Топ
(Видео) Пресечен меѓународен канал за дрога, запленети 40 килограми марихуана

Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, заедно со Одделот за специјални полициски операции, пресече меѓународен канал за транспорт на наркотична дрога марихуана, која од Косово била транспортирана на територијата на Република Северна Македонија.
Притоа, на булеварот „Јадранска магистрала“, на влезот во Скопје било запрено патничко возило „шкода фабија“, управувано од А.М.(42) од Скопје. При извршениот преглед на возилото, во багажникот се пронајдени две големи вреќи со марихуана, во вкупно количество од околу 40 килограми, со пазарна вредност од над 100.000 евра.
А.М. е лишен од слобода и спроведен во полициска станица за понатамошна постапка,при што во текот на денот ќе биде предаден со кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје. А.М. е познат сторител на кривични дела, осудуван и издржувал затворска казна, а во 2017 во Република Србија е лишен од слобода при транспорт на поголема количина хероин, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Католичката црква со реакција за муралот на Мајка Тереза: Ова е навредлив чин за сите верници

Католичката црква во Македонија изразува жалење за, како што велат, недостојниот и навредлив чин со кој на муралот на света Мајка Тереза, поставен на „Школка“ во Градскиот парк во Скопје, е додадена марама на нејзиниот лик.
Со оваа постапка,велат од Католичката црква, се повредуваат верските чувства на верниците и почитувачите на делото на светицата.
„Потсетуваме дека Света Мајка Тереза е светица на Католичката црква, родена во Скопје, почесна граѓанка на овој град и граѓанка на светот. Со својот живот посветен на сиромашните и болните, со својата едноставност, понизност и љубов, ја направи Македонија и Скопје препознатлива во светот и пример за почит кон другиот.
После големиот настан што се случи на 28 септември 2025 година за сиот македонски народ со осветувањето на храмот Свети Константин и Елена кој се наоѓа во непосредна близина на Спомен куќата на Света Мајка Тереза, се прашуваме: Зарем нашата Светица заслужи ваков однос од дел од своите сограѓани?
Почитта кон верските чувства е основен елемент на секое демократско општество. Грижата за нив е одговорност на сите граѓани, а воедно ја отсликува и демократската зрелост кај поединци и групи, нивната подготвеност за соживот и прифаќање на различните.
Слободата на уметничкото изразување и јавната дебата се драгоцени вредности, но тие треба да се остваруваат со почит кон достоинството на другите и кон она што е свето за една заедница. Затоа недозволиво е светите ликови, како света Мајка Тереза, да бидат инструментализирани или злоупотребувани за било какви цели“, се наведува во соопштението од канцеларијата на Скопска бискупија и Струмичко-скопска епархија.
Во него се додава дека Католичката Црква се приклучува кон сите добронамерни граѓани кои веќе реагираа и го осудија ваквиот срамен чин и апелира до целата македонска јавност на поголема свесност за значењето на светците, светите простори и другите свети работи, како и вредностите во општеството што ги застапуваат Црквите и верските заедници.
„Во таа насока, ги повикуваме надлежните институции да преземат соодветни мерки, да ги заштитат верските чувства на граѓаните и во иднина да ги превенираат ваквите појави. Во исто време изразуваме благодарност до сите луѓе на изразената загриженост и поддршка која ја упатија до Црквата“, велат од канцеларијата на Скопска бискупија и Струмичко-скопска епархија.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова во црквата на македонската заедница во Стерлинг Хајтс, Мичиген: Татковината не може да се менува

Со посетата на македонската православна црква „Раѓањето на Пресвета Богородица“ во Стерлинг Хајтс, Мичиген и средбата со македонската заедница, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја заокружи работната посета на САД.
Таа присуствуваше на утринската литургија што ја одржа отецот Синиша Ристовски и оствари куса средба со Митрополитот на Американско-канадската епархија на МПЦ – ОА, Владиката Методиј.
Во име на свештенството, отецот Синиша истакна дека им претставува огромна чест присуството на претседателката Сиљановска-Давкова. „Вие носите одговорност којашто инспирира доверба, почит и надеж, со секоја ваша одлука, иницијатива и моќ, да ги преобрази животите, да ги осветли патеките на вистината и да создаде мостови на соработка и разбирање меѓу народите“, порача по литургијата отецот Синиша.
Претседателката го изрази своето задоволство од топлиот прием од претставниците на македонската заедница за време на нејзината посета во Њујорк и Детроит и посочи дека нивните постапки и посветеност се доказ дека каде и да сме, не го губиме македонскиот идентитет.
„И кога сум во САД, само заради вас јас се чувствувам како да сум дома. Тоа е она што ме прави горда на вас. Ние мора да си ја повратиме дијаспората“, порача претседателката.
Таа укажа на важноста од одржување и засилување на врските со македонските иселеници и ги реафирмираше заложбите за формирање на Совет за дијаспора и регистер на дијаспората.
Оддавајќи им признание на нашинците за нивната успешност на професионален план дури и во најкомпетитивните држави како САД, претседателката им посака уште многу успех.
Цитирајќи го Бернард Шо кој рекол дека „се може да смените во животот, но татковината не може“, Сиљановска-Давкова порача: „Мораме тоа што сме го наследиле да им го пренесеме на своите деца, ако сакаме да опстоиме“.
Претседателката го посети и Неделното црковно училиште што функционира во рамки на црквата, а каде што околу 120 македонски деца имаат можност да се запознаат со православната религија, со македонската традиција и да го изучуваат македонскиот јазик.
Македонија
Виз ер отвори уште една нова авиолинија од скопскиот аеродром – Штутгарт

Со првиот лет што полета денеска, понеделник, 29 септември, во 6:25 часот наутро, од Меѓународниот Аеродром Скопјe до Штутгарт, Виз ер отвори уште една нова авиолинија и дестинација од главниот град на Македонија до Германија, соопшти ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на Групацијата ADP.
„Во соработка со Виз Ер и Владата, како ТАВ Аеродроми горди сме што ќе можеме да ги опслужуваме патниците на оваа нова редовна авионска линија од Скопјe до Штутгарт. Редовните летови меѓу двата града ќе ги задоволат потребите на нашите граѓани, бизнисмени и дијаспората. Ќе продолжиме да инвестираме во модернизација и подобрување на аеродромските услуги, нудејќи висококвалитетно корисничко искуство на сите патници и промовирајќи ја земјата како атрактивна дестинација и транзитен центар во регионот“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Авиокомпанијата ќе лета од Скопјe до Штутгарт 3 пати неделно, секој понеделник, среда и петок. Во текот на летниот распоред на летови на аеродромот во Скопјe, односно до 24 октомври, времето на полетување од Меѓународниот Аеродром Скопјe во понеделник и петок е 06:25 часот, додека времето на пристигнување во Штутгарт е 11:10 часот по локално време. Во среда, патниците ќе полетуваат во 06:30 часот, а ќе слетуваат во 11:10 часот по локално време.
Во зимската сезона, патувањата ќе се одвиваат во понеделник, среда и петок, но сите летови со исти времиња на полетување и следување, односно 06:30 часот со 11:30 часот по локално време.
Со додавањето на Штутгарт на мапата на рути на Меѓународниот Аеродром Скопјe, Виз ер има вкупно 9 рути до 9 градови во Германија: Штутгарт, Берлин, Дортмунд, Баден-Баден, Фридрихсхафен, Хамбург, Франкфурт-Хан, Минхен-Меминген и Нирнберг.