Филм
„Лазар“ – филм за будењето на емпатијата
Новиот македонски игран филм „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски, кој е и автор на сценариото, ќе биде прикажан во понеделник вечер во 20 часот во киното „Милениум“.
На прес-конференција посветена на скопската премиера на „Лазар“ на Светозар Ристовски, покрај режисерот гстуваа и директорот на фотографија Дејан Димевски и Атанас Герогиев, која ја работеше монтажата, од Хрватска, за премиерата на Скопје филм фестивал пристигна и Ведран Живолиќ, кој ја толкува насловната улога. Режисерот Ристовски, рече дека презел ризик ангажирајќи го Ведран за насловната улога и е задоволен од резултатот.„Кога го подготвував сценариото имав замисла за главниот лик и не секогаш е тоа профилиран актер. Ликовите и на Марко и на Ведран идеално одговараа за улогите, беше ризичен, но благороден потег, затоа што овие актери идеално се вклопија во ликовите“, рече Ристовски.Актерот Ведран Живолиќ рече дека овој филм за него е животно искуство, што никогаш нема да го заборави.„Голем ризик презеде Свето со тоа што ме ангажираше, особено заради јазикот, мораше да ја играм улогата на македонски јазик. Ќе му бидам благодарен до крајот на животот, ова беше за мене едно големо искуство, голема школа и не го кажувам ова куртуазно, туку навистина така мислам, имаме одличен филм, одлично сценарио и екипа“, вели Живолиќ. За тоа како се одлучил токму за вакво сценарио, Ристовски рече дека приказната со шверц на луѓе, кај нас не е непозната и трае веќе десетина години. „Роден сум во Велес и бев сведок на последиците на општествениот колапс што се случи со транзицијата. Цела моја генерација остана без перспективаи многумина влегоа во криминални структури и се изнаслушав многу такви приказни. Лазар е слика на она што се случува во Македонија, тоа е една емотивна слика на она што е будењето на емпатијата, на создавањето на совеста, на будењето на хуманизмот. Филмот го поставува прашањето за тоа каде е границата меѓу емпатијата и себичносноста, себичноста која е тренд на денешното време на глобализација“, рече РистовскиДиректорот на фотографија Дејан Димевски рече дека ова е прва соработка на игран филм со Светозар Ристовски, иако работат на пректи уште од студентски денови. „Уште од почетокот, кога се договаравме за структурата, бојата, валерите на тонови, за атмсферата на филмот, се согласивме дека камерата треба да ја поддржува нарацијата на филмот. Филмот е многу храбро направен, има масовна сцена со 3.000 учесници, која е снимена за 8 часа, потоа има малку светло заради автентичноста на просторот и времето на дејствието“, рече Димевски./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ана Василевска во Битола ќе ја промовира книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“
„Дискретниот шарм на македонскиот филм“ – книгата на македонската филмска критичарка, Ана Василевска, со капучино и пладневна дружба пристигнува во Битола.
Промоцијата на нејзиното дело ќе се одржи денеска во 12 часот во кафулето „Порта џез“, а промотор е критичарот Влатко Галевски.
Книгата којашто е во издание на „Македоника“ е сублимиран приказ на состојбите во нашата кинематографија од осамостојувањето на Македонија до 2021 година, односно опфаќа три децении македонска продукција.
Ана Василевска, родена во Скопје во 1975 година е новинар, филмски теоретичар, критичар. Формалното образование го стекнува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како дипломиран филолог по македонски јазик со општа и компаративна книжевност, а магистерските студии по филмска и телевизиска режија, на Факултетот за аудиовизуелна уметност „ЕСРА“, Скопје.
Со професионално новинарство, насочено кон културата, со посебен фокус кон филмот се занимава од 1998 година. Автор е на стотици објави на рецензии, осврти, интервјуа, анализи и критики поврзани со филмот, пласирани во бројни печатени и електронски медиуми. Била уредник на ревијата за филм на првото електронско списание во Македонија, „Блесок“. Селектор и модератор на ревијалната програма „Мак поинт“ на ИФФК „Браќа Манаки“ во периодот од 2016 до 2019 година. Работела и како лице задолжено за односи со јавноста на бројни филмски проекти во македонска продукција.
Иницирала, организирала и модерирала низа тематски трибини за македонскиот филм. Уметнички координатор е на првата манифестација за преглед на годишната филмска продукција, „Златна рамка“, денови на македонски филм 2019- 2023 година. Медиуми во кои работела: Македонска телевизија, Дневник, Форум, Макфакс, Радио Равел, А1 он, Нова ТВ веб и други. „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е нејзина прва објавена книга.
Култура
„Браќа Манаки“: „Состојба на умот“ од кинематограферот Душан Кардалевски и во режија на Александра Кардалевска денеска во киното „Манаки“
„Состојба на умот“, штотуку го почна своето фестивалско патување, досега имаше повеќе од 15 селекции и две награди за најдобра кинематографија за Душан Кардалевски на фестивали во Романија и Бразил.
