Екологија
Репортажа од искачување на Килиманџаро- фото
Планинарот Иван Трпков од Битола за читателите на Макфакс го споделува своето патешествие од највисокиот планинаски масив во Африка, кој деновиве беше освоен од страна на група македонски планинари.
Килиманџаро – “заспаниот” вулкан со своите 3 вулкански конуси – Кибо, Мавензи и Шира и највисокиот врв Ухуру (5895 м), е предизвик за бројни планинари од целиот свет.
Претставува највисок врв на Африка и е дел од групата наречена “Седум врвови” составена од највисоките планини на седумте континенти, заедно со Еверест (Азија), Пунчак Џаја (Австралија и Океанија), Елбрус или Мон Блан (Европа), Аконкагва (Јужна Америка), Денали (Северна Америка) и Винсон (Антарктик).
Желбата да се искачи Килиманџаро постоеше подолго време, а беше поттикната и од успехот на првата клупска експедиција на оваа планина која успешно се реализира со искачување на врвот Ухуру во 2014 година.
Минатата година дознавме дека се планира експедиција на Килиманџаро во рамките на Балканската планинарска унија (БМУ) и Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, и од нашиот клуб се пријавивме јас и искусниот планинар Виктор Калаузи. Да споменеме дека уште еден член на нашиот клуб – Наташа Бошковска исто така успешно го искачи врвот Ухуру на Килиманџаро во рамките на друга македонска експедиција која во исто време беше на Килиманџаро по патеката Мачаме.
Во октомври 2015 година резервиравме авионски карти и во наредниот период следуваа припреми на Пелистер и другите македонски планини, искачување на Вихрен – највисокиот врв на Пирин во Бугарија итн.
Времето брзо поминуваше, дојде Нова година и Божиќните празници, а брзо потоа наближи датумот за заминување – 15 јануари 2016 година. Од Битола јас и Виктор заминавме со воз за Скопје во раните утрински часови, а на автобуската и железничката станица во Скопје се комплетира целата екипа – организаторот и водичот – Живко Темелкоски кој многу успешно ја водеше целата експедиција и Искра Лазарова од ПСК Бистра, Илија Белевски, Игор Стојковиќ, Димитар Малиновски и Александар Николовски од ПСК „Макпетрол“ и Катица Борисовска од ПСК „Руен“ од Крива Паланка, пет планинари од Република Албанија и по еден планинар од Република Србија (Влада Ѓорѓевиќ) и од Австрија/Словенија. Потоа следуваше превоз со комбе до аеродромот во Софија, кадешто се реализира првиот авионски лет до Доха во Катар, а по неколкучасовна пауза на аеродромот кој е вистинско архитектонско чудо и раскрсница за голем број летови од разни страни на светот, со втор лет отпатувавме и пристигнавме на аеродромот Килиманџаро во близина на градот Аруша во Танзанија.
Уште на самиот аеродром не пречека топло и спарно време, какво што е вообичаено за Танзанија и другите соседни земји околу Екваторот, вистински контраст од зимскиот студ и снегот кај нас кога тргнувавме на пат, и веднаш забележавме растенија и птици кои се разликуваа од вообичаените кај нас:
На аеродромот извадивме визи за влез во Танзанија и по излегувањето од аеродромот не пречекаа Алекс со уште неколку соработници од агенцијата која се грижеше за целиот наш престој таму и искачувањето на Килиманџаро. Нашите торби беа натоварени на комбето и потоа следуваше подолго патување кон градот Аруша, што истовремено претставуваше прво запознавање со околината многу различна од вообичаените глетки кај нас.
По пристигнувањето во Аруша се сместивме во хотел и конечно се одморивме по долгиот пат. Аруша – град со околу 400 000 жители, на надморска висина од 1 387 метри, во зелен дел од Танзанија кој наликува на Афричка Швајцарија, во подножјето на активниот вулкан Меру (4562 м) и во близина на Килиманџаро, е жив град со голема фреквенција на луѓе, возила, бројни продавници, ресторани во кој може одблиску да се види и запознае африканскиот начин на живот, темперамент, обичаи и култура.
Наредниот ден рано наутро се спремивме и заминавме кон градот Моши и влезот на Националниот парк Килимаџаро кај стартот на патеката Марангу – една од шесте стандардни патеки за искачување на врвот на планината и единствената на која има објекти за сместување од тврда градба, на останатите патеки ноќите се поминуваат во шатори.
