ми мај годинава, во 2017 година ќе организира референдум за членството на Велика Британија во ЕУ. Периодов пак, британскиот премиер најавил дека е подготвен и поскоро да го одржи ваквиот референдум.
Неколку анкети во Франција пак предвидоа победа за партијата на Лепен на неделните локални избори, иако нејзината партија заврши на второто место, но со најмногу освоени гласови во својата историја. Лепен се надева дека ќе може да го задржи моментумот и да оствари успех на претседателските избори во 2017 година.
„Европската унија е смрт, смртта на нашата економија, нашиот социјален систем и нашиот идентитет“, изјавил Лепен.
Таа исто така ја повикала Грција да преговара за својот излез од еврозоната, отколку за нова помош од кредиторите и Брисел. Француската политичарка исто така го поздравила изборот на левичарската партија СИРИЗА на јануарските предвремени избори.
„Единственото решение на Грција е да преговара организиран излез од еврозоната. Сè додека владата му кажува на грчкиот народ дека тие можат да останат во еврозоната, истовремено борејќи се против мерките за штедење, е лажење и е погрешно“, порачала таа.
Лепен исто така смета дека доколку грчкиот премиер Алексис Ципрас ги прифати барањата на кредиторите околу мерките за штедење, ќе плати со пад на неговиот рејтинг./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Осумнаесет општински службеници во Истанбул завршија во затвор

Турски суд затвори 18 службеници на градската власт во Истанбул поради обвиненија за корупција продолжувајќи ја репресијата против опозицијата поради која беше затворен и градоначалникот Екрем Имамоглу.
Имамоглу, главен политички ривал на претседателот Ердоган и водечки на анкетите, беше затворен во март во очекување судење по обвиненијата за корупција. Тој се соочува и со обвиненија за помагање терористичка група.
Градоначалникот ги негира сите обвиненија, а неговото апсење ги предизвика најголемите протести во Турција во последната деценија, економски превирања и обвинувања за политизирано судство. Владата ги отфрла овие тврдења и вели дека судството е независно.
НТВ објави дека 34 од 52 лица приведени за време на викендот биле ослободени со кауција. Турските медиуми пред четири дена објавија дека властите привеле десетици вработени во општина Истанбул како дел од правните истраги насочени кон Имамоглу проширувајќи ја репресијата против опозицијата, која почна кон крајот на минатата година.
Меѓу приведените се генералниот секретар, началникот на кабинетот на Имамоглу и претседателот и заменик-претседателот на Управата за водоснабдување и канализација.
Европа
Шведската полиција уапси осомничен за пукањето во кое загинаа три лица

Шведската полиција објави дека привела осомничено лице по пукањето во кое загинаа три лица во градот Упсала во вторникот.
Лицето е осомничено за убиство и е едно од неколкуте лица што се испрашуваат како дел од истрагата, изјавија полицајци за новинарите.
Пукањето се случило во фризерски салон во Упсала, додадоа тие.
Полицијата соопшти дека инцидентот се смета за изолиран и не е поврзан со големите прослави на Валпургиската ноќ, што се очекуваат во Упсала в среда.
Европа
Русите ги нападнаа Харков и Днепар со беспилотни летала: едно лице загина, 46 повредени

Роеви руски беспилотни летала ги нападнаа украинските градови Харков и Днепар доцна синоќа, при што загинаа најмалку едно лице, а најмалку 46 беа повредени, соопштија официјални лица.
Харков, кој се наоѓа на североисток, во близина на руската граница и е втор по големина град во Украина, е цел на редовни руски напади со беспилотни летала и ракети откако Москва ја започна својата тотална инвазија пред повеќе од три години. Во нападот врз градот доцна синоќа се повредени најмалку 46 лица, меѓу кои две деца и една бремена жена, соопшти регионалниот гувернер Олех Синехубов.
Нападите се случија откако САД, кои се обидоа да посредуваат во мировен договор меѓу Русија и Украина, изјавија дека ќе се повлечат како посредник доколку Москва и Киев не излезат со конкретни предлози.
Завчера, рускиот претседател Владимир Путин прогласи тридневен прекин на огнот од 8 до 10 мај по повод 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз и неговите сојузници во Втората светска војна, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на итен прекин на огнот во траење од најмалку 30 дена.
Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави дека вчера биле цел на напади неколку делови од градот, кој бил опустошен од последователни напади. Харков е дом на околу 1,2 милиони луѓе, во споредба со речиси 2 милиони пред почетокот на инвазијата во февруари 2022 година. „Врз Харков беа извршени 16 напади. Беше погодена висока станбена зграда, како и приватни куќи, медицински објект и цивилна инфраструктура“, напиша Терехов на Телеграм.
Во југоисточниот град Днепар, беспилотни летала предизвикаа пожари, при што загина 53-годишен маж, а уште едно лице беше повредено, изјави Серхиј Лисак, гувернер на регионот Днепар.
„Тешка ноќ за Днепар. Приватни куќи беа оштетени“, напиша Лисак на Телеграм. Тој рече дека девет руски беспилотни летала биле уништени над регионот преку ноќ. Целосниот обем на ноќниот напад врз Украина не е познат. Двете страни негираат дека гаѓале цивили. Во масовен руски напад со беспилотни летала врз Днепар минатиот месец загинаа четири лица и предизвика голем пожар во хотелски и ресторански комплекс и други згради.