Регион
Директорот на косовската полиција уапсен во Србија по потерница за тероризам
Српската полиција го уапсила високиот функционер на косовската полиција, 40-годишниот Нехат Тачи од Урошевац, врз основа на потерница од Вишиот суд од Ниш поради тероризам, потврди во четвртокот српското министерство за внатрешни работи.
Нихат Тачи, како што се наведува во соопштението, бил уапсен во средата вечерта околу 20 часот на административниот премин Кончуљ, при влегување на територијата на Србија. Врз основа на решението на Вишиот суд во Ниш од 2010 година, за одредување мерка притвор, Тачи е спроведен во притвор, според соопштението на министерството за внатрешни работи на Србија.
Според јавниот сервис Радио-телевизија Србија, Тачи е директор на Полицијата на Косово за регионот на Косовска Митровица.
Апсењето на Тачи за агенцијата Бета го потврдил портпаролот на косовската полиција, Даут Хоџа, според кого, пак, косовскиот полициски функционер бил уапсен доцна ноќта кон четвртокот, по полноќ, на преминот Бела кај Бујановац, како и дека патувал во „една западноевропска земја, со автомобил преку територијата на Србија“. Портпаролот не можел да ги наведе причините поради кои Тачи е уапсен, освен дека имаат сознание дека во текот на денот треба да биде сослушан во Основниот суд во Ниш.
Според сознанијата на регионалната телевизија TV N1, Нехат Тачи е уапсен на барање на српските правосудни власти од април 2009 година.
„Според барањето за спроведување истрага на Окружното јавно обвинителство во Приштина, истражниот судија донел на 23-ти април 2009 година решение за спроведување истрага против осомничените Т.А и Н.Т, поради основано сомнение дека извршиле кривично дело тероризам“, изјавиле за TV N1 во нишкото обвинителство повикувајќи се на Кривичниот законик на Србија.
Истражен судија на Вишиот суд во Ниш од 17-ти септември 2010 година донел решение со кои на осомничените им се одредува притвор и издал наредба за распишување потерница, о Вишиот суд во декември истата година донел решение за прекин на истражната постапка, бидејќи лицата против кои е покрената истрагата „не им се достапни на државните органи на Србија“.
Засега нема повеќе поединости за ова апсење на висок косовски полициски функционер, ниту за конкретните дела за кои се товари Нехат Тачи./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Убиен син на хрватски пејач во Еквадор: го застрелале две лица на мотор, го убиле со четири куршуми
Томислав Зеленчиќ (48), хрватски државјанин, е убиен во вооружен напад во Манта, во провинцијата Манаби во Еквадор, што го прави четврта жртва во регионот во последните три дена. Зеленчиќ, кој живееше во тој град повеќе од 20 години, беше убиен во напад во вторникот, на 26 ноември, во 10 часот, во близина на неговиот дом во населбата Јоцај.
Според изјавите на сведоците, жртвата се движела по тротоарот во близина на неговата куќа, а нападот го извршиле две лица на мотор. Напаѓачите, според еквадорските медиуми, испукале најмалку четири куршуми кон Томислав Зеленчиќ пред да побегнат. Тешко повредениот Хрват останал да лежи на улицата во локва крв. Соседите и роднините со приватно возило го пренеле во болницата „ИЕСС Манта“, каде што и покрај напорите на медицинскиот персонал, набргу починал. Полицијата излегла на местото на настанот за прибирање докази. Телото е пренесено на судска медицина во Манта за понатамошна обдукција. Мотивот за нападот сè уште не е познат, а властите почнале интензивна истрага за откривање на сторителите.
„Јутарњи лист“ пишува дека Зеленчиќ е син на пејачот Инослав (Ино) Зеленчиќ, основач на групата „Задар експрес“. Пред многу години Томислав се преселил во Панама, каде што работел на рибарски бродови, по што се преселил во Еквадор. Еквадорските медиуми објавија и дека Зеленчиќ во 2016 година поднел пријава за грабеж, кој набргу бил решен.
Регион
Почина 13-годишното девојче кое падна од шести кат од зграда во Мостар
Почина тринаесетгодишното девојче кое падна од балконот на шестиот кат во зграда во Мостар.
Информација за „Аваз“ ја потврдил Људевит Мариќ, портпарол на полицискиот оддел на МУП на Херцеговско-неретванскиот кантон.
Инцидентот бил пријавен во полиција во 14 часот и 30 минути, а на лице место бил спроведен увид, предводен од дежурниот кантонален обвинител на Обвинителството на Херцеговско-неретванскиот кантон.
Како што беше речено, преземени се сите потребни истражни дејствија за целосно расветлување на сите околности на овој настан.
Во моментот на падот, според „Аваз“, девојката била сама во станот, а малку порано нејзината мајка излегла да пазари во блиската продавница.
Откако дознала за несреќата, жената доживеала шок.
Регион
Тринаесетгодишно девојче паднало од шести кат од зграда во Мостар
Тринаесетгодишно девојче е во тешка состојба откако паднало од балкон на станбена зграда во Мостар.
Таа е хоспитализирана во Универзитетската клиничка болница Мостар, пренесува Klix.ba потврда од оваа здравствена установа.
Според првичните информации како што пишува медиумот тоа се наоѓа на Одделот за анестезија, реанимација и интензивно лекување.
Според неофицијални информации, девојката паднала од шести кат.
Засега не се познати околностите за нејзиниот пад, според написите.