Топ
Жител на Желино ограбувал таксисти во Скопје, со нож им се заканувал дека ќе ги убие

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против 28-годишен жител на Желино за кого постои основано сомнение дека ограбил таксисти во Скопје на кои им се заканувал со нож дека ќе ги убие.
На 28 февруари, осомничениот и уште едно засега непознато лице влегле во такси-возило на улицата Димитрија Чуповски и побарале од таксистот да ги вози до хотел во близина на Скопски саем. Кога стигнале на булевар Никола Карев, во близина на клучката за Чаир, му кажале на таксистот да го запре возилото.
Осомничениот од задното седиште го фатил таксистот за јаката, го повлекол назад и му ставил нож под вратот, заканувајќи му се дека ќе го убие ако не им ги даде парите. Неговиот сопатник кој седел на совозачкото седиште за тоа време започнал да пребарува низ преградите на возилото, го пронашол паричникот на таксистот од каде зел 950 денари, а го украле и мобилниот телефон на таксистот вреден околу 6.000 денари. Потоа двајцата избегале.
На 4 март, на сличен начин, осомничениот запрел такси-возило на улицата Џон Кенеди, се качил во автомобилот и побарал да биде одвезен до еден хотел. Пристигнувајќи во близина на наведената локација, повторно со нож му се заканил на таксистот и украл 1.500 денари и мобилен телефон вреден околу 8.500 денари.
Поради опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците и оштетените и веројатност тој да го повтори делото, јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Тренчевска: Срамно, со ребалансот власта крати 30 милиони евра од социјални трансфери за да се луксузира

Додека граѓаните се соочуваат со поскапувања, зголемена сиромаштија и се полош животен стандард, владата одлучува во најголемиот буџет во историјата да скрати над 30 милиони евра од социјални трансфери и субвенции, истакна Јована Тренчевска, пратеничка на СДСМ.
„Нема власта пари за поголеми плати за работниците, нема пари за нови мерки за поддршка на стандардот, нема пари за детски додаток, за посебен додаток за децата со попреченост, за поголем образовен додадок, нема пари за повредените и семејствата на загинатите во Кочани.
Има пари само за нови луксузирања на функционерите на власта. И тоа е поразително.
Со овој ребаланс власта крати пари за најранливите – за детски додатоци, образовен додаток, додатоци за деца со попреченост, лични асистенти, заштитни друштва каде се вработени лица со попреченост, жртви на семејно насилство“, вели таа.
Според неа, лични асистенти на лица со попреченост и негуватели на услугата помош и нега во домот на стари лица, немаат добиено надоместок од април 2025 а сега дополнително се кратат пари за најранлиците.
„Истовремено, додека крати пари за народот власта ги зголеми за 30 милиони евра трошоците за сопствено луксузирање – за стоки и услуги за функционерите, за приватни авиони, папаја и манго.
Ова е срамно понижување на граѓаните, на ранливите, на оние на кои им е непходна помош и поддршка во ова тешко време. Владата избра да го штити својот луксуз, а не стандардот на народот“.
Загрижува, оддава таа, тоа што со овој ребалнст се гледа дека дупката во ПИОМ расте а наплатата на придонесите не оди добро. Тоа на долг рок значи загрозување на исплатата на пензиите на нашите пензионери.
Овој ребаланс како што оценува е потврда за како што рече, економскиот неуспех на Владата, за ингорантскиот однос на власта за потребите на граѓаните и социјално ранливите.
„Затоа СДСМ поднесува 160 амандмани. Овие амандмани се реални, праведни и изводливи, но потребно е да се прекине луксузирањето и расипништвото на власта и парите да се насочат кон оние на кои им се најпотребни. Ги повикуваме сите пратеници во Собранието, без оглед на политичката припадност – да ги поддржат овие амандмани. Не за папаја и манго – ДА за Кочани, за децата, за ранливите, за студентите, за пензионерите“, потенцира Тренчевска.
Топ
Вршеле обљуба врз малолетнички и снимале со мобилен: уапсени 18-годишник и малолетник од Тетово

Вчера во 15.30 и во 22.55 часот полициски службеници од СВР Тетово и ПО Камењане во с.Горно Седларце и во Тетово ги лишиле од слобода А.Е.(18) и малолетник, двајцата од Тетово, постапувајќи по пријава од 37-годишна жена од Тетово.
Имено според полицијата, тие во неколку наврати извршиле обљуба врз двете малолетни ќерки, а притоа и снимале со мобилен телефон и едната малолетничка ја принудувале на сексуален однос со други лица.
Полицијата соопшти дека е известен јавен обвинител и по документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Македонија
Посакувам среќа да се победи во барем една општина: Костадинов до СДСМ по најавата за ново дејствување

Aктуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, објави на социјалните мрежи дека поради тешката состојба на неговата партија ќе започне со ново интерпартиско делување.
„Свесен за тешката состојба во која се наоѓа мојата партија, од безидејноста, сакам да помогнам за жал нема како. Во следните месеци, ќе започнам со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори“, пишува Костадинов.
Се повикува на целосно прецизна стратегија, доволно мотивирачка за да обедини, како што вели, авторитети што ѝ недостигаат на СДСМ, „тешки за да бидат непривлечни за политичките авантуристи, и доволно забавни за да се пронајдат младите“.
„Мојата стратешко политичка одлука за делување во СДСМ или можеби надвор од СДСМ ќе биде јавно кажана во два дела. Првата ќе биде септември, конечната по завршување на овие локални избори. До тогаш посакувам среќа да се победи во барем една општина“, додава тој.