Регион
Тринаесет уапсени за нападот врз Управата за безбедност во Истанбул
Жената којашто го изврши нападот во средата врз стражарите пред Управата за безбедност во турската метропола Истанбул, може да е вклучена во пукањето врз полициско возило во јануари на плоштадот Таксим, а во врска со овие инциденти веќе се приведени 13 лица меѓу кои можеби се и директните соучесници на ликвидираната терористка, објави во средата навечер приватната новинска агенција Дogan повикувајќи се на извори во безбедносните служби.
На 30-ти јануари Елиф Сутлан Калсен отвори оган врз патролно полициско возило, при што користела автомат и пиштол од рачно производство. Во нападот немаше настрадани припадници на полицијата, но напаѓачката успеа да побегне. Жената која е застрелана во средата, можеби е Калсен, според една од опциите коишто ги разгледува истрагата, обидувајќи се да го утврди идентитетот на загинатото лице според отпечатоците од прстите.
Според прецизираните податоци, во нападот на Управата за безбедност полесно се повредени двајца полицајци, кои во моментот на нападот излегувале на улица. Тие отвориле оган откако една жена фрлила граната кон нив. Според соопштението на полицијата, „напаѓачката имала кај себе автомат, две рачни гранати и пиштол“.
Претходно медиумите јавија дека соучесникот на жената во нападот кој е квалификуван како терористички напад и кој успеал да избега, бил ранет и откриен. Подоцна беше потврдено дека жената во моментот на нападот немала помагачи.
Уапсените може да се од групата студенти кои дошле пред зградата на Управата за безбедност за да изразат поддршка на пријателите кои учествувале во еден од неодамнешните протести во Истанбул и биле приведени. Вкупно се приведени 13 луѓе, пишува агенцијата.
Очевидци на денешниот напад велат дека терористката имала помош можеби и од четворица соучесници, кои не учествувале непосредно во нападот, туку го координирале. Не е исклучени тие да се измешале во групата студенти која протестирала, пишува Dogan.
Изминатите два дена Истанбул беше потресен од неколку инциденти. Прво во вторникот државниот обвинител Мехмет Селим Кираз, кој беше тешко ранет во полициската акција со којашто во вторникот навечер беше завршена повеќечасовната заложничка драма, доцна вечерта им подлегна на повредите. Тој ја водеше истрагата за смртта на 15-годишниот Беркин Елван, кој почина во 2014 година по речиси деветмесечна кома, откако во летото 2013 година беше погоден во главата од полициски патрон со солзавец истрелан при антивладините протести во истанбулскиот парк Гези. Тој беше земен во заложништво од двајца активисти на забранетата турска екстремна левичарска група Револуционерен фронт за народно ослободува (DHKP-C), кои беа убиени во текот на полициската акција.
Во средата претпладне, пак, полицијата уапси вооружен маж кој упадна во седиштето на турската владејачка Партија на правдата и развојот (AKP) во предградие на Истанбул, ги избрка сите присутни во објектот а преку еден од искршените прозорци го истакна турското национално знаме со дополнителен мотив – бела сабја. За овој инцидент./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Албанија на суд поради ВИ министерката: Актерка ја тужи владата за злоупотреба на нејзиниот лик
Албанската министерка – првиот виртуелен државен функционер во светот, би можела да остане без својот препознатлив лик, откако актерката врз чии карактеристики е создаден дигиталниот аватар поднесе тужба против Владата на Албанија.
Премиерот Еди Рама во август 2025 година најави можност за именување министер или премиер заснован на вештачка интелигенција, а веќе во септември беше претставена Диела – вештачка функционерка задолжена за борба против корупцијата во јавните набавки.
Диела претходно беше позната како чат-бот на државниот портал e-Albania, а нејзиниот дигитален лик и глас биле креирани според актерката Анила Биша, врз основа на договор кој истекол на 31 декември 2025 година. Откако Диела добила министерска функција, нејзиниот лик бил прикажан и во обраќање до парламентот што се пренесувало низ целиот свет.
Според локалните медиуми, Биша поднела тужба против Владата, премиерот, приватната компанија која учествувала во проектот и Националната агенција за информациско општество (AKSHI). Таа тврди дека владата продолжила да го користи нејзиниот лик и по истекот на договорот, и надвор од дозволената намена, која била ограничена само на платформата e-Albania.
Во судските документи, Биша бара итна забрана за натамошна употреба на нејзиниот лик додека трае судскиот процес, наведувајќи дека неовластеното користење ѝ нанело значителна и непоправлива штета.
Во претходен телевизиски настап, Биша изјавила дека за потребите на системот снимала обемни аудио и видео материјали за ограничен временски период и за симболичен надомест, но никогаш не дала согласност за други форми на користење.
Портпаролката на албанската влада, Мањола Хаса, изјави дека Албанија е демократска држава во која граѓаните имаат право да покренат судски постапки против институциите. Таа додаде дека владата смета дека тужбата е неоснована, но е подготвена спорот да се реши пред суд, пренесе „Политико“.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.
Регион
(Видео) Тепачка во турскиот парламент додека новиот министер за правда полагаше заклетва
Во турскиот парламент изби тепачка меѓу пратениците на владејачката АКП и опозициската ЦХП за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек.
Инцидентот настанал кога опозициски пратеници се обиделе да го спречат Гурлек да се заколне, по што дошло до туркање и физичка пресметка. Седницата била прекината околу 15 минути.
Гурлек на крајот ја положил заклетвата, додека опозицијата фрлала копии од Уставот кон претседателот на парламентот.
ЦХП оцени дека неговото назначување е удар врз демократијата, додека АКП тврди дека постапката е во согласност со Уставот.

