Топ
Запленети возила, цигари, облека: Царинската управа спречи обиди за шверцување разна стока
Во текот на минатата седмица царинските службеници спречија повеќе обиди за шверцување разна стока, при што привремено се задржани цигари, облека, моторни возила и друго.
114 штеки цигари „карелија“, без акцизни маркички, и 5 штеки цигари „собрание “, со бугарски акцизни маркички, биле откриени на Меѓународниот аеродром „Скопје“ при контрола на патните торби на македонски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Лондон.
По пријава од аеродромската служба за безбедност дека патникот има тежок багаж, царинските службеници извршиле детален преглед на неговиот куфер, при што биле пронајдени непријавените цигари.
Цигарите се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка, соопштија надлежните.
„Во согласност со член 278 од Кривичниот законик, Царинската управа поднесе кривична пријава за шверцување 52 свечени фустани, откриени при контрола на косовски автомобил, управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Возачот првично не застанал на царинска контрола, но по реакцијата на царинските службеници, бил вратен назад по што бил извршен детален преглед. Притоа во 3 вреќи смесени зад задните седишта и 2 кеси сместени под совозачкото седиште биле пронајдени непријавените фустани, кои се привремено задржани.
350 маици со кратки ракави, откриени од страна на мобилните царински тимови со скенер, при контрола на косовски автомобил, управуван од турски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи, за кои возачот изјавил дека се набавени во Турција, но не поседувал никаков документ за нив, биле пронајдени во патна торба и повеќе пластични кеси сместени на задното седиште и во багажниот простор. Маиците се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка“, соопштија од Царинската управа.
Известуваат дека патничко возило марка „форд фиеста 1.4 TD“, со словачки регистарски таблички, со кое македонски државјанин без регулиран престој во странство се пријавил за влез во државата на граничниот премин Јажинце. Поради тоа што сопственикот на возилото, словачки државјанин, не бил присутен во возилото, возачот направил царински прекршок, односно се однесувал како возилото да е пуштено во слободен промет.
Возилото, како што појаснуваат, е привремено задржано, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
„9 употребувани моторни возила (четирицикли, моторцикли и скутери), 4 електрични инвалидски колички, 42 употребувани звучници, 21 употребувани гуми, 1 употребуван фрижидер, 1 употребувана надворешна единица за климатизер, 35 употребувани метални држачи и 1 гумен базен, со вкупна вредност од речиси 2,3 милиона денари, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на стока по потекло од Швајцарија, пријавена за увозно царинење во царинската филијала Скопје 3. Производите, кои не биле опфатени со царинските документи, се привремено задржани, а против увозникот, физичко лице од Скопје, ќе биде поведена соодветна постапка“, соопштија од Царината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Видео) Тошковски: Обезбедена е видеоснимка на која се гледа како сопругот ја удира жртвата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во рамки на истрагата за трагедијата во Карпош е обезбеден видеозапис на кој, како што рече, јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата.
Како што појасни министерот, жртвата претходно повикала полиција, а патролата пристигнала за помалку од десет минути. Во изјавата што ја дала, таа потоа навела дека нема што да пријави и дека немало физички напад. Дополнително ќе се утврдува дали оваа изјава била дадена под присила. Сторителот, според Тошковски, не бил присутен на местото на настанот во моментот кога полицијата ги прибирала изјавите.
Сепак, тој нагласи дека тоа не се единствените докази со кои располага МВР.
„До МВР е обезбеден видео запис каде јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата. Не можам да кажам кога е точно, но сигурно е истиот ден“, рече министерот.
Според информациите што ги изнесе министерот Панче Тошковски, на 2 март околу 14 часот бил пријавен падот од зграда, а претходно полицијата разговарала со жртвата која рекла дека не бара интервенција. Потоа жената се упатила кон станот на улицата Теодосиј Гологанов во скопски Карпош кадешто се случила трагедијата. Со ќерката биле сами и заклучени одвнатре пред трагичниот настан.
Министерот соопшти дека сопругот е приведен. Осомничен е за Наведување на самоубиство, нанесување на тешки телесни повреди и за загрозување на сигурноста. Тошковски потсети и дека во изминатите години против истото лице биле поднесени 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога. Тошковски истакна и дека голем дел од предметите за семејно насилство се затвораат поради повлекување на жртвите, најавувајќи поинтензивен пристап на МВР во вакви случаи.

