Топ
Запленета марихуана во Струшко, приведен дилер од Албанија
Полицијата вчера заплени марихуана во Струшко и приведе дилер од Албанија по претходно добиени оперативни сознанија.
Од МВР информираат дека полициските службеници сопреле патничко возило со гостиварски регистарски таблички, кое е во сопственост на А. С. (41) од с. Лакавица, Гостивар, а управувано од Ф. Ц. (20) од Р. Албанија. Во возилото биле и Б. Л. (34) и Т. Е. (26), двајцата од Албанија.
„При преглед на возилото и лицата била пронајдена марихуана што му припаѓала на Ф. Ц.. Лицата се приведени во полициска станица, а Ф. Ц. е задржан за натамошна постапка и по документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава до надлежното обвинителство“, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Телата на девојките кои починаа од сомнително труење во Лаос пристигнаа во Австралија
Семејствата на двете австралиски тинејџерки кои починаа од сомнително труење со метанол во Лаос, ја коментираа веста дека осум лица се приведени за време на полициската истрага за случајот.
Бјанка Џонс и Холи Боулс, и двете 19-годишни, беа меѓу шесте странски туристи кои загинаа откако наводно консумирале токсична супстанција која често се додава во шверцуваниот алкохол.
Останатите четири жртви беа идентификувани како Симон Вајт, 28-годишна адвокатка од Обединетото Кралство; Џејмс Луис Хатсон, 57-годишен Американец; и Ен-Софи Оркилд Којман (20) и Фреја Венервалд Соренсен (21) од Данска. Хатсон беше пронајден мртов во неговата соба во хостелот на 13 ноември, со неколку празни чаши во близина. Истото утро, Ен-Софи Оркилд Којман и Фреја Венервалд Соренсен исто така беа пронајдени во несвест во нивните соби и итно пренесени во локалната болница.
Телата на Австралијките беа вратени во Мелбурн во вторникот вечерта, во придружба на нивните семејства.
„Ужасно ни недостасуваат нашите ќерки. Ми олесна кога знам дека има напредок во Лаос – не можеме да дозволиме нашите девојки да умираат и трагедии како оваа продолжуваат да се случуваат“, рече Марк Џонс, таткото на Бјанка Џонс, пред новинарите.
Говорејќи на аеродромот во Мелбурн, Џонс ја повика владата на Лаос да „продолжи да истражува“, додавајќи дека семејствата ќе се обидат „да ја подигнат свеста за опасностите од труење со метанол“.
Приведени се осум лица, а се работи за вработени во хостелот „Нана Бакекерс“ каде што биле сместени сите жртви, јавуваат локалните медиуми. Сопствениците на хостелот, кој сега е затворен, претходно ги негираа тврдењата дека служеле нелегален алкохол.
Свет
Еден ден по несреќата во Црвеното Море пронајдени се пет преживеани
Египетските спасувачи пронајдоа четири тела и пет преживеани вчера, за време на потрагата во Црвеното Море, еден ден откако потона туристички брод со 44 луѓе.
Досега се спасени вкупно 33 лица, но потрагата по седум исчезнати лица се уште трае, соопштено е во вторникот вечерта.
Идентитетот на жртвите се уште не е официјално објавен. Според Би-би-си, меѓу исчезнатите се и двајца британски државјани.
Современиот брод со четири палуби превезувал 31 патник и 13 членови на екипажот кога се верувало дека бил погоден од голем бран во близина на Марс Алам, поради што се превртел.
Повикот за помош бил испратен во 5:30 часот по локално време (3:30 по Гринич), потврдија локалните власти.
Според гувернерот на регионот на Црвеното Море, генерал Амар Ханафи, бродот потонал за пет до седум минути, а некои луѓе не можеле да излезат од своите кабини.
Спасувањето започнало веднаш по несреќата. Вкупно 28 лица беа спасени од армијата и еден туристички брод што минуваше во првите часови по несреќата.
Гувернерот исто така изјави дека други преживеани биле пронајдени во областа Вади ел-Гемал.
Според информациите од локалните власти, екипажот на бродот бил од Египет, додека патниците биле од Белгија, Велика Британија, Кина, Финска, Германија, Ирска, Полска, Словачка, Шпанија, Швајцарија и САД.
Свет
Макрон гледа шанса за стабилност во Либан во договорот за прекин на огнот
Францускиот претседател Емануел Макрон го опиша договорот за прекин на огнот меѓу Израел и либанската милиција Хезболах како можност за стабилизирање на Либан.
„Прекинот на непријателствата им нуди на Либанците можност, со поддршка на нивните партнери, да се впуштат во трајно закрепнување на земјата“, рече францускиот лидер во видео-обраќањето објавено на мрежата Х.
Тој повика на „моментален избор“ на либански претседател и реформи на институциите во земјата за да се овозможи финансиско закрепнување.
Макрон додаде дека Франција „нема да штеди напор“ да го поддржи прекинот на огнот и ќе го стори тоа со привремените сили на Обединетите нации во Либан, во кои Франција, рече тој, игра „централна улога со низа партнери“.
Францускиот претседател нагласи дека овој договор не значи дека треба да се заборави војната во Газа.
Тој рече дека Франција „ќе продолжи со напорите за постигнување прекин на непријателствата, ослободување на заложниците, масовен прилив на хуманитарна помош и, се разбира, праведно и трајно политичко решение во кое ќе бидат вклучени две држави“.