Црна хроника
(Видео) Запленети над 150 килограми марихуана во товарно возило на преминот Богородица
Во рамките на заеднички оперативни активности на полициските и царинските службеници спречен е обид за меѓународен транспорт на наркотична дрога марихуана. При детаљна контрола на товарно моторно возило – камион, со скопски регистраски ознаки, извршена на граничен премин Богородица, пронајдена е и запленета значителна количина наркотична дрога марихуана за која дополнително ќе биде извршена форензича анализа и вештачење. Според првичните информации, товарното возило влегло од Косово, кое преку Македонија требало да транзитира кон Грција, со крајна дестинација Турција, соопшти МВР.
Успешната акција, како што појаснуваат во информацијата, е резултат на одличната меѓуинституционална соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Царинската управа и претставува потврда за заедничките напори во борбата против организираниот криминал и нелегалната трговија со наркотични средства за што во ноември 2024 година беше потпишан меморандум за соработка.
Истрагата, најавуваат надлежните, продолжува со цел утврдување на сите инволвирани лица и начинот на организирање на транспортот. Јавноста ќе биде навремено информирана за сите понатамошни детали од случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен поранешниот државен правобранител, Фехми Стафа, за примање поткуп од 50.000 евра за да влијае кај судија
Полициски службеници по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го лишија од слобода поранешниот државен правобранител Фехми Стафа поради сторено кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.
Според МВР, во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, Стафа примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето влијание кај судија во Апелациониот суд Скопје за извршување службено дејствие што не би смеело да се изврши.
Првично, осомничениот побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице недостапно на органите на прогонот и против кого ОЈО ГОКК води постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството.
На 6 октомври 2025 година примил 30.000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13 декември 2025 година побарал и примил уште 20.000 евра.
Непосредно по примањето на вториот износ, Стафа бил лишен од слобода, а кај него биле пронајдени парите.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради сите околности што упатуваат на опасност од бегство, можност да изврши нови кривични дела или да влијае на постапката.
Фехми Стафа ја извршуваше функцијата државен правобранител од 2018 до 2022 година, кога беше разрешен. Во последниот период работеше како адвокат и беше меѓу кандидатите на последниот јавен оглас за избор на член на Судскиот совет.
Топ
Oбвинителство: За насилство во училиште во Сарај, побарана судска постапка спрема пет деца
Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка за вкупно 5 деца во судир со законот, бидејќи презеле дејствија кои се предвидени како кривично дело – Насилство од член 386 од Кривичниот законик.
Сите петмина, на возраст од по 14 и 15 години, заедно со уште едно дете кое не наполнило 14 години и не може кривично да одговара, во група извршиле грубо насилство врз двајца други 14-годишници.
Настанот се случил на 12 декември во дворот на О.У. “Дитурије” во Сарај. Двете деца – жртви на насилството тргнале да си одат дома кога на излезот од училишниот двор ги пресретнале напаѓачите. Започнале да ги удираат со тупаници и клоци по главата и телото. Едното оштетено дете се здобило со површинска рана на главата, додека на другото дете му нанеле тешки телесни повреди – контузија на главата, скршеница на носот и хематоми по целото тело.
Со насилството сторителите предизвикале чувство на несигурност и страв и кај други деца кои во тој момент излегувале од училиштето.
Имајќи ја предвид возраста на децата во судир со законот, но и потребата да се обезбеди непречено водење на постапката, јавниот обвинител на судијата му предложи да определи мерки на претпазливост – јавување во суд, одземање на патната исправа и забрана за приближување и остварување какви било контакти со оштетените деца.
Црна хроника
Трагедија на работното место: 53-годишен скопјанец загина во производствена хала
Работник на 53-годишна возраст загина вчера при извршување работни задачи во производствена хала во фирма кај Новоселски пат.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, на 12 декември 2025 година во 08:40 часот во СВР Скопје било пријавено дека С.А. (53) од Скопје се здобил со тешки повреди од машина, по што починал на самото место.
Смртта била констатирана од лекар од Итната медицинска помош, а на местото на настанот бил извршен увид.

