Скопје
Булеварите и улиците во Скопје проодни, се чистат тротоарите

Сите булевари и магистрални улици кои се во надлежност на Град Скопје се проодни, а екипите на ЈП „Комунална хигиена” во понеделник изутрина работат на расчистување на тротоарите.
Од Град Скопје информираат дека екипите на зимската служба во неделата вечер, 28ми декември, продолжија со активностите за расчистување на снегот од градските булевари и улици, при што се фрлени 145 тони сол. До попладнето пак, поточно до 17:30 часот на булеварите и магистрални улици беа фрлени над 200 тони сол.
Во понеделник изутрина поголем број на автобуски линии на ЈСП функционираат на скратена траса, и тоа:
– 11Т.Центар – с.Рашче (До пругата Ѓ.П.)
– 17А нас. Островска – Касарна Илинден (До Панда)
– 21 Транспортен Центар – с.Бардовци (Не оди за конак)
– 47 Т.Центар – с.Љубанци (До Радишани)
– 47А Т.Центар – с.Љуботен (До обиколница Љуботенски Пат)
– 55 Т.Центар – с.Арачиново (Пред с. Арачиново)
– 56 Т.Центар – с.Бојане (До расадник)
– 56А Т.Центар – с.Копаницa (До подвозник)
– 58А Т.Центар – с.Добри Дол (До Кисела Вода)
– Т.Центар – с.Брзовец (До Кисела Вода)
– 58 Т.Центар – с.Св.Петка (До Кисела Вода)
– 59 Карпош 3 – Гр. Бутел – К. Бара (До коцката)
– 60 Т.Центар – Г.Матка (До с.Глумово)
– 61 Т.Центар – с.Побожје (До Каменолом)
– 64А Т.Центар – с.Кучково (До с.Волково)
– 65 Т.Центар – с. Раштак (До с. Стајковци)
– 65г Стајковци – с.Виниче (До с.Црешево)
– 67 Т.Центар – с. Зелениково,Н.Село,Страхојадица ( за Н.Село до Зелениково)
– 68 Т.Центар – с. Сушица (Не оди за с.Винце)
– 71 Центар- с. Бањани (До с.Мирковци по коцката)
– 74 Т.Центар – Д. Количани,Г.Количани (До дрвара Драчево)
– 81 Т.Центар – Чучер – Блаце (До с.Чучер)
– Транспортен Центар – Милениумски Крст (воопшто не сообраќа)
Градот Скопје потсетува дека во негова надлежност се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.
Градот апелира до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на приодите до нивните објекти, а на возачите им препорачува да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Аеродром првпат ја реконструира водоводната мрежа на улицата 2 во Долно Лисиче

Општина Аеродром отпочна целосна реконструкција на водоводната мрежа на улица „2“ во Долно Лисиче, со што преку реализација на овој значаен проект конечно се решава повеќедеценискиот проблем со водоснабдувањето на жителите во овој дел од Аеродром, известува Општината.
„Станува збор за клучна улица во должина од околу 1300 метри со вкупно 109 приклучоци и можност за нови приклучувања на оваа мрежа.
Реконструкцијата опфаќа замена на старите и дотраени цевки со дијаметар од 80 милиметри со нови и современи цевки со дијаметар од 225 милиметри.
Старата водоводна мрежа со години предизвикуваше загуби на притисокот поради што дел од потрошувачите во одредени периоди од денот често остануваа без вода.
Токму со замената на цевките ваквиот проблем ќе замине во историјата, а жителите на овој дел од Долно Лисиче конечно ќе имаат непречен пристап до вода.
Исто така, со реконструкцијата ќе бидат поставени и 15 пожарни хидранти по должината на целата улица, со што се зголемува безбедноста во случај на појава на пожари и други непогоди“, се наведува во соопштението на општина Аеродром.
Македонија
Пуштен во употреба теренот на фудбалскиот стадион во Илинден

Со одигрување фудбалски натпревар беше пуштен во употреба теренот на фудбалскиот стадион во општина Илинден. Капитална инвестиција што ја реализираше Општина Илинден во соработка со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Овој проект претставува едно од најзначајните инфраструктурни вложувања во спортот на локално ниво и е симбол на континуираниот развој на општината.
Стадионот е изграден согласно сите современи стандарди за одржување на фудбалски натпревари, вклучително и критериумите на УЕФА. Тој е дел од развојниот план на Општина Илинден и од предизборната програма на градоначалникот Александар Георгиевски, што претставува уште едно целосно исполнето ветување.
На отворањето присуствуваше градоначалник Георгиевски, заедно со претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, пратеничката Драгана Бојковска, како и директори и советници. Градоначалникот во своето обраќање гордо истакна дека со отворање на новиот стадион, Илинден добива повеќе од само спортски објект – добива центар за заедништво, младински развој и спортски дух.
„Илинден доби модерен фудбалски стадион, изграден по сите европски стандарди. Ова не е само терен, туку симбол за посветеноста кон младите, спортот и иднината на нашата општина“, истакна градоначалникот Георгиевски.
Проектот опфати комплетна реконструкција и проширување на фудбалскиот терен со поставување на нова вештачка трева и нова заштитна ограда, како и изградба на систем за дренажа и одводнување, со што ќе се добие професионална подлога за одржување на фудбалските натпревари. Во следната фаза ќе биде изградена нова трибина со капацитет од 1100 гледачи, како и нови административни и технички простории, соблекувални и стадионско осветлување. Исто така, ќе се изградат паркинг места, а хортикултурно ќе биде уреден и просторот околу стадионот.
Илинден доби спортски капацитет со кој ќе се задоволат потребите на пошироката заедница. А општината ќе продолжи да вложува во унапредување на спортско-рекреативните капацитети, со што ќе се поттикне здравиот начин на живот помеѓу младите.
Македонија
Општинa Ѓорче Петров: Нови услови и спортска сала за учениците во Хром

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, изврши увид во тековните градежни активности во ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ во населбата Хром, каде се реализира значајна инвестиција од 1.500.000 денари за унапредување на образовната инфраструктура.
„Во рамките на проектот се изведуваат работи на нов влез со пристапна рампа, скали и патека, адаптација на простор за нова трпезарија и кујна, реновирање на стариот дел од училиштето, проширување на ходниците и санација на оштетените делови од кровот.
За првпат во историјата, ова училиште доби и спортска сала, што ќе овозможи подобри услови за развој на спортските активности и здрав начин на живот кај учениците“, велат од Општината.
Градоначалникот Стојкоски истакна дека унапредувањето на образовната инфраструктура останува еден од главните приоритети на општината и дека летово ќе продолжат активностите и во останатите училишта на територијата на Општина Ѓорче Петров.
„Секое дете заслужува услови достојни за раст и учење. Со оваа инвестиција и натаму го остваруваме нашиот план за обезбедување современи и безбедни училишта, во кои децата ќе имаат можност да се развиваат во здрави и квалитетни услови“, рече градоначалникот.
Општина Ѓорче Петров продолжува со сериозна и одговорна работа, за иднината на најмладите граѓани.