По патот се редеа интересни и колоритни слики, жени кои носат товар на главата (корпи со банани, работи купени од пазар итн), мали деца со чанти кои брзаат на училиште, крави, дворови на куќи полни со банани итн.
Пристигнавме на влезот на паркот, на 1800 метри надморска височина и облаците кои се собираа цело утро конечно се истурија во пороен дожд и по некоја грмотевица. Тоа траеше околу 2 часа, и за тоа време целата група чекаше дождот да преврне и да тргнеме нагоре. Сите денови искачувавме по отприлика 1000 метри надморска височина, и за 4 денови искачивме околу 4200 метри висинска разлика, што претставува и најголем проблем при искачувањето на врвот, односно секој организам различно реагира на промената на висината, нивото на кислород во воздухот (кое на врвот на Килиманџаро е 50% помало од нивото на кислород на брегот на морето) и намалениот притисок на воздухот кој уште повеќе создава проблеми бидејќи не притиска доволно за воздухот да влегува подлабоко во белите дробови. За среќа, поголемиот дел од тимот немаше посериозни последици од висинската болест која вообичаено се јавува над 4500 – 5000 метри надморска височина.
По престанувањето на дождот продолживме нагоре и првиот ден го поминавме во поминување на вистинска тропска шума која на Килиманџаро достигнува до висина и од 2800 метри и претставува прва климатска зона од вкупно 4 кои ги има на оваа планина.
Беше интересно да се проаѓа низ тропската шума, кадешто наместо буки, дабови и борови гледавме големи тропски дрва со лијани, папрати и растенија кои кај нас обично ги чуваме во саксии, на гранките над нас прескокнуваа мајмуни, често ги слушавме и нивните крици во близина, а во калта околу патеката на некои места можеа да се забележат и траги од диви мачки и леопард.
Патеката беше во одлична кондиција и беспрекорно одржувана од работници кои постојано ја поправаат од поројните дождови и од постојаното минување на бројни планинарски групи. По неколку часови искачување низ шумата пристигнавме до првиот планинарски дом – Мандара на 2720 метри надморска висина. Овој дом се состои од повеќе посебни планинарски куќарки и ние се сместивме во една од нив. Интересно беше на оваа висина слична на висината на нашиот Титов Врв на Шар планина да гледаме бујна вегетација и високи дрва.
Наредниот ден продолживме низ втората климатска зона составена од ниски растенија и грмушки (moorland) која се протегаше до вториот дом во кој ја поминавме втората ноќ на Килиманџаро – Хоромбо на 3720 метри надморска височина. По патот цело време врнеше дожд и поголем дел од времето одевме покриени со кабаници, а кога пристигнавме околу домот имаше густа магла. По патот се разминувавме со бројни носачи кои носеа тешки вреќи и ранци на грбот или на глава, како дел од разни други експедиции и со кои се поздравуваме со познатиот поздрав Џамбо.
Откако колку толку се исушивме и преспавме, наредниот ден тргнавме кон наредната цел – планинарскиот дом Кибо на 4700 метри надморска висина. Патеката до овој дом проаѓа низ третата климатска зона на планината – високопланинската пустина, предел во кој има малку врнежи и поради големата висина нема вегетација, освен по некоја тревка, грмушка или трн. И во поголемиот дел од ова искачување врнеше силен дожд и бевме приморани да се движиме целосно покриени со кабаници. Нашиот водич Пол ни кажа дека ако врне дожд, тоа е благослов, а ако грее сонце, тоа е среќа. Рече дека ќе се помоли за сонце за наредните денови. Како што и наредниот ден истураше дожд, го замоливме повеќе да не се моли Бевме “благословени” со дожд сите 5 денови додека бевме на планината.
Пристигнавме во домот Кибо доцна попладнето, прилично накиснати и со водени чизми. Во домовите нема никакво греење, па навистина претставуваше проблем да се исушиме и да најдеме сува облека за понатаму, но сите некако се снаоѓавме и ги користевме преостанатите резерви сува облека од големите транспортни торби и вреќи кои ги носеа нашите носачи. На оваа висина од 4700 метри кај некои членови на групата почнаа да се јавуваат и првите симптоми на висинска болест, но за среќа ништо сериозно.
