Европа
Русија сака западно посредување во Украина

Русија со задоволство ќе му препушти на Западот поголема улога во решавањето на украинскиот судир, изјави во четвртокот рускиот претседател Владимир Путин, а истовремено руското министерство за надворешни работи повторно реагираше на испраќањето странски војници во Украина.
„Во овој момент улогата на сите одговорни членки на меѓународната заедница се зголемува, особено на оние кои имаат вистинско влијание врз украинското раководство“, изјави рускиот претседател Владимир Путин по разговорите во Москва со италијанскиот премиер Матео Ренци, кој, пак, од своја страна порача дека Италија може да помогне во надминувањето на украинскиот судир со своето искуство во децентрализацијата.
Децентрализацијата, имено, е една од точките на мировниот договор потпишан на 12-ти февруари во белоруската престолнина Минск од страна на челниците на Украина, Русија, Германија и Франција, и предвидува поголема самостојност на регионите, во прв ред на одметнатите доминантно рускојазични региони Донецк и Луганск, каде од ланскиот април траат судирите со украинската армија во кои според ОН загинале повеќе од шест илјади луѓе.
Путин притоа додаде дека украинскиот конфликт може да биде надминат само доколку сите страни се придржуваат до договорот од Минск. Тој повтори дека е неопходно власта во Киев да започне директни преговори со рускојазичните бунтовници од истокот на земјата.
Според Путин, разговорите со Ренци околу надминувањето на кризата во Украина, која би требало да доведе и до затоплување на крајно нарушените односи на Европската унија и Русија, биле „пријателски и конструктивни“.
Натамошниот развој на односите е во интерес, како на Русија така и на ЕУ, додаде Путин. „Нашиот разговор беше многу корисен, во вистинско време со оглед на моменталната ситуација во Европа и светот во целина. Разговаравме за билатералните односи меѓу Русија и Европската унија, во полза на нивниот натамошен развој, што објективно е во интерес на Русија и на земјите членки на ЕУ“, рече Путин додавајќи дека двајцата челници размениле мислења во врска со кризата во Украина.
Италијанскиот премиер кој претходно во средата во Киев разговараше со украинскиот претседател Петро Порошенко, изјави дека е подготвен да стори сé што е можно за да се олесни постигнувањето на траен мир. И во Москва и во Киев Ренци изјави дека Италија на Украина ќе и’ помогне со советите за децентрализацијата, имајќи предвид дека германофонското население во италијанскиот регион Јужен Тирол ужива автономија. „Ние сме експерти за тоа“, порача./крај/мф/сн
Извор: РИА Новости
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин