Топ
Го следеле од менувачница, го нападнале и му ги зеле парите
Основното јавно обвинителство Куманово поведе истражна постапка против две лица осомничени за кривично дело – Разбојништво по член 237 став 1 од Кривичниот законик, откако пред четири дена физички нападнале маж и му одзеле поголема сума пари.
Според информациите од обвинителството, осомничените го забележале оштетениот додека разменувал девизи и почнале да го следат со намера да му ги одземат средствата. Откако тој се приближил до неговата семејна куќа, двајцата го нападнале, нанесувајќи му удар со тупаница во пределот на главата. Жртвата паднала на земја и изгубила свест, по што му биле одземени 172.000 денари и 37.460 српски динари.
Со цел обезбедување на истрагата и спречување на можноста за бегство, судија на претходна постапка им определи мерка притвор во траење од 30 дена на двајцата осомничени.
Обвинителството продолжува со прибирање на докази за целосно расветлување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граѓаните да бидат внимателни и да не отвораат лажни електронски пораки во име на директорот на БЈБ, предупредува МВР
Министерството за внатрешни работи известува дека до неколку граѓани, од страна на сторители кои лажно се претставуваат во име на директорот на Бирото за јавна безбедност, се упатени лажни покани во врска со наводна тековна истрага.
Во пораките се даваат насоки за 24 часа да се оди до полициска станица или да се испрати повратен е-маил бидејќи наводно примачот на пораката е предмет на кривични истраги за низа кривични дела, како што се детска порнографија, педофилија и трговија со дрога.
МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажни пораки кои не се испратени од страна на Бирото за јавна безбедност при МВР.
„Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните, со цел нивна понатамошна злоупотреба. Покани до граѓаните за истражни постапки од страна на МВР не се испраќаат преку е-маил адреси.
Апелираме до граѓаните да не отвораат ваквите пораки, да не се контактира испраќачот и никако да не се споделуваат личните податоци кои ги бараат измамниците. Исто така, апелираме граѓаните да не ги отвораат линковите и датотеките кои се испратени во прилог на било која електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер“, соопшти МВР.
Македонија
Комисијата за историски прашања е алиби за моментно многу комплицираните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, вели Димитров
Комисијата за историски прашања со РСМ е еден вид алиби за моментно многу комплицираните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, оценува Ангел Димитров, копретседател на Заедничката експертска комисија за историски прашања во изјава за бугарски медиуми.
На прашањето до каде е дојдена комисијата, Димитров одговори: „Најкраткиот одговор е до никаде, бидејќи и по 8 години работа, 38 состаноци, сè уште сме на учебникот за седмо одделение, а материјалот за седмо одделение одговара на шесто одделение во нашата земја, т.е. во 11 век. Гледајте, би можел да кажам дека ова е блокада на работата на комисијата, но ќе употребам повнимателен израз, ќе кажам дека тоа е стагнација, застој, и го користам затоа што ова е и целокупната состојба на земјата таму. Нешто што беше наведено во извештајот од Брисел и нешто што воопшто не го загрижува државното раководство таму. Ова е нешто како алиби во сегашните многу комплицирани односи меѓу нашите две земји бидејќи формалната активност на комисијата сугерира дека сè уште постои желба да се работи. И морам да нагласам дека ова е единствената комисија што работи, создадена според договорот за пријателство и добрососедство и единствената форма на негово спроведување. Но, бидејќи нема резултати, тогаш можеме да размислиме каков е ставот кон самиот договор“.
„Секако, првиот ден од нашата работа се совпадна со потпишувањето на овој договор за работа на тунелот, граничниот тунел, кој ќе ја поврзе железничката линија по Коридорот 8. Јас сум многу чувствителен на оваа тема, многу ми е блиска. Значи, тунелот е најмалиот проблем во овој случај иако звучи симболично. Се шегувам дека ако изградбата на железничката линија таму не оди добро, ќе мора да направиме дополнително гранично обезбедување на европската граница на тунелот. Гледајте, го кажувам ова на шега. Искрено се надевам дека овој страв, да го наречеме, од поврзување на двете земји, е веќе надминат во РСМ. И е надминат не само поради свеста за сопствениот интерес, бидејќи ова е европски проект од големо значење за НАТО. Го споменав овој случај бидејќи е мала светлина, да не влегуваме во тунелот, но добро е да се сфати дека работите нема да се случат бргу“.
Составот на комисијата е променет од страна на РСМ, но тоа не го промени начинот на кој работи.
„И претходниот состав на комисијата се фокусира на Охридската архиепископија како тема на професионални дискусии. Главната работа што ја сакаат нашите колеги е да не се навестува ни најмалку дека таа е продолжение на Бугарската патријаршија, дека постои овој континуитет, оваа историска врска. Постои некаков континуум помеѓу институцијата и претходната институција – Патријаршијата на бугарската држава, иако ова е многу јасно наведено со самите одлуки на царот Василиј II. Главната причина за блокирање на работата на комисијата е неподготвеноста на нашите колеги, во овој случај тие целосно ги следат политичката линија на државата и доктрината за македонизмот, а да не зборуваме за заедничката историја. Нешто што не е само вградено во договорот за пријателство и добрососедство како идеја за создавање на оваа комисија, туку е и во преамбулата како значење на самиот договор. Гледате, резултатот е неверојатен парадокс“, додава Димитров.
Фото: принтскрин
Свет
Турција сака безбеден премин за 200 цивили заробени во тунелите во Газа
Турција се обидува да обезбеди сигурен премин за околу 200 цивили заробени во тунелите во Газа, откако го олесни враќањето на останките на израелски војник убиен таму пред повеќе од една деценија, изјави висок турски функционер.
Хамас претходно изјави дека борците кои се кријат во областа Рафа, контролирана од Израел, нема да му се предадат на Израел и ги повика медијаторите да најдат решение за кризата што би можело да го загрози едномесечниот прекин на огнот. Израел, во меѓувреме, потврди дека ги примил останките на Хадар Голин, војник убиен во заседа во Газа за време на војната во 2014 година.
Турција успешно посредуваше во враќањето на останките на Хадар Голдин во Израел по 11 години, по „интензивните напори што ја покажуваат јасната посветеност на Хамас на прекинот на огнот“.
Турција е потписник на договорот за прекин на огнот
„Во исто време, работиме на обезбедување безбеден премин за околу 200 цивили од Газа кои во моментов се заробени во тунелите“, изјави функционерот за Ројтерс.
Турција беше потписник на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас минатиот месец, кој беше поддржан од американскиот претседател Доналд Трамп.

