Регион
Ердоган: Најголемиот купувач на нафта од IS e Сириец со руско државјанство
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави во четвртокот како одговор на руските обвинувања дека членови од неговото семејство се вмешани во нелегалното купување на нафта од терористичката група Исламска држава, дека најголем купувач на нафта од споменатата екстремна сунитска организација е бизнисмен од Сирија, кој наводно имал и руско државјанство.
„Најголемиот купувач на нафта од Исламската држава, е сопственикот на руски и сириски пасоши, Џорџ Хашрави, тој ја продава нафтата и на сирискиот режим, таа информација ја соопшти министерството за финансии на САД“, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во говорот во Анкара на конгресот на синдикатите. Ердоган вети дека турските власти ќе приложат докази за неговото учество во тој бизнис, пренесуваат турските медиуми во четвртокот.
Министерството за финансии на САД на 25-ти ноември објави дека на листата на лица кои се санкционирани го ставила извесен бизнисмен Џорџ Хасуани, обвинувајќи ја неговата компанија „HESCO Engineering and Construction Cо“ дека продава нафта на владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад и на други страни кои не се наведени, којашто ја купува од Исламската држава. Според сознанијата на американското министерство за финансии, Хасуани имал сириско и руско државјанство, што не е потврдено. Ердоган најверојатно мислел на ова лица, претпоставуваат медиумите.
Турскиот претседател, исто така, пред синдикатите повторно вети дека ќе поднесе оставка на должноста доколку Русија обезбеди докази дека властите во Турција се вмешани во купувањето нафта која Исламската држава ја краде од нафтоносните полиња и рафинерии во Сирија и Ирак.
Руското министерство за одбрана во средата на брифинг со новинарите во Москва презентираше сателитски и авионски снимки и разузнавачки податоци за кои тврди дека докажуваат оти блиски луѓе на турскиот претседател Ердоган организирано и масовно превезуваат огромни количества нафта преку сириско-труската граница која ја продава на црниот пазар Исламската држава.
Такви обвинувања искажа и шефот на разузнавањето на „умерената“ сириска бунтовничка група Слободна сириска армија (FSA), генерал-мајорот Хосам ал-Авак, кој тврди дека поседува документација и договори дека Турција купува нафта од џихадистите, како и оти води друг вид трговија.
Американскиот Стејт департмент, соопшти дека руските материјални не ги смета за доказ и оти „не гледа директна вмешаност“ и оти на турскиот претседател или негови блиски во илегалната трговија со нафта, но истовремено призна дека дел нафтата што ја шверцува Исламската држава навистина минува низ границата со Турција и оти може да влегува на локалниот пазар./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ја уби својата партнерка, па нејзиното тело го скри во замрзнувач: српската полиција го фати 43-годишниот убиец
Полицијата во Лесковац го уапси Д. Д. (43) од Печењевац, осомничен за тешко убиство на својата 36-годишна партнерка. Тој е осомничен дека ја убил на 2 ноември во семејната куќа по што избегал. Одреден му е притвор до 48 часа и ќе биде приведен во Вишото јавно обвинителство во Лесковац со кривична пријава, пишува српски „Телеграф“.
Злосторството што ја потресе Србија беше откриено кога полицијата го пронајде телото на Катарина Глигориевиќ скриено во замрзнувач. Нејзиниот вонбрачен партнер Далибор Демировиќ веднаш беше осомничен за убиството.
Во времето на бегство Демировиќ наводно бил во домашен притвор со електронски мониторинг за друго кривично дело.
Тој бил ставен во домашен притвор за напад врз службено лице, полицаец, врз кого наводно фрлил ограда од тераса. Сепак, локалните жители се сомневаат во оваа верзија.
фото: принтскрин
Регион
Прогласена четиридневна жалост по трагедијата во Тузла
Тузла е обвиена во тага по вчерашниот пожар во дом за стари лица, во кој животот го загубија 11 мина. Поради оваа голема трагедија, една од најголемите во поновата историја на градот, градоначалникот Зијад Лугавиќ прогласи четиридневна жалост, што почнува денес, пишува „Кликс.ба“.
Голем број луѓе добиле со полесни и тешки повреди во пожарот. Според последните информации, 15 пациенти сè уште се во болница. Состојбата на четворица од повредените е исклучително сериозна и тие се поврзани на респиратори.
Со одлука на градоначалникот, денови на жалост во Тузла ќе бидат денес, утре, сабота и недела. Во овој период јавноста треба да се придржува до пропишаните правила. Четврток е прогласен за ден на жалост на ниво на Федерацијата на Босна и Херцеговина и округот Брчко.
фото: принтскрин
Регион
Бугарија се подготвува за продажба на рафинеријата на „Лукоил“
Партијата ГЕРБ во Бугарија планира да предложи закон што ќе му овозможи на специјален администратор да ја спроведе продажбата на рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас, најголемиот објект за преработка на нафта во земјата.
Иницијативата доаѓа во време кога САД и Велика Британија воведоа нови санкции против руските нафтени компании, вклучувајќи го и „Лукоил“, поради војната во Украина.
Законот, како што објави денес локалниот бугарски медиум „Медијапул“, ќе му овозможи на специјалниот администратор да го преземе надзорот врз рафинеријата во Бургас и да донесува одлуки за продажбата, без право на рускиот сопственик да ја блокира одлуката, да ја оспори или да влијае на процесот, што би овозможило промена на сопственичката структура на рафинеријата и зачувување на нејзиното работење според новите услови на меѓународни санкции, пренесе „Б92“.
Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов изјави дека постои логика во ова решение и најави дека нацрт-законот ќе биде доставен до парламентот.
Целта е да се обезбеди непречено функционирање на клучната енергетска инфраструктура во земјата почитувајќи го режимот на санкции од Западот, објавува „Ројтерс“.
Рафинеријата во Бургас, со капацитет од речиси 190.000 барели дневно, е од стратешко значење за снабдувањето на Бугарија и делови од регионот.
Владата на Софија објави дека е во постојан контакт со американските институции за да може работењето на рафинеријата да продолжи и покрај санкциите.
„Лукоил“ веќе се соочува со тешкотии во меѓународните операции поради ограничувања што влијаат на логистиката, трговијата и финансиските текови.
Компанијата, според изворите, имала проблеми со товарење во Ирак, пумпни станици во Финска и со тргување во Швајцарија.
Министерството за финансии на САД издаде привремена дозвола, што им овозможува на компаниите да ги прекинат постојните трансакции со „Лукоил“ до 21 ноември.

