Европа
Словачка ќе бара вонреден самит на ЕУ поради нападите врз жени во Европа и интерниот полициски извештај
Словачкиот премиер Роберт Фицо ќе побара одржување вонреден самит на челниците на Европската унија по низата напади во градови во Германија во текот на прославата на Новата година, пренесува Reuters кој истакнува дека германската канцеларка Ангела Меркел поради „ниските и криминални дела кон жените кои заслужуваат презир“ ќе побара решителен одговор, а германскито медиуми го објавија интерниот извештај на полицијата во Келн кој е контрадикторен со официјалниот.
Откако и во Хелсинки во текот на новогодишната ноќ е регистриран невообичаено висок број сексуални напади врз жени за кои се обвинети имигранти, повеќето Ирачани, и признанијата на финската полиција дека станува збор за „потполно нов феномен“ во нивниот главен град, и во Шведска се истражуваат неколку кривични пријави за сексуално злоставување во текот на прославата на Новата година.
Полицијата во југоисточниот шведски град Калмар потврдила дека истражува најмалку осум пријави за сексуални напади над 15 девојки на возраст меѓу 16 и 20 година, за што се приведени двајца имигранти родени 1983 и 1996 година.
Пријави за сексуални напади врз жени се пријавени и ден претходно и во австриски Салцбург и во швајцарски Цирих, а портпаролката на полицијата во австрискиот град Валери Хилдебранд изјави дека случаите за коишто се известува во Германија ги охрабриле и жртвите во Австрија да ги пријават таквите случаи, пренесува AFP.
Германската полиција досега примила повеќе од 200 тужби, повеќето од сексуална природа, вклучително и две силувања коишто ги извршиле мажи со „северноафриканско и арапско потекло“, според жртвите кои сведочат дека ги опколиле, сексуално ги нападнале и ги ограбиле.
Германската канцеларка Ангела Меркел, инаку жестоко критикувана за политиката на отворени граници за имигрантите и бегалците поради што во 2015-та година во Германија влегле 1,1 милион баратели на азил најмногу во Европа и пет пати повеќе отколку во текот на претходната година, го изрази својот гнев поради нападите во Келн,и побара соодветен сеопфатен одговор на ситуацијата.
„Тоа се подли криминални дела коишто го заслужуваат сиот презир, и кои Германија нема да ги дозволи“, порача Меркел, изразувајќи загриженост поради таквите ставови на омраза кон жените „во делови од општествените групи“.
Во специјален полициски извештај за интерна употреба, кој агенцијата DPA го добила на увид, се истакнува дека во Келн полицијата толку била запрепастена од толкавата голема толпа мажи (повеќе од илјада) коишто на Нова година во центарот на градот сториле голем број сексуални деликти и кражби, и оти се стравувало дека ситуацијата може да резултира со „сериозни повредувања или дури и смртни исходи“.
Недоволниот број полицајци и недостигот од соодветна опрема создале атмосфера на „опстанок на најспособните“ во кој групите, главно странски мажи, физички им попречувале на полицајците да ги штитат жените, се истакнува во споменатиот извештај.
Интерниот полициски извештај во многу е противречен со полициското соопштение коешто полицијата на Келн го објави на 1-ви јануари, а во кој наведе дека новогодишната ноќ минала „мирно“. Подоцна, речиси пет дена по инцидентот, под притисокот на локалните медиуми кои пренесуваа сведочења од очевидци и од жртвите на нападите, беше објавено дека се пријавени случаи на „сексуално злоставување, грабежи и едно силување“, но со далеку помали бројки на пријави отколку што беа соопштени во петокот, 8-ми јануари.
Така, во петокот полицијата потврди дека во врска со сексуалните напади спроведува истрага во моментов над 16 мажи. Соопшти, исто така, дека ја истражува можноста за поврзаност со група криминалци од северна Африка, за којашто полицијата знаела веќе 18 месеци.
Во петокот вечерта Spiegel Online објави дека германската полиција добила околу 200 пријави за кривични дела сторени во центарот на Келн на новогодишната ноќ, и оти главно станува збор за пријави од жени со тужби за сексуално вознемирување.
Во меѓувреме, како што пишува интернет ресурсот на познатиот германски весник, полицијата успеала да лоцира многу од мобилните телефони коишто биле украдени во текот на прославата пред Келнската катедрала и централната железничка станица, кога толпа од илјада мажи се поделила во помали групи кои ги издвојувале од масата жените и ги опколувала.
Околу 50 пријави обработува и полицијата во Хамбург, а пријави за слични инциденти има и во Берлин и во Штутгарт, но засега е непознато дали тие се меѓусебно поврзани.
Словачкиот минситер Роберт Фицо смета дека челниците на ЕУ ќе мораат по итна постапка да одобрат формирање на европска гранична и крајбрежна стража. „Основното решение е да се запре приливот на мигранти во ЕУ“, рече Фицо и додаде дека поради настаните кои се случуваат во Европа треба да се реагира соодветно.
Како и во некои свои претходни нстапи, словачкиот премиер повторно оценува дека постои врска меѓу мигрантите и тероризмот, како и со новогодишните напади врз жените во повеќе германски и друи европски градови.
„Не можам да не повторам дека ни врз основа на задолжителните квоти, па дури и со доброволниот придонес не можеме да дозволиме во Словачка да дојдат неколку илјади мигранти наеднаш… Не е можна природна интеграција, што се покажа во други земји на ЕУ“, смета Фицо кој потенцира дека осомничените за нападите вез жените се главно имигранти, што го потврдуваат и информациите на разузнавачките служби.
Претхоидно во четвртокот Фицо изјави дека доколку нападите во Париз не успеале „да им ги отворат очи“ на Словаците, тогаш тоа ќе го сторат инцидентите во Германија. „Тие случувања треба да бидат одговор за оние кои велат дека мигрантите со поинаква религија може да бидат лесно интегрирани. Не можат, тоа едноставно не функционира…. безбедносните ризици притоа се огромни“, заклучи словачкиот премиер./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

