Свет
Ајатолахот Хамнеи го потврди изборот на Ахмадинеџад
Врховниот духовен водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи во денешната проповед изјавил дека народот го избрал оној на кој му верувал и дека немало лажирање на минатонеделните претседателски избори
Западните медиуми денеска ја пренесоа информацијата дека ајатолахот Али Хамнеи при своето денешно обраќање на техеранскиот универзитет истакнал дека изборите одржани на 12- јуни ја потврдиле довербата што иранскиот народ ја има во исламската власт. При што ајатолахот нагласил дека тоа најдобро се гледа од високата излезност на избирачите од 85 отсто. „… Некои од приврзаниците на претседателските кандидати мора да знаат дека Исламската Република не мами“, рекол Хамнеи според France Presse, при што отфрлил секоја можност на изборна измама затоа што разликата во гласовите меѓу победникот Махмуд Ахмадинеџад и неговиот против кандидат Мирхосеин Мусави изнесувала 11 милиони гласови. Хамнеи додал и дека е противник на протестите и дека нема да прифати никавки, какошто рекол, незаконски иницијативи. Тој повторил дека позициите на избраниот Ахамдинеџад му се поблиски отколку на другите претседателски кандидати. Хамнеи не ја пропуштил приликата да спомене дека надворешните и внатрешите непријатели на Иран со протести и сомнежот за регуларните избори всушност ги навредиле основите на исламското општество.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Столтенберг: „Војната во Украина можеше да се избегне“
Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, откри дека руската инвазија на Украина можеше да се спречи, но дека поддршката на Алијансата дојде како „премногу мала, предоцна“.
Зборувајќи во интервју за РСЕ/РЛ на 7 ноември, тој, исто така, вели дека за време на неговиот мандат се плашел дека НАТО може да се распадне.
Столтенберг се присети на напнатиот телефонски повик што го добил од украинскиот претседател Володимир Зеленски во февруари 2022 година, додека руските тенкови се приближуваа кон Киев.
„Зеленски ми се јави од бункерот. Побара НАТО да го затвори небото и да ги запре руските авиони, беспилотни летала и хеликоптери. Ми рече: „Знам дека НАТО може да го направи тоа, вие веќе го направивте тоа“, рече Столтенберг.
Како што истакна, ако го стореа тоа, ќе започнаа целосна војна меѓу НАТО и Русија.
„Ќе моравме да ги уништиме руските системи за воздушна одбрана во Белорусија и Русија и да собориме руски авиони. Како што рече тогаш претседателот Бајден – „нема да ризикуваме трета светска војна поради Украина“, додаде Столтенберг.
Столтенберг, кој го водеше НАТО од 2014 до 2024 година, ги опиша раните реакции на алијансата на инвазијата како длабоко конфликтни.
„На 24 февруари 2022 година донесовме две одлуки: да ја зголемиме поддршката за Украина и да спречиме ширење на војната надвор од нејзините граници. Овие цели беа фундаментално контрадикторни. Ако нашата единствена цел беше победата на Украина, ќе испраќавме војници и авиони. Не го направивме ова за да избегнеме директна војна меѓу НАТО и Русија“, рече Столтенберг.
Столтенберг верува дека посилната воена поддршка за Украина по руската анексија на Крим во 2014 година би можела да го одврати Путин од започнување на инвазија од големи размери.
„Нашата поддршка дојде предоцна и беше премногу слаба. Се плашевме да ја провоцираме Русија, но Русија сепак изврши инвазија“, додаде тој.
Сега, како норвешки министер за финансии, Столтенберг истакнува дека Русија може да се согласи на преговори само со зајакнување на Украина на фронтот.
„Не можеме да го предомисли Путин, тој сака контрола врз Украина. Но, можеме да ја промениме неговата пресметка. Ако цената стане превисока, тој би можел да седне на преговарачка маса. Зеленски понуди разговори за прекин на огнот, но Путин ги отфрли. Мораме да ја направиме Украина посилна на бојното поле“, додаде Столтенберг.
Свет
Каиро и Москва го продлабочуваат партнерството: нови чекори во нуклеарниот и во индустрискиот сектор
Египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси ја нагласи вредноста на односите на неговата земја со Русија за време на средбата со секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу, во Каиро, соопшти египетската претседателска канцеларија.
За време на разговорот, како што е наведено, Сиси му пренесе поздрави на рускиот претседател Владимир Путин и ја нагласи важноста од подобрување на билатералните односи во клучните сектори – енергетика, индустрија и инфраструктура. Особено внимание беше посветено на градежните проекти на руската индустриска зона во близина на Суецкиот Канал и нуклеарната централа „Ел Даба“.
Двете страни детаљно ги разгледаа перспективите за реализација на овие проекти, кои, како што е најавено, дополнително би можеле да ја зајакнат економската и технолошката соработка меѓу Египет и Русија.
Шојгу потсети дека инсталацијата на реакторот во првиот блок на нуклеарната централа „Ел Даба“ е закажана за 19 ноември. Тој изрази надеж за успешно завршување на церемонијата на поставување и истакна дека речиси 3.500 египетски работници биле вклучени во изградбата.
Проектот „Ел Даба“, имплементиран од руската државна компанија „Росатом“, претставува прва нуклеарна централа во Египет и еден од најголемите заеднички инфраструктурни проекти на Москва и Каиро во последните неколку децении.
Регион
Бугарија ја зголемува безбедноста во рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас пред преземањето
Бугарија ја зајакнува безбедноста на копно, вода и во воздух, вклучително и системот за заштита од дронови, во објектите на „Лукоил“ на своја територија пред планираното преземање на фабриката, објави денес бугарската влада.
Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) денес влезе во канцелариите на компанијата „Лукоил“ во земјата и во рафинеријата во Бургас и почна со инспекции, објави Бугарското национално радио (БНР).
Според соопштението на кабинетот, во Бургас се распоредени единици на воена полиција и системи против дронови, а Министерството за внатрешни работи спроведува зголемени контроли на сите возила што влегуваат во периметарот на објектот, вклучително и проверки за експлозивни направи.
Владата во Софија наведува дека мерките се исклучиво превентивни и имаат цел да ја зачуваат безбедноста на енергетските објекти означени како критична инфраструктура, објавува „Ројтерс“.
В петок бугарскиот парламент усвои измени на Законот за административното регулирање на економските активности поврзани со нафта и нафтени производи, со кои се даваат вонредни овластувања на идниот специјален менаџер на компанијата „Лукоил“ во таа земја, пишуваат медиумите.
Врз основа на новите овластувања управителот ќе може да ја продаде рафинеријата во Бургас, а рускиот „Лукоил“, кој досега управуваше со рафинеријата, повеќе нема да има право на глас, ниту можност за жалба на одлуката за преземање.
Американските и британските санкции против руските енергетски гиганти „Лукоил“ и „Роснефт“, воведени минатиот месец поради војната во Украина, извршија притисок врз владите на земјите членки на Европската Унија кои продолжуваат да зависат од руските деривати.
Бугарската рафинерија во Бургас е од стратешко значење за снабдувањето со гориво во регионот, а властите во Софија стравуваат од можни прекини во синџирите на снабдување доколку дојде до целосен прекин на работењето на „Лукоил“, според написите.
Министерот за економија Петар Дилов изрази верување дека Бугарија, како и Унгарија, ќе добие ослободување од американските санкции за рафинеријата „Лукоил“.
Според него, Бугарија, за разлика од Унгарија, не работи со руска нафта повеќе од една година.
Фото: принтскрин

