Топ
Бараме да одговара и таткото на убиецот и судијката кои наместо да изразат сочувство, кукавички бришат профили, рече сестрата на Фросина на протестот во Кавадарци
Во Кавадарци е одржан протест поради смртта на Фросина.
Нејзината сестра, Росица Кулакова, порача дека ќе бара одговорност и од таткото на Васил и од судијката.
„Оној што не успеал да го воспита сопствениот наследник да ги почитува законите, да разликува добро од зло и да живее чесно, не може да бара доверба да управува со државата. Напротив, ваквите лица не смеат да добијат јавна функција. Тие треба да одговараат за своето делување, но и за криминалните постапки на своите „помлади полнолетници“. Општеството не смее да биде заложник на луѓе без морални темели, а функциите во државата не смеат да бидат засолниште за оние кои не ги почитуваат законите, ниту во својот дом, ниту надвор од него. Ние за Фросина бараме правда, не само од убиецот, бараме да одговара и татко му Зоран Јованов и судијката Даниела Алексовска Стојановска, кои не излегоа јавно да изразат сочувство за семејството, туку кукавички се кријат и бришат профили. Правда за Фросина мора да има!“, порача Росица Кулакова.
Вториот собир ќе се одржи во 17 часот, пред Универзалната сала во Скопје. Од иницијативата „Кој е следен?“ велат „случајот со Фросина Кулакова не е изолиран, се повторуваат истите случаи на неконтролирано возење со години, се повторува неказнувањето и недолжното згаснување на животи. Фрустрирани од состојбите што не се менуваат, повикуваме на изразување на граѓански револт“.
„Протестот има за цел да адресира три главни проблеми:
1. Нефункционалност на системот за заштита на децата и младите кои се во судир со законот
2. Недоволна безбедност во градовите
3. Глорификација на девијантно однесување
Алките во системот за работа со деца и млади во судир со законот не функционираат.
Институциите не настапуваат координирано за идентификување на едата и младите во судир со законите, а тие кои веќе се идентификувани не ја добиваат функционалната грижа за да се изградат во корисни и чесни граѓани на општеството. Дополнително, урбаната инфраструктура не ја осигурува потребната безбедност“, стои меѓу другото во објавата на „Кој е следен?“.
22-годишната Фросина Кулакова пред четири дена беше прегазена од дваесет годишниот Васил Јованов, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин на Партизанска.
На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.
Стотици граѓани во петокот на мирен собир запалија свеќи и положија цвеќе пред фотографијата на Фросина, а потоа маршираа до скопскиот кривичен суд каде со извалкани раце од црвена боја извикуваа „Убијци!“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Влада: Донесена е одлуката за прогласување на кризна состојба во траење од 7 дена поради неможноста за набавка на мазут
Владата на денешната редовна владина седница, на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи донесе одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата во рок од 7 дена од денот на влегување во сила на оваа одлука.
„Како што информиравме во текот на претходните денови, оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството“, велат од Владата.
Задолжителните резерви на нафтен дериват ќе се отстапат без надоместок, а АД ЕСМ за трошењето на нафтениот дериват мазут има обврска да доставува извештај со Владата и до Министерство за финансии.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Кочани нè доведе до ѕидот на срамот, од овој процес ќе зависи дали судството ќе ја стекне, или трајно ќе ја изгуби довербата на граѓаните
2025 ќе остане врежана во нашите мисли и срца како година на ужасната трагедија во Кочани. Сите ние до крајот на животот ќе ја носиме траумата од трагедијата во која загинаа 63 наши сограѓани, синови и ќерки, родители и пријатели. Со пожарот во дискотеката во Кочани на површина излезе грдото лице на стихијното одлучување, игнорирањето на процедурите, недостатокот на системска контрола, но и на културата на неказнивост и на двојни стандарди, истакна во годишното обраќање во Собранието, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Но, Кочани не беше само трагедија. Тој настан нè доведе до ѕидот на срамот, а потоа и до можноста за катарза, оти оваа трагедија не беше само чин на несреќа, туку и на системски пропусти. Толерирањето на корупцијата, несанкционирањето на криминалот и институционалната одговорност ја зголемуваат опасноста до точка на катастрофа. Во случајот на Кочани, не зборуваме само за право, туку за правда, етика и морал.
Ја разбирам болката на семејствата на настраданите, го разбирам нивниот оправдан гнев и бес. Нивните барања за вистина, за одговорност и за правда се апсолутно легитимни. Единствениот легален начин како државата може да ги задоволи легитимните барања на семејствата е преку почитување на Уставот и законите. Вонсистемското постапување не може да вроди со системски плод. Затоа, треба да ги оставиме на мир обвинителите да обвинуваат, бранителите да бранат, а судиите да судат. Партиите и политичарите треба да ги прекинат дневнополитичките препукувања на сметка на работата на судот и болката на семејствата.
Нивните најмили не можеме да ги вратиме“, кажа претседателката.
Единственото нешто што можеме да го вратиме, како што рече, е вербата дека правдата е можна во нашата држава.
„Оттука, овој судски процес е тестот врз кој ќе се оценува решеноста и подготвеноста на државата за правосудни реформи, за европско судство, за владеење на правото во реалноста, а не само декларативно, на хартија. Од овој процес ќе зависи дали судството ќе ја стекне, или трајно ќе ја изгуби довербата на македонските граѓани.
Кочани покажува дека владеењето на правото и искоренувањето на корупцијата не е техничко прашање, туку прашање на живот и смрт“, порача Сиљановска-Давкова во годишното обраќање.
Македонија
(Видео) Филипче за изјавите на Ахмети: Ако мисли да ја растура Македонија како што се фали за Југославија тоа нема да му помине
Ние имаме одличен соживот со сите наши сограѓани од сите националности во нашата партија, во раководството на партијата. Сметам дека тие барања на Али Ахмети се само за негово лично политичко поентирање. Има луѓе од другите етнички заедници нашиот мултиетнички, мултикултурен карактер нема да се смени ниту пак се негува на тој начин којшто предлага господинот Ахмети, изјави лидерот на СДСМ Венко Филипче, коментирајќи ги изјавите на лидерот на ДУИ Али Ахмети.
„Сметам дека тоа го кажува само за некаков негов политички бенефит во оваа консталација на односите. Гледам кажал ја растурил Југославија ако мисли дека вака ќе ја растури Македонија можам да порачам дека нема да победи на овој начин“, вели Филипче.
Во однос на коментарите на ВМРО-ДПМНЕ, тој порача да го гледаат сопствениот двор и со какви кадри располагаат.
„Еве гледаме за жал кадрите што ја менаџираат во овој момент државата граѓаните ги доведоа до просјачки стап. Така да тоа треба да им е работата нив, не да се занимаваат со социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Имаме многу висок критериум за извор на личности на сите позиции и практично се спремаме да наследните избори кога и да се случат власта ја врати во рацете на граѓаните“.

