Регион
На Црна Гора не и’ пречи знамето на „Голема Албанија“
Претседателот на црногорското Собрание, Ранко Кривокапиќ изјави дека не се грижи поради тоа што и дел од црногорската територија се нашол на знамето на ткн „Голема Албанија“, кое беше истакнато на фудбалскиот натпревар меѓу Србија и Албанија во вторникот во Белград.
„Црна Гора секогаш бил дел од нешто големо, а инаку сите тие биле мали во историјата, додека ние бевме големи“, оценил Кривокапиќ, додавајќи дека „може да се примети дека одредени лица сакаат да го вратат Балканот во состојбите од 90-тите години“.
„Тоа што сите околу нас нешто цртаат на некои карти, не е причина ние да се грижиме, туку тие треба да се грижат, бидејќи тоа се политики кои пропаднале и кои секогаш ќе пропаѓаат“, смета Кривокапиќ.
Црногорскиот спикер изјави дека не планира да закаже седница на колегиумот на Собранието на барање на опозицијата поради инцидентот на натпреварот во Белград, бидејќи „не сака да отвори расправа за нешто што се случува во друга земја“.
Кривокапиќ прецизираше дека Собранието не треба да реагира на славјето кое ги приредиле Албанците во црногорските градови, бидејќи смета оти не дошло до сериозна загрозеност.
Тој додаде дека и тепачката што се случила меѓу учениците од албанските оделенија и неалбанските оделенија во општината Туза во Подгорица, е работа на надлежните министерства.
„Не видов никакви политички реперкусии поради кои би требало Собранието да се занимава со ова. Тоа не е тоа на ниво на екцес коешто сака да се прикаже. Едноставно некој се обидува во Црна Гора да создаде атмосфера од 90-тите години, на поделби и судири, а еден инцидент не значи дека ситуацијата е таква што мора со неа да се бави и Парламентот. Секако не на ниво на колегиум или пленум, а дали одборите ќе се бават со тоа е друго прашање“, објасни Кривокапиќ, пренесуваат црногорските медиуми.
Во Подгорица во четвртокот дошло и до нов инцидент по истиот повод, откако била каменувана албанската амбасада, а надлежните органи уапсиле три лица./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Студентите во Србија пред Генералштабот: „Ќе го браниме со нашите тела“
Студенти од неколку белградски факултети и иницијативата Ансамбл на Генералштабот ќе се соберат денес во 11 часот пред зградата на Генералштабот под слоганот „Ние сме жив ѕид“. Како што најавија, ќе упатат усно предупредување до властите на Александар Вучиќ поради нивната намера да го урнат комплексот, кој беше оштетен во бомбардирањето на НАТО, објавува Nova.rs.
Организаторите нагласуваат дека денешниот собир ќе биде само најава за идните протести.
„Маршот од центарот на Земун започнува во девет часот наутро, а од Студентскиот плоштад во 10 часот, па сите се собираме во 11 часот пред Генералштабот. Подготвивме две претстави, по што во 11:52 часот ќе има 16-минутен молк“, објави Валентина Морачевиќ, студентка на Факултетот за применети уметности.
По оддавањето почит на жртвите, студентите ќе упатат јасно предупредување до Владата. „Кога ќе заврши оддавањето почит на жртвите во Нови Сад, ќе имаме усно предупредување за властите. Доколку не престанат со уривањето на Генералштабот, односно ако не ја заштитат зградата, ние ќе ја браниме со нашите тела“, нагласува Валентина.
Фото: ЕПА
Регион
Италија покренува истрага за „воени туристи“ кои пукале во цивили во Сараево
Обвинителството во Милано покрена истрага за италијански државјани кои наводно платиле огромни суми пари на српските паравоени сили за да пукаат во цивили за забава за време на опсадата на Сараево од 1993 до 1995 година. Таканаречените „викенд снајперисти“ учествувале во брутален „лов на луѓе“ во градот во кој биле убиени 11.000 граѓани, објавија италијанските дневни весници „Ил Џорно“ и „Ла Република“, пренесува „Анса“.
Според италијанските медиуми, станува збор главно за крајно десничарски фанатици и ентузијасти за оружје кои им плаќале на српските војници да учествуваат во опсадата и да пукаат во жителите на главниот град на Босна и Херцеговина. За да се идентификуваат овие „воени туристи“, во Милано е покрената истрага за утврдување на нивниот идентитет.
