Регион
Француски европратеник смета дека независноста на Косово е „историска грешка“
Париз направил историска грешка со признавањето на Косово, изјави францускиот европратеник Емерик Шопрад, пренесуваат српските медиуми.
Шопрад навел дека НАТО со војната против Србија го потврдил сепаратизмот на Албанците, и дека Европската унија (ЕУ) ја следела американската политика. Францускиот европратеник, кој неодамна пред надворешнополитичката комисија на Европскиот парламент (ЕП) јавно проговори за страдањата на Србите на Косово, изјавил за белградски Новости дека Косово никогаш нема да може да влезе во ЕУ поради тоа што е „легло на криминалот и сноси одговорност за етничкото чистење на Србите и другото неалбанско население“.
„За жал, сево ова е продолжување на она што се случуваше во 1999 година, од времето на нелегалната војна на НАТО против Србија, чија цел беше да се потврди сепаратизмот на Албанците на Косово, кои од демографска причина станаа мнозинство на оваа територија. Што се однесува до ЕУ, таа ја следеше американската политика“, вели функционерот на француската партија од крајната десница Национален фронт (FN).
Според него, од сето тоа главно профитирале САД, бидејќи Србија е православна земја, историски блиска до Русија и е регионална сила.
„Распаѓањето на Југославија имаше цел да го ослаби српскиот народ во полза на другите нации. Зад правата на малцинствата се кријат стратешки интереси, американски, но и германски“, истакнува Шопрад.
Тој додава дека има многу различни модели околу тоа како треба да биде решен статусот на Косово, како што е, на пример, силната автономија на Западна Сахара во сувереното Мароко.
Во секој случај, нагласува европратеникот, Косово со своите специфичности треба да остане покраина во составот на Србија.
„Логиката на независност води во ќорсокак. Пред сé, поради тоа што Албанците на Косово имаат мафијашка економија која главно ја одржуваат преку шверцот, нешто во што можев да се уверам за време на посетите пред неколку години. А ова е многу опасно, и за локалното население и за ЕУ, доколку сака да го интегрира овој регион“, вели францускиот европратеник./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Со фантомка и оружје македонски државјанин ограбил пет кладилници и пошта во Србија, полицијата го уапси
Полицијата во Краљево уапсила 44-годишен маж од Македонија, под сомнение дека ограбил пет кладилници и пошта соопшти денеска локалната полициска управа, пренесе „Н1“.
Во соопштението се наведува дека В.Г. е осомничен дека на територијата на Краљево влегувал во објекти на кладилници и пошти со фантомка на главата и, со закана со пиштол, одзел повеќе од 700.000 динари.
Во станот на осомничениот, полицијата пронашла дел од парите, фантомка и реплика на пиштол која, како што се сомнева, ја користел при извршувањето на кривичните дела.
Тој се товари за пет кривични дела разбојништво, одредено му е задржување до 48 часа и ќе биде приведен во Обвинителството, соопшти Полициската управа во Краљево.
Регион
Епстин бил заинтересиран да ја купи „Титовата вила“ во Њујорк
Во документите за починатиот сексуален престапник Џефри Епстин, кои неодамна ги објави американското Министерство за правда, се споменува и Србија. Имено, Епстин бил заинтересиран за купување на една од најстарите вили во Њујорк, сместена на Петтата авенија – зградата на поранешна СФРЈ, позната како „Титовата вила“, пишува „Блиц“.
Овој архитектонски бисер се појавува во преписката што Епстин ја водел на 10 декември 2018 година. Меѓу документите има и електронска порака испратена до Епстин со 26 фотографии од вилата, план на просториите и извадок од текст објавен во „Њујорк пост“ во 2017 година, со наслов: „За 50 милиони долари можете да станете сопственик на последната вила од златното доба на Менхетен“.
Утрото на 10 декември 2018 година, Епстин примил е-пошта од Дејвид Мичел, долгогодишен инвеститор и финансиски експерт.
„Голем пожар во зградата што ја разгледувавме, Мисијата на Србија на Петтата авенија 854. Можеби сега е добро време за понуда, ако сте заинтересирани“, стои во пораката.
Според објавените документи, комуникацијата продолжила преку СМС-пораки. Епстин на двајца соговорници, чии имиња се затемнети, им испратил линк до текст од „Њујорк пост“ за пожарот во вилата во сопственост на Мисијата на Србија.
„Амбасадата на Србија?“, прашал Епстин, на што добил одговор: „Мојата мисија јави.“
„Можеби цената сега ќе биде пореална“, напишал Епстин.
„Значително пореална“, добил одговор, со напомена: „Но треба да се пресметаат и трошоците за обнова.“
Вилата на крајот била продадена, но дури четири години подоцна – во 2022 година.
„Новиот сопственик купи значаен дел од историјата на Њујорк“, изјавил тогаш Тристан Харпер, агент на компанијата „Даглас Елиман“, која ја реализирала продажбата.
Харпер додал дека претседателот на поранешна СФРЈ, Јосип Броз Тито, „иако комунист, имал многу добар вкус за недвижности“. Според агентот, вилата првпат била понудена на продажба во 2017 година. Во јуни 2021 година било објавено дека е примена готовинска понуда од 50 милиони долари и дека државите-наследнички постигнале согласност за продажба.
Врз основа на Договорот за прашањата на сукцесијата, на Србија ѝ припаднале нешто помалку од 40 проценти од износот добиен од продажбата на зградата на постојаната мисија во Њујорк.
Според претходно објавениот оглас за продажба, вилата се простира на четири ката и има уште два кровни ката, вкупно 18 соби, шест бањи и вински подрум. Станува збор за првата зграда со два електрични лифта, кои и денес се во функција. Во неа е зачуван оригиналниот ентериер, а од 1969 година е под заштита на државата и градот Њујорк.
Наводно, за време на Студената војна, кога таму престојувал и Тито, на врвот постоела просторија што не можела да се прислушува, а прозорците кон Петтата авенија биле непробојни. Зградата, која со децении главно била недопрена, во моментот на продажбата немала централна климатизација, а гасот бил исклучен по пожарот.
Регион
Од денеска во Бугарија задолжително плаќање во евра, левот излегува од употреба
Од денеска, 1 февруари, еврото станува единствена официјална валута во Бугарија, додека левот повеќе нема да биде прифатлив за плаќање на стоки, услуги и обврски, соопшти Министерството за финансии на Бугарија.
Според законот за воведување на еврото во Бугарија, цените на стоките и услугите и понатаму ќе бидат истакнати во двете валути до 8 август 2026 година, со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречат шпекулативни практики, јавија бугарските медиуми.
Граѓаните на Бугарија кои и понатаму поседуваат левови можат бесплатно да ги заменат во банките и во „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година, додека Националната банка на Бугарија (БНБ) ќе обезбеди бесплатна и неограничена замена на левовите во евра и по тој датум.
Министерството за финансии потсетува дека трговците веќе немаат обврска да примаат левови, а кусурот во секоја трансакција се враќа исклучиво во евра.
Бугарија на 1 јануари 2026 година официјално го воведе еврото и стана 21-ва членка на еврозоната, точно 19 години по влезот во Европската унија.

