Црна хроника
Добиле пријава за силување на дете, но не презеле ништо: кривична за директор и социјален работник во Македонски Брод

СВР Битола – ОВР Македонски Брод, до Oсновното јавно oбвинителство Кичево поднесе кривична пријава против Р.С.(38) и К.В.(44), двајцата од Македонски Брод, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непријавување кривично дело или сторител“ предвидено и казниво по член 364 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти полицијата.
Првопријавениот, директор на Јавна установа Меѓуопштински центар за социјални работи Македонски Брод, а второпријавената социјален работник во установата, на 07.03.2025 добиле телефонска пријава за полов напад и силување на дете кое било доделено во згрижувачко семејство и не наполнило 15 години, извршено од лице од Македонски Брод.
Имено, пријавените не презеле никакви службени дејствија по добиената пријава, како службени лица свесно пропуштиле да пријават кривично дело за кое дознале во вршењето на службената должност, а притоа не презеле никакви дејствија согласно законот за социјала заштита и подзаконските акти, Закон за правда на децата, со што создале услов за повторна виктимизација на детето-жртва на кривично дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Две деца нападнати во скопски основни училишта

Две деца од Скопје во текот на вчерашниот ден биле нападнати во училиштата во кои престојуваат. Според информациите од полицијата инцидент ден претходно, имало и во установа за згрижување деца во Карпош кога дошло до физичка пресметка.
Во едниот од случаите, вчера околу 11 часот било нападнато дете во дворот на основното училиште во Шуто Оризари. Се работи за момче на 14-годишна возраст, додека за напаѓачот засега нема информации. Од МВР велат дека работат на расчистување на овој случај.
Еден час подоцна, сличен случај регистриран и во општина Аеродром. Според пријавата, дете било нападнато во основно училиште од страна на негов соученик.
Малолетничко насилство регистрирано и во Карпош, и тоа, во јавна установа за згрижување деца. На 15 април по претходна расправија, во установата бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу двајца малолетници кои престојувале во установата, при што едниот од нив оштетил дел од инвентарот, велат од полицијата.
МВР презема мерки за расчистување на случаите.
Црна хроника
Заталкан куршум оштетил ветробранско стакло на паркирано возило

Синоќа во 21.25 часот во СВР Скопје, С.С.(45) од с.Глумово, скопско, пријавил дека во дворот на семејната куќа во с.Глумово паднало заталкано зрно од огнено оружје и го оштетило ветробранското стакло на неговото паркирано возило „фолксваген пасат“.
Полицијата соопшти дека се работи на расчистување на случајот.
Црна хроника
Неколкумина повредени во сообраќајна несреќа во Струмичко

Во Полициската станица Струмица вчера во 05.40 часот било пријавено дека на регионалниот пат 1402, на крстосница за селата Банско, Габрово и Муртино, струмичко, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген туран“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Н.М.(33) од Струмица и патничко возило „опел“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Г.Н.(32) од село Колешино, струмичко.
Во несреќата со тешки телесни пореди се здобила сопатничката во патничко возило „фолксваген туран“, Е.А.(53) од Струмица, а со телесни повреди се здобиле двајцата возачи и сопатниците во возилото „фолксваген“ , С.М.(32) од Струмица, С.Н.(49) од село Банско, струмичко, А.А.(52) од Радовиш, А.А.(28) од Струмица и 17 -годишник од Струмица, констатирани во Медицински центар Струмица.
Увид на местото извршила екипа на СВР Струмица.