Црна хроника
Акциска контрола во угостителски објекти и казина, три лица приведени
Ноќва (02.04.2023) во периодот од 00.00 до 04.00 часот од страна на секторите за внатрешни работи и патролни тимови составени од полициски службеници од Одделот за униформирана полиција, спроведена е акциска контрола во угостителски објекти, казина и обложувалници на територијата на цела држава.
При контролата, со која беа опфатени 290 угостителски објекти, казина и обложувалници на триесетина локации во државата, приведени се три лица. Кај едно од нив, на подрачјето на Скопје, се пронајдени 7 пакувања со марихуана и против него ќе следува поднесок за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик. На подрачјето на Скопје се приведени и двете други лица, од кои едното по член 80 од Законот за оружје, а другото поради точење на алкохол на малолетници, по член 204 од Кривичниот законик.
За време на контролата констатирани се два прекршока од Законот за приватно обезбедување и два по Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а еден по Законот за лична карта. Од страна на надлежните инспекторати во две казина се затекнати малолетници, спротивно Законот за игри на среќа, а во два угостителски објекта и две казина се констатирани неправилности по Законот за инспекција на трудот, за што против одговорните лица ќе следуваат соодветни поднесоци. Акциските контроли во угостителски објекти и казина ќе продолжат и во наредните денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен 15-годишник во делчевско по пријава за обљуба врз малолетничка
На 28 февруари 2026 година во 14:30 часот во делчевско, полициски службеници од ОВР Делчево лишиле од слобода 15-годишник, постапувајќи по претходна пријава од 17-годишна малолетничка.
Според пријавата, откако претходно се договориле да се сретнат, тој извршил обљуба врз неа.
За настанот бил известен јавен обвинител, како и Центарот за социјална работа, а известен бил и родител на малолетникот. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Пронајдена граната од Првата светска војна во битолско село
На 28 февруари 2026 година во 09:40 часот во СВР Битола, П.С. од село Добромири, битолско, пријавил дека во дворното место пронашол стара граната.
По пријавата, на местото излегол пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, кој безбедно ја подигнал гранатата. При извршената проверка било утврдено дека станува збор за минофрлачка граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните апелираат до граѓаните доколку пронајдат сомнителни експлозивни направи веднаш да ги пријават во полиција и да не ги допираат.
Црна хроника
Тешко повреден 17-годишен мотоциклист во сообраќајка во Битола
На 28 февруари 2026 година во 14:42 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата меѓу улиците „Македонски Гемиџии“ и „Индустриска“ во Битола се случила сообраќајна несреќа меѓу товарно возило мерцедес со битолски регистарски ознаки и мотоцикл лонгиа, исто така со битолски ознаки.
Товарното возило го управувал З.В. (42) од Битола, додека мотоциклот го управувал 17-годишник од Битола.
Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола.