Немавме многу време за припреми и одмор, бидејќи станувањето беше предвидено за 11 часот вечерта, со цел да заминеме кон врвот некаде по 12 часот на полноќ. Следуваше четвртата климатска зона на Килиманџаро – арктичката, позната по ниските температури, карпестиот предел, снегот и глечерите. По неколку часовен одмор станавме, се облековме, ги запаливме челните ламби и тргнавме кон врвот.
Темпото беше малку споро, прилагодено кон постарите и помалку спремните членови на групата, но исто така и одлично за полесно прилагодување на организмот на големата висина. Над нас како змија нагоре се извиваше трага од светлина од бројните светла на челните ламби на луѓето кои се движеа пред нас, во рамките на другите експедиции кои исто така тргнаа кон врвот. Следуваше најтешкиот дел од искачувањето – се движиме на висина над 5000 метри кадешто се посилно се чувстува големата висина, треба да искачиме вкупно 1200 метри надморска висина, а потоа треба да слезиме до домот Хоромбо на 3700 метри, што е повеќе од 2 километри подолу во висина од врвот, односно околу 16 часови непрекинато пешачење, со мал одмор на врвот и кај домот Кибо при враќањето назад. Светилките над нас постојано одеа нагоре, таман ќе помислиш дека стигнале до работ на кратерот, и продолжуваш накај нив, забележуваш дека тие заминале уште погоре, и така со саати.
Иако кај сите веројатно постоеја сомнежи дали секој од нас ќе успее, на големо задоволство сите продолжија нагоре и никој не се откажа! Како што се движевме нагоре, теренот се менуваше, беше доста стрмен и карпест, а имаше и свежо наврнат снег, но за среќа не се лизгаше многу, освен на неколку места кои внимателно ги поминавме. За цело време нашите танзаниски водичи и носачи не бодреа со разговори, помагаа кај некои од планинарите со повремено носење на ранците, пееја песни, кажуваа разни смешки и вицеви и на тој начин го одржуваа оптимизмот во групата. Најчесто се слушаше Хакуна Матата (не бери гајле) и Поле-Поле како главен совет за движењето нагоре (во превод: Полека-Полека) – се шегувавме дека ете има сличности меѓу Свахили јазикот и Македонскиот јазик. Пополека се разденуваше и бевме сведоци на прекрасно изгрејсонце над облаците и карпите покриени со снег на Гилманс поинт на 5685 метри.
Следуваше последниот дел од етапата, односно последните 210 метри до врвот, преку Стела поинт. Тука чекорите некако станаа полесни, веројатно поради еуфоријата заради близината на врвот и толку блиското остварување на долго очекуваната цел – искачување на Ухури на 5895 метри над морето!
Од врвот имаше прекрасни глетки, а бевме во можност да ги видиме и познатите снегови и глечери на Килиманџаро, за кои своевремено пишуваше и Ернест Хемингвеј:
По задолжителното честитање и бројните фотографии на врвот за да се овековечи моментот, тргнавме надолу и по повеќе часови слегување пристигнавме до домот Хоромбо кадешто ја поминавме ноќта, а наредниот ден по исто така повеќечасовно слегување пристигнавме до точката од која и тргнавме – Портата Марангу, кадешто се разделивме од нашите водичи и носачи и се почастивме со локалното пиво Килиманџаро, како што е редот
По враќањето во хотелот во Аруша следуваше свечена вечера и доделување на сертификатите за успешното искачување на врвот:
Наредните два денови ги поминавме во сафари во националните паркови езерото Мањара и кратерот Нгоронгоро, кадешто имавме шанса да се запознаеме со дивиот свет на Танзанија, а посетивме и едно село на племето Масаи, а потоа успешно се вративме во нашата Македонија, полни со впечатоци од ова возбудливо и несекојдневно патување./
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Екологија
Час за планетата Земја: Исклучете ги светлата точно во 20.30 часот
Во рамките на кампањата „Часот на планетата Земја“ ширум светот, од 20:30 до 21:30 часот ќе биде исклучено светлото, јавното и украсното осветлување на еден час. Ова е една од најголемите планетарни иницијативи за зачувување на природата и животната средина, која е поддржана од 190 земји.