Случајот го отвори обвинителот Алесандро Гобис под обвинение за убиство со умисла со особено сурови и подмолни мотиви. Истрагата моментално се води против непознати лица, а е покрената врз основа на жалба поднесена од новинарот и писател Ецио Гавацени, со помош на двајца адвокати и поранешниот судија Гвидо Салвини.
Според сведоштва собрани низ цела северна Италија, „викенд снајперистите“ се собирале во Трст, од каде биле однесени во ридовите околу Сараево. Таму, откако им платиле на паравоените сили на босанските Срби предводени од Радован Караџиќ, можеле да пукаат врз жителите на опколениот град. Досието вклучува и извештај за „богати странци кои се занимавале со нехумани активности“, кој до обвинителството го испратила поранешната градоначалничка на Сараево, Бенџамина Кариќ.
Гавацени во својот извештај наведува дека досега има само „траги“, но дека постоел „ценовник“ за убиства: „децата чинат повеќе, отколку мажите (по можност во униформа и вооружени), а старите лица би можеле да бидат убиени бесплатно“. Тој, исто така, се повикува на документарецот од 2022 година „Сараево Сафари“ од режисерот Миран Жупаниќ, во кој се појавува и анонимен сведок.
Во наредните недели, се очекува обвинителот Гобис да спроведе детална истрага и да ги испраша лицата именувани од авторот во извештајот.
Иако истрагата се фокусира на Италијанците, некои извори споменуваат и Американци, Канаѓани и Руси кои биле подготвени да платат за да „играат војна“. Поранешен босански разузнавач изјавил дека клиентите биле „сигурно многу богати луѓе“ кои „можеле да си дозволат таков адреналински наплив“.
Босанското разузнавање веруваше дека зад сето тоа стои Српската служба за државна безбедност, користејќи ја инфраструктурата на поранешната српска чартер компанија „Авиогенекс“. Јовица Станишиќ, кој беше осуден за воени злосторства од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, се споменува како клучна фигура во операцијата.
Фото: ЕПА
Регион
Бугарија ја зголемува безбедноста во рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас пред преземањето
Бугарија ја зајакнува безбедноста на копно, вода и во воздух, вклучително и системот за заштита од дронови, во објектите на „Лукоил“ на своја територија пред планираното преземање на фабриката, објави денес бугарската влада.
Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) денес влезе во канцелариите на компанијата „Лукоил“ во земјата и во рафинеријата во Бургас и почна со инспекции, објави Бугарското национално радио (БНР).
Според соопштението на кабинетот, во Бургас се распоредени единици на воена полиција и системи против дронови, а Министерството за внатрешни работи спроведува зголемени контроли на сите возила што влегуваат во периметарот на објектот, вклучително и проверки за експлозивни направи.
Владата во Софија наведува дека мерките се исклучиво превентивни и имаат цел да ја зачуваат безбедноста на енергетските објекти означени како критична инфраструктура, објавува „Ројтерс“.
В петок бугарскиот парламент усвои измени на Законот за административното регулирање на економските активности поврзани со нафта и нафтени производи, со кои се даваат вонредни овластувања на идниот специјален менаџер на компанијата „Лукоил“ во таа земја, пишуваат медиумите.
Врз основа на новите овластувања управителот ќе може да ја продаде рафинеријата во Бургас, а рускиот „Лукоил“, кој досега управуваше со рафинеријата, повеќе нема да има право на глас, ниту можност за жалба на одлуката за преземање.
Американските и британските санкции против руските енергетски гиганти „Лукоил“ и „Роснефт“, воведени минатиот месец поради војната во Украина, извршија притисок врз владите на земјите членки на Европската Унија кои продолжуваат да зависат од руските деривати.
Бугарската рафинерија во Бургас е од стратешко значење за снабдувањето со гориво во регионот, а властите во Софија стравуваат од можни прекини во синџирите на снабдување доколку дојде до целосен прекин на работењето на „Лукоил“, според написите.
Министерот за економија Петар Дилов изрази верување дека Бугарија, како и Унгарија, ќе добие ослободување од американските санкции за рафинеријата „Лукоил“.
Според него, Бугарија, за разлика од Унгарија, не работи со руска нафта повеќе од една година.
Фото: принтскрин

