Топ
Двajцa Пакистанци и малолетници од Авганистан под истрага-криумчареле мигранти, ги малтретирале и силувале
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истрага против две полнолетни лица од Пакистан и двајца малолетници од Авганистан.
Осомничените се товарат дека сториле кривично дело Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти од член 418-в став 2 и кривично дело Криумчарење на мигранти од член 418-б став 4 в.в. став 2 и 3 од Кривичниот законик.
Имено, во периодот од месец август до месец ноември оваа година две непознати лица од Пакистан со цел извршување на кривичното дело Криумчарење на мигранти создале организирана група на која припадници станале и осомничените.
За непречено дејствување на групата тие создале импровизирани кампови во близина на границата со Р.Србија каде ги прифаќале и сместувале мигрантите кои илегално влегувале од територијата на Р.Грција, а од таму илегално ги пренесувале во Р.Србија и земјите на ЕУ.
Во камповите мигрантите присилно биле задржувани, им биле одземани мобилните телефони и личните документи со што им оневозможувале каков било контакт надвор од кампот. Искористувајќи ја нивната немоќ, осомничените физички ги малтретирале жртвите, ги фотографирале и фотографиите ги испраќале на нивните семејства од кои барале парични средства за да ги пуштат жртвите да ја продолжат рутата, со употреба на сила и закана изнудувале парични средства и од жртвите кон кои се однесувале на крајно суров и понижувачки начин, а со некои имале и полови односи.
Како резултат на меѓународна соработка со органите на прогон од Р.Србија каде двајца оштетени мигранти ги пријавиле настаните, импровизираниот камп е откриен и во текот на вчерашниот ден и е спроведена координираната акција. Во кампот се пронајдени 35 мигранти од кои девет се деца на возраст од четиринаесет и петнаесет години.
Осомничените се изведени пред судија на претходна постапка кој го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и на сите осомничени со решение им определи мерка – притвор во траење од 30 дена.
За кривичните дела за кои се товарат осомничените е предвидена казна затвор во траење од најмалку 8 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Видео) Тошковски: Обезбедена е видеоснимка на која се гледа како сопругот ја удира жртвата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во рамки на истрагата за трагедијата во Карпош е обезбеден видеозапис на кој, како што рече, јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата.
Како што појасни министерот, жртвата претходно повикала полиција, а патролата пристигнала за помалку од десет минути. Во изјавата што ја дала, таа потоа навела дека нема што да пријави и дека немало физички напад. Дополнително ќе се утврдува дали оваа изјава била дадена под присила. Сторителот, според Тошковски, не бил присутен на местото на настанот во моментот кога полицијата ги прибирала изјавите.
Сепак, тој нагласи дека тоа не се единствените докази со кои располага МВР.
„До МВР е обезбеден видео запис каде јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата. Не можам да кажам кога е точно, но сигурно е истиот ден“, рече министерот.
Според информациите што ги изнесе министерот Панче Тошковски, на 2 март околу 14 часот бил пријавен падот од зграда, а претходно полицијата разговарала со жртвата која рекла дека не бара интервенција. Потоа жената се упатила кон станот на улицата Теодосиј Гологанов во скопски Карпош кадешто се случила трагедијата. Со ќерката биле сами и заклучени одвнатре пред трагичниот настан.
Министерот соопшти дека сопругот е приведен. Осомничен е за Наведување на самоубиство, нанесување на тешки телесни повреди и за загрозување на сигурноста. Тошковски потсети и дека во изминатите години против истото лице биле поднесени 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога. Тошковски истакна и дека голем дел од предметите за семејно насилство се затвораат поради повлекување на жртвите, најавувајќи поинтензивен пристап на МВР во вакви случаи.