Акцијата „Час на планетата“ започна во Сиднеј во 2007 година и секоја година добиваше се поголема поддршка низ светот. Еден час се исклучува јавното осветлување каде што е можно, украсното осветлување, се гасат светилките во компаниите, како и во домаќинствата.
Се проценува дека во тој час светот заштедува од 10 до 12 проценти од електричната енергија. Акцијата повикува на рационална потрошувачка на енергија, но целта на вклучувањето во акција е многу поширока. Пораката е да се сврти вниманието кон потрошувачката на природните ресурси.
Од Светската организација за природа истакнуваат дека и годинава нема многу отстапување од минатогодишниот концепт. Светската организација за заштита на природата располага со податоци за состојбата со природните ресурси, флората и фауната. А тие податоци се загрижувачки. Природните ресурси што планетата ги обновува за да ги користиме за период од една година, ние ги трошиме уште во првата половина од годината.
За тоа сведочи нашиот пристап кон природата, девастацијата на шумите, трошењето вода, сето тоа за да ја претвориме земјата во земјоделско земјиште и да добиеме храна. Потоа фрламе околу 40 отсто од храната произведена во светот.
Решенијата се во човекот и треба да почнеме да размислуваме за тоа дека оваа планета треба да им ја оставиме на генерациите што доаѓаат и да се однесуваме поодговорно. Да почнеме да размислуваме дека не сме единствените на планетата, е пораката на оваа глобална акција.
Екологија
Јапонија воведува билети за искачување на планината Фуџи
Почнувајќи од ова лето, посетителите на планината Фуџи ќе треба да платат за да пешачат една од маршрутите нагоре по познатата планина.
Јапонската влада одлучи да воведе нови ограничувања за посетителите на една од нејзините главни атракции во обид да го заштити местото од прекумерен туризам.
Планината Фуџи доживеа бум во бројот на посетители, што со себе донесе загриженост за прекумерното количество фрлено ѓубре и загрозената безбедност на планинарите. За да помогнат во чистењето на планината и зачувување на нејзината животна средина, јапонските власти воведоа такса и дневна капа за посетителите долж најпопуларната патека.
Почнувајќи од ова лето, поточно на 1 јули 2024 година, посетителите на планината Фуџи ќе мора да платат за да пешачат една од маршрутите долж познатата планина. Патеката Јошида е најпопуларното искачување поради неговиот лесен пристап од Токио и зачестеноста на планинските колиби на патот кои нудат сместување и оброци.
Јапонската префектурална влада Јаманаши, која ги надгледува планинарските активности на светското наследство на УНЕСКО, сметаше дека е неопходно да воведе патарина за заштита на животната средина. Исто така, со цел да се намали гужвата, ќе се применува дневен лимит на бројот на луѓе на кои им е дозволено да се искачуваат на планината преку патеката Јошида.
Ќе бидат дозволени 4.000 планинари дневно. 70 дена во годината, колку трае летната сезона на качување. Дополнително, забрането ќе биде искачувањето на планината во периодот од 16:00 до 02:00 часот.
Според извештаите од јапонската влада, патеката Јошида минатата година забележала „невиден број“ планинари, а сличен број се очекува и оваа година. Во 2023 година вкупно 221.322 планинари се искачиле на планината Фуџи, а повеќе од половина одлучиле да го користат самата патека.Јошида.
Зголемувањето на бројот на посетители доведе до таложење на фрлено ѓубре покрај патеката, како и до сообраќаен метеж што резултираше со несреќи и повреди. Исто така, постои загриженост за неискусните планинари кои се обидуваат да ја поминат патеката и се наоѓаат во тешкотии во близина на врвот каде што има помалку капацитети.
Официјалните лица се уште не откриваат колкава ќе биде таксата, но велат дека сумата ќе биде објавена наскоро. Планот е да се постави капија на влезот на патеката Јошида каде ќе се наплаќаат патарини. Властите велат дека приходите ќе бидат искористени за изградба на засолништа долж патеката за употреба во случај на вулканска ерупција и за одржување на патеката за пешачење.
Од 2014 година, планинарите кои се искачуваат на планината Фуџи преку која било од нејзините рути се охрабруваат доброволно да платат 1.000 јуани (6,2 евра) по лице за да го зачуваат местото.