Краткометражниот филм „Состојба на умот“ (Frame of Mind) ќе биде прикажан денеска во 17 часот во киното „Манаки“ како дел официјалната краткометражна програма во компетиција за наградата „Златна камера 300“.
„Состојба на умот“ штотуку го почна своето фестивалско патување, досега имаше повеќе од 15 селекции и две награди за најдобра кинематографија за Душан Кардалевски на фестивали во Романија и Бразил.
„Чест е да се има ова дело на токму ваков фестивал што ги вреднува кинематографските квалитети, кои веќе беа забележани во други земји. Филмот зборува за едноставна, но универзална приказна, за љубовта, загубата…“, велат авторите.
На денешната краткометражна програма ќе бидат прикажани и „Вистинската вистина за борбата“ на Алана Мехија Гонзалес, „Овца“ на Адиб Собхани. „Оддалечување“ Петер Колањи и „Добро момче“ на Кинан Масарани.
По проекциите, публиката ќе има можност за дискусија (Q&A).
Култура
Европски филмови на плажа и на брод во Охрид секоја вечер до недела – „Живи и здрави“ го отвори 7. издание на „Бич филм фестивал“
Под отворено небо, филмот „Живи и Здрави“ на црногорскиот режисер, Иван Мариновиќ, синоќа го отвори седмото издание на фестивалот „Бич филм фестивал“ на плажата Славија во Охрид, кој ќе трае до недела.
Филмот кој на комичен и сатиричен начин ја раскажа приказната за една традиционална црногорска свадба која целосно излегува од контрола, успеа да ги изнасмее од срце присутните на плажата, но истовремено и да отвори бројни теми како што се бракот, патријархот, личните дилеми, бегството и прифаќањето на себе си, а најпосле и на реалноста.
На проекцијата присуствуваше дел од екипата, како и режисерот Мариновиќ, со кои потоа публиката имаше можност да ги сподели впечатоците од филмското дело и да се запознае подобро.
Филмот е мнозински црногорски филм снимен во копродукција со уште пет држави, меѓу кои и Македонија. Партнери во филмската копродукција се „Адриатик вестерн“ од Црна Гора, „Сенс продукција“ од Србија, „Аналог вижн“ од Чешка, „Кинорама“ од Хрватска, „Круг филм“ од Македонија“ и „Спок филм“ од Словенија, а како копродуцент се појавува и Радиотелевизија Црна Гора. Музиката во филмот е на Тони Китановски, а дел од актерската екипа е македонскиот актер, Никола Ристановски кој беше беспрекорен во својата улога.
Фестивалското отворање го донесе и краткиот филм „Шарац“ по сценарио и режија на Димитар Банов кој присуствуваше на настанот.
Во центарот на приказната е Шарац, кој по откривањето на неговата срцева состојба ја губи волјата за социјален живот. Сепак се’ се менува кога ќе се соочи со пријателите од средношколските денови… Во дискусијата по проекцијата беше истакнато и дека Шарац истовремено претставува и почеток на кампањата на Здружението за едукација, промоција и заштита на здравствените и човековите права „Биди Човек“ за благосостојба низ целиот животен век.
Интересна беше и проекцијата на краткометражниот „Гнев“ – изработен од млади филмски ентузијасти на работилница за филм во рамките на фестивалот. Фокусирајќи се на присуството на казината и обложувалниците на секој чекор во градот, филмот направи интересна паралела помеѓу звуците на слот машините и блескавите излози со забавниот адреналински парк, создавајќи гнев кај младиот човек кој чувствува потреба да побегне.
Фестивалската вечер ја збогати настапот на македонска поп-рок-инди-џез група Sioto Jazz (Сиот тој џез) кои останаа на сцената подолго од предиденото на барање на публиката.
„Бич филм фестивал“ до недела ќе се одржува на четири локации во Охрид: Плажа Славија, Брод Армада, Плажа Сараиште и Младински Центар Охрид. Важно е да се напомене и дека за бродот „Армада“ билетите може да се купат само онлајн.
Во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филмови: Rodeo, Summer to come, Afire, Milk, Some birds и Pelican.
Покрај главната програма, на фестивалот дополително ќе бидат претставени и 13 краткометражни филмови, вклучувајќи и на Ана Јакимска, Елеонора Венинова и Јане Спасиќ.
Оваа година четиричленото жири, кое се состои од Julián Génisson (во соработка со шпанската амбасада), Karla Šola, Agim Abdula и Jenńi Ƶyĺka (во соработка со Гете институт), ќе ги додели наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски-Сидо“ за најдобро актерско остварување. Тричленото жири, пак, во состав Ѓоко Симјаноски, Веле Митаноски и Свето Стефановски, ќе ја додели наградата „Мал бран“ за најдобар краткометражен филм.