Топ
Инспекторите растурија свадба во Глумово со 250 гости, следи кривична пријава

Инспекторите откриле уште еден случај на масовно непочитување на мерките против коронавирус во околината на Скопје. Синоќа во периодот од 20:00 до 23:30 часот полициски службеници од СВР Скопје и инспектори од Државниот пазарен инспекторат извршиле контрола во врска со почитување на мерките за заштита од коронавирус, во угостителски објект во селото Глумово – Сарај. Притоа, во објектот, сопственост на Б.Ј.(35) од с.Глумово, се одржувала семејна веселба (свадба), на која биле затекнати 250 лица.
Од страна на Државниот пазарен инспекторат и Министерството за внатрешни работи ќе бидат поднесени кривична пријава по чл.206, за непочитување на одлуките од Владата во врска со Ковид-19 и прекршочни платни налози по чл.6 од Уредбата за неносење лична заштита на лицето.
Министерството за внатрешни работи, во соработка со Државниот пазарен инспекторат, продолжуваат со засилените контроли во објекти во врска со почитување на мерките за заштита од коронавирус и санкционирање лица кои не ја почитуваат Уредбата за носење лична заштита на лицето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Воздухот мириса, но ве уверувам дека не е штетен на ниво што предизвикува здравствени проблеми, вели Алиу

Иако депонијата „Дрисла“ трет ден го полни Скопје со смрдеа на изгорена пластика и гума, министерот за здравство, Азир Алиу, дури денес јавно даде препораки до граѓаните одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Градската општа болница „8 Септември“. Се обиде да ги смири скопјани со објаснување дека чадот што го дишат нема да им предизвика здравствени проблеми.
„Ние заедно со Институтот за јавно здравје прво анализиравме дали постои некој тип загадување на ниво на штета по здравјето на граѓаните. Ве уверувам дека мирисот се чувствува и не е пријатен, но воздухот во моментот не е на ниво на загаденост кое предизвикува здравствени проблеми кај граѓаните. Сепак препорачувам граѓаните да не се движат надвор ако тоа не е неопходно“, рече министерот Алиу.
Во периодот што следи министерот Алиу рече дека здравствените власти ќе имаат работна група која „ќе може да придонесе за промените во здравјето на граѓаните предизвикани од воздухот“.
Директорот на болницата „8 Септември“, Синиша Стојаноски, кажа дека квалитетот на воздухот мора да се мониторира, посебно во периодот кој доаѓа кога се зачестени респираторните инфекции и во кој во соработка со Министерството за здравство лекарите треба да бидат достапни на пациентите 24/7 за да се помине што е можно помал број посериозни заболувања од респираторен тип.
Веќе трет ден скопајни не можат даотворат прозорен ни преку ден ниту ноќе оти чад од депонијата „Дрисла“ го обви градот. Премиерот Христијан Мицкоски денес најави дека со механизација од опптествено одгворни комапнии ќе влезе на депонијата за да се спречи понатамошно чадење кое стигнува и до градот, а тајно решени еќе бара со новиот градоначалник на Скопје.
Македонија
„Дрисла“ трет ден ги труе скопјани, Мицкоски со механизација од општествено одговорни компании ќе влезе на депонијата

За пожарот и чадот од депонијата „Дрисла“, кои трет ден ги трујат скопјани, премиерот Христијан Мицкоски вели дека има истрага, но за да каже детали, ќе почека работите да добијат свој тек. Во меѓувреме, извести дека со механизација од општествено одговорни компании ќе влезат и на депонијата „Дрисла“ и на „Вардариште“.
„Ние и овој случај нема да го оставиме вака. Веќе работиме со министерот за транспорт на општествено одговорни градежни компании, кои ќе донесат механизација и на ‘Вардариште’ и на ‘Дрисла’ и ќе можеме да дејствуваме и внатре сѐ со цел да не се случува ова континуирано“, рече денес премиерот Мицкоски по посетата на Градската општа болница „8 Септември“.
И денес премиерот зборуваше дека како професор знае оти само едно догорче од цигара може да предизвика пожар на депонијата оти таму се создава метан, кој е лесно запалива материја, а посочи и дека некому му одговара пожар на депонијата во овој предизборен период.
Премиерот Мицкски се надева дека механизацијата ќе наиде на отворени порти во депониите и потсети дека минатата година, кога неколкумина градоначалници сами се организира да го однесат ѓубрето на „Дрисла“, камионите наидоа на затворена капија.
„Се надевам дека ќе имаме простор да влеземе внатре, да не се случи повторно да дојдеме до портата и да не нѐ пуштат внатре. Така беше минатиот пат“, рече премиерот Мицксоки.
Трајно решавање на проблемот со депонијата Мицксоки најави со новиот градоначалник, а на забелешките дека тоа не треба да биде со јавно-приватни партнерство, туку да се прифати стратегијата нула отпад, тој одговори дека ќе ги покани и оние што се „за“ и оние што се „против“ за да се најде најсоодветно решение што може да се примени кај нас. Неговиот став е дека на „Дрисла“ треба да има фабрика за отпад и фабрика што од метанот ќе прави струја, кои треба да бидат дел од трајното решение.
Македонија
Мицкоски се извини за Фетаи: Тој се труди да го учи и зборува македонскиот јазик, не го знае оти се иселил на шест години

Потпретседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, течно зборува четири странски јазици, а македонскиот сѐ уште го учи оти се иселил од државата на шест години. Вака премиерот Христијан Мицкоски денес го оправда Фетаи, кој во вторникот на новинарско прашање поставено на македонски јазик одговори на албански и рече дека „уште не е спремен на македонски“.
„Јас имам исклучително квалитетна комуникација со потпретседателот на Владата на англиски јазик. Зошто? Затоа што тој од својата шеста година е иселен од Македонија и живее во Белгија и говори течно четири јазици – француски, холандски, англиски и така натаму, да не ги редам сега. Нашата комуникација се одвива на англиски јазик. Тој има исклучително квалитетна биографија зад себе. Школуван е на врвни универзитети. Знам дека не му е таа намерата, како што се обидуваат одредени центри поради политичка злоупотреба, да ја дефокусираат јавноста, бидејќи се обидува, се труди да го учи и зборува македонскиот јазик и знам колку енергија вложува во тоа изминатите 15 месеци“, рече премиерот Мицкоски.
Тој денес им се извини на новинарите за постапката на Фетаи и рече дека вицепремиерот згрешил, но не во почитувањето на македонскиот јазик, туку во ангажирањето преведувач.
„Единствената, според мене, грешка во случајот е ако некој одлучи да се обраќа на албански јазик, да си донесе со себе преведувач. Јас во мое име им се извинувам на новинарите и убеден сум, бидејќи веќе разговараме со потпретседателот, дека тој истото тоа ќе го стори и таа грешка нема да случи во иднина“, објасни премиерот Мицкоски.
Тој воопшто не спомена можност за разрешување на Фетаи како што веднаш јавно побара опозицискиот СДСМ поради непочитувањето на македонскиот јазик.