Топ
Битолчанец со автомобил удрил пешак, со тешки телесни повреди е префрлен во болница

Mинистерството за внатрешни работи информира дека вчера 64-годишен битолчанец со автомобил удрил пешак, свој сограѓанин, при што тој се здобил со тешки телесни повреди.
„На 01.02.2025 во 09.26 часот во СВР Битола било пријавено дека на ул.„Генерал Васко Карангелевски“ во Битола патничко возило „фолксваген поло“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Н.А.(64), удрило во пешакот А.Б.(89), двајцата од Битола. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Клиничката болница Битола“, велат од МВР.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
САД внимателно ги следат случувањата во правосудниот систем, сакаме почитување на законот, порача Агелер

САД внимателно ги следат случувањата во правосудниот систем, изјави американската амбасадорка Анџела Агелер.
Таа нагласи дека она што сакаат да го видат е дека во сите процеси се почитува законот.
Агелер нема коментар за владиниот предлог за разрешување на Коцевски, кажа дека процесот се следи одблизу.
„Немам коментар, запознаена сум и го следиме процесот, според моите сознанија во тек е процесот согласно законските процедури и одблиску го следиме“, рече Агелер.
Појасни дека одблизу се следат и случувањата во Судскиот совет.
„Одблиску го следиме и тој процес. Очигледно со години посочуваме во однос на Судскиот совет, но и за други аспекти на правосудниот систем, постојат законски процедури и според моите сознанија тој процес е во тек и одблиску ги следиме состојбите и сакаме да видиме дека законот се почитува“, нагласи Агелер.
Економија
(Видео) Лукаревска: Наместо половични мерки, власта да ги прифати предлозите на СДСМ за намалување ДДВ за струјата и укинување кај храната

Економијата во земјата е во слободен пад, граѓаните имаат се помалку пари поради енормните поскапувања и потребно е итно заедничко делување, истакна Сања Лукаревска, пратеничка на СДСМ.
Наместо половични решенија, како што рече, бараат Владата и парламентарното мнозинство веднаш да ги прифатат предлозите на СДСМ за намалување на ДДВ за струја и укинување на ДДВ за храна.
Според неа, последната одлука да се ограничат маржите е задоцнета, половична и со суштински недостатоци.
„Замрзнувањето со ниво на цени од 1 февруари e погрешно, затоа што податоците на заводот за статистика укажуваат дека веќе во јануари има пораст на цените. Тоа значи дека се замрзнати производи со поскапи цени. Власта требаше да се врати наназад неколку месеци и како репер да ги земе тие цени а не овие покачени цени.
Дополнително, наместо да се ограничува маржата само на 102 групи на производи, треба да се опфатат сите 238 групи на производи.
Од овие причини, граѓаните нема да почувствуваат никаков ефект од овие половични и задоцнети мерки“, додава таа.
СДСМ, потсети Лукаревска, има конкретни законски решенија за стабилизација на цените и намалување на сметките за струја кои веќе се поднесени во македонското Собрание по итна постапка.
„Намалување на ДДВ за струјата на 5% струјата ќе донесе намалување на сметките за 13% веднаш! Граѓаните ќе заштедат околу 400 денари месечно на сметка од 3.000 денари! Над 600.000 домаќинства веднаш ќе добијат намалени сметки!
Со укинување на ДДВ за храна над 250 категории прехранбени производи ќе поевтинат веднаш! Ова значи директна заштеда за граѓаните од околу 2.000 денари месечно.
Со севкупна примена на сетот мерки на СДСМ и Законот за нефер трговски практики ќе се дојде до намалување на цените за 30%“.
Заштитата на стандардот на граѓаните е обврска број еден на сите пратеници во македонското собрание и затоа бараме сите пратеници од сите парламентарни партии да ги поддржат овие законски измени, оценува пратеничката на СДСМ.
Македонија
Нова кривична за Перпарим Бајрами: Закупил неадекватен деловен простор за „Лотаријата“ по цена најмалку двапати повисока од реалната

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против П.Б. во својство на директор на АД за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Р.С. Македонија поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБА И ОВЛАСТУВАЊЕ од член 353 ст.4 вв ст.1 од Кривичниот Законик.
Пријавениот П.Б во својство на директор на АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА, ја злоупотребил службената положба и овластување на начин што на 05.07.2023 година склучил договор за закуп на административно – деловен простор со правниот субјект ХЕЈ ДООЕЛ Скопје за деловни простории кои не биле адатпирани и спремни за користење за потребите на АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА по цена за м2 која е најмалку два пати повисока од реалната пазарна цена и со склучениот договор за закуп на деловни простории не биле запазени посебните услови од јавниот повик, односно, објектот е со поголема површина од бараните услови и не било опфатено дворното место кое преставува посебен услов предвиден во јавниот повик. Пријавениот предвидел посебен услов во Јавниот повик – деловниот објект (административен дел) и магацинскиот простор да се со вкупна просторна површина од најмалку 2.000 до најмногу 2.500 м2 и истиот склучил договор за закуп на објект – деловни простории со површина од 2.426 м2 иако вкупната површина на објектот по Имотен лист изнесува 2.924 м2. Со намера да го изигра посебниот услов од јавниот повик, во текот на 2024 година склучил договор за послуга за останатите 502 м2 од објектот што е предмет на закуп.
Пријавениот П.Б. иако во јавниот повик за прибирање понуди за закуп за деловни простории предвидел посебен услов понудувачот да има сопствено дворното место на објектот и да има простор за најмалку 50 паркинг места за патнички и товарни возила, истото не било опфатено во договорот за закуп склучен на 05.07.2023 година. Пријавениот склучил договор за закуп за деловни простории за 9 евра по м2 иако во тој период цената за м2 за слични објекти по намена и вид во населено место Визбегово се движела од 2.5 до 4.5 евра. Исто така, деловните простории не биле адаптирани за намената од договорот, односно, објектот – деловните простории требало да бидат реновирани и реконструирани при што за истото пријавениот предвидел и отпочнал Јавна набавка со износ од 1.300.000 евра за реновирање и реконструкција, што би претставувало дополнителен трошок за Државна лотарија. На тој начин, пријавениот П.Б. во својство на директор на АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА склучил договор за закуп на деловни простории кои не биле адекватни за потребите на Државна лотарија и за цена за м2 која е повисока од пазарните цени. По склучување на договорот за закуп на деловни простории од страна на пријавениот иако истите не биле користени од страна на АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА согласно намената од договорот за закуп, АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА на правниот субјект ХЕЈ ДООЕЛ Скопје му исплатила 24.636.045 денари.
Со горенаведените дејствија, пријавениот П.Б. предизвикал штета на буџетот на АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА по основ склучен договор за закуп на деловни простории кои не биле користени согласно намената од склучениот договор во износ од 24.636.045 денари.