Надворешна политика
Митов: Бугарија е гарант за независноста и територијалниот интегритет на Македонија
Бугарскиот министер за надворешни работи Даниел Митов порачал дека Бугарија е една од земјите кои на Македонија и даваат најголема поддршка и дека таа е и ќе остане гарант за независноста и територијалниот интегритет на својот западен сосед.
„Добро се познати сите премрежија низ кои помина Република Македонија на патот кон воспоставување и зајакнување на нејзината државна независност и суверенитет. Цело ова време токму Бугарија беше земјата која даваше најголемата поддршка за независноста на Република Македонија и стана гарант за нејзиниот територијален интегритет. Потсетуваме дека Бугарија беше земјата која прва ја призна Република Македонија и оваа одлука беше клучна за стабилноста во Југоисточна Европа“, стои во изјавата на Митов, објавена на веб страната на бугарското Министерство за надворешни работи.
Шефот на бугарската дипломатија исто така упатил и критики до неговиот руски колега Сергеј Лавров, кој во средата во говор во рускиот Парламент изјави дека случувањата во Македонија произлегуваат од желбата на да се влијае врз македонската влада во приклучувањето на санкциите кон Русија како и поддршката за проектот „Турски тек“.
„Стабилноста на сите земји од Југоисточна Европа е од огромно значење за нас и обидите на земји надвор од регионот за нејзиното поткопување преку слични сугестии треба да бидат прекинати. Бугарија ќе продолжи да биде гарант за независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија и во тоа не може да има никакво сомнение“, порачал Митов./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.