Оваа популарна рута започнува на петтата станица на Фуџи Субару, обезбедувајќи пристапен почеток на авантурата. Патувањето до врвот на планината обично трае помеѓу пет и седум часа и се протега на околу шест километри, што ја прави оваа патека совршена за оние кои бараат предизвик, но и достапна за широк спектар на планинари.
Искачувањето до планината Фуџи е особено магично поради можноста да се доживее изгрејсонцето од врвот, што многумина го сметаат за врв на нивната посета. По должината на патеката, планинарите можат да се восхитуваат на бројни светилишта и симболи на јапонската култура, уживајќи во комбинацијата на природни чуда и културно наследство. Глетките од планината се спектакуларни, особено погледот кон кратерот и околните пејзажи.
По исцрпувачкото, но задоволувачко искачување, планинарите често се релаксираат во локалните ресторани каде што можат да пробаат традиционални јапонски јадења, како и термални бањи кои се совршени за обновување на мускулите. Пешачењето на планината Фуџи преку патеката Јошида е искуство кое комбинира физички предизвик, духовно збогатување и интимно искуство со природата, оставајќи траен впечаток на секој што ќе се осмели да се впушти во оваа авантура.
Екологија
Инфлуенсери копаат по контејнери и го продаваат пронајденото
Иако за многу луѓе ширум светот копањето по контејнери е единствениот начин да преживеат, се чини дека на социјалните мрежи се појави нов феномен каде што се поголем број на инфлуенсери „копаат“ во контејнери – а тоа е тренд познат како „дампсер дајвинг“ (нуркање на контејнери).
Овој тренд се однесува на луѓе, главно инфлуенсери кои откако ќе „копаат“ низ контејнерите, покажуваат што пронашле во нив – од козметика до дизајнерски работи.
На социјалната мрежа ТикТок има голем број видеа во кои корисниците влегуваат во контејнери зад големи продавници во потрага по употребливи предмети. И хаштагот #DumpsterDiving има повеќе од 4,4 милијарди прегледи на ТикТок, што дополнително ја потврдува неговата популарност.
Иако поголемиот дел од таквите инфлуенсери денес живеат со препродажба на овие артикли, тие дури ја подигнуваат свеста за непотребното создавање отпад, бидејќи различните малопродажни корпорации секојдневно уништуваат стотици илјади употребливи производи.
Тифани Шири, ТикТокерка од Тексас од Америка, има три милиони следбеници на кои им ги покажува своите пребарувања по работи во контејнерите зад американските продавници за малопродажба. Почнала да „нурка во контејнер“ на крајот на 2017 година, а токму тогаш пронашла шминка и разни производи вредни 1.200 долари. Набрзо сфатила дека ваквото хоби може да ѝ донесе огромен профит – а останатото е историја. Таа моментално со овој тренд заработува и до 1.000 долари неделно, а благодарение на препродажбата на пронајдените производи, Тифани живее удобен живот.
Солти Стела е уште една ТикТокерка, која моментално има повеќе од 1,2 милиони следбеници. Живее и од препродажба на предмети од контејнери, но многу е лута што ја фрла употребливата храна. Од сокови, грицки, супи, тестенини и газирани пијалоци, често сите во еден контејнер.
Ана Сакс, Тиктокерка од Њујорк, која има повеќе од 400.000 следбеници, на платформата е позната како „Трешвокер“. Таа често споделува видеа од фрлени производи што ги наоѓа, а често наоѓа дизајнерски чанти, скапи палта, фотоапарати и козметика за жени.
Таа често привлекува внимание на отпадот во нејзиниот град и им предлага на сите на интернет да донираат или рециклираат стоки наместо да ги фрлаат. Таа повика и на создавање закон со кој продавниците ќе се обврзат да не ги фрлаат средствата за хигиена, туку да ги донираат во прифатилишта за бездомници.
Трендот „Dampster diving“ е легален во Америка, па затоа е одржлива практика која не само што заработува пари, туку и го намалува отпадот. Со споделување на нивните искуства поврзани со овој тренд, инфлуенсерите ги инспирираат другите да размислуваат за влијанието на нивната потрошувачка и навики врз животната средина.
Сепак, важно е да се напомене дека „Dampster diving“ не е решение за горливиот проблем со отпадот.