Свет
Standard & Poor's го намали рејтингот на Грција

Агенцијата за кредитни рејтинзи Standard & Poor’s го намали во петокот навечер кредитниот рејтинг на Грција од „Б“ на „Б-“, а долгорочниот и краткорочниот рејтинг на земјата остануваат на листата за ревизија со можно снижување, и предупреди дека ограничувањата за ликвидноста на грчките банки ќе го ограничи и времето со коешто располага новата владата во разговорите со меѓународните кредитори, се вели во соопштението на агенцијата.
Челникот на коалицијата на грчката радикална левица Сириза, премиерот Алексис Ципрас, победи на 25-ти јануари на предвремените парламентарни избори со ветувањата дека ќе ги отфрли непопуларните мерки за штедење на кои Грција се согласи за меѓународната заедница да ѝ отпише стотина милијарди евра долг од приватните доверители и ѝ даде пакет помош во износ од 240 милијарди долари.
„Намалувањето на рејтингот на Грција се должи на нашата загриженоста во врска со недостигот од ликвидноста со кој се соочуваат грчките банки и економијата на земјата, што ја намали временската рамка за постигнување договор за владината програма за финансиската помош со странските кредитори ЕУ, Европскиот механизам за финансиска стабилност, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд“, се наведува во соопштението на Standard & Poor`s.
Според аналитичарите, одложувањето на преговорите со кредиторите може да доведе до уште помасовно повлекување на депозитите од грчките банки, што ќе изврши дополнителен притисок врз финансиската стабилноста на Грција. „Во најлош случај, не е исклучено воведување на контрола на движењето на капиталот, што потенцијално би можело да доведе до исклучување на Грција од еврозоната“,истакнуваат од Standard & Poor`s.
Во четвртокот новиот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис уверуваше дека неговата земја ќе стори се’ што е можно за да го спречи банкротот на земјата. Според министерот, за оваа цел Атина разработила привремена антикризна програма до крајот на мај.
И покрај турнејата по европските престолнини и барањето поддршка за отпишување на долгот, судејќи според се’ Грција останува изолирана во еврозоната. Покрај тоа, Европската централна банка одлучи да им забрани на грчките банки со грчките државни обврзници да се служат како колатерал за заеми од неа, додека не се создаде можност за договор за програмата за помош.
„Иако новоизбраната грчка влада на власт е помалку од две седмици, веруваме дека нејзините ограничени резерви и се’ поблиската исплата на кредиторите, ја ограничуваат нејзината преговарачка флексибилност“, се додава во соопштението./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.
Економија
Скок на берзите по објавата на Трамп за стопирање на царините

Берзите силно растат по објавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, за стопирање на царините.
Брз поглед на тоа како некои клучни индекси на Волстрит пораснале:
Dow Jones порасна за 5,76 отсто
S&P 500 порасна за 6,46 отсто
Nasdaq порасна за 8,04 отсто
Од вчерашното затворање на пазарот, омпаниите од S&P 500 изгубија пазарна вредност од 5,8 трилиони долари од објавувањето на тарифите на Трамп минатата среда. Тоа е најдлабоката загуба од четири дена од основањето на индексот во 1950-тите, според податоците на „ЛСЕГ“.
Економија
Германија тврди дека трговската војна би била штетна и за САД

Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, предупреди на опасностите од трговската војна со Соединетите Американски Држави, а сега слично предупредување доаѓа и од Германија.
Германија, најголемата европска економија и трета по големина во светот според податоците на Светската банка, предупредува дека реципрочните тарифи ќе бидат штетни за сите инволвирани страни пред објавувањето на новите царини подоцна денеска од страна на Трамп.
„Трошоците за трговска војна не паѓаат само на едната страна, туку може да станат скапи за двете страни“, рече владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Тој додаде дека Берлин е „подготвен да преговара на европско ниво со Соединетите Американски Држави“ за да не биде вовлечен во трговска војна.
Германската економија е многу зависна од извозот, особено од возилата и автоделовите. Според податоците на германската влада, минатата година биле извезени приближно 3,4 милиони нови автомобили, од кои околу 13 проценти биле увезени во САД.