Топ
Камион удри во баба и внуче на пешачки премин на булевар Србија

Почина бабата која со внучето вчера беше прегазена на пешачки премин на булеварот Србија во скопската населба Аеродром, информира полицијата. Синоќа на булеварот Србија во скопската населба Ново Лисиче се случи тешка сообраќајка. Комбе со велешки регистерски таблички на пешачки премин удрил во баба и нејзиното внуче.
Несреќата се случила околу 20:05 часот, кога во Секторот за внатрешни Скопје било пријавено дека на булевар Србија товарно моторно возило „пежо партнер“ со велешки регистерски ознаки управувано од П.Т.(40) од Велес удрилo во пешаците В.Т.(61) и тригодишно девојче од Скопје. Во незгодата пешаците се здобиле со тешки телесни повреди и со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во комплекс клиники ,,Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош.
Во 22:45 часот В.Т. им подлегнала на повредите. Извршен е увид на местото на настанот. Се работи на расчистување на случајот, информираат од МВР.
Општина Аеродром поднесе иницијатива до Град Скопје за изнаоѓање ново сообраќајно решение на булевар Србија за зголемена безбедност во сообраќајот.
,,Нашите служби реагираа веднаш по немилиот настан што се случи доцна синоќа на овој булевар. Општина Аеродром континуирано работи на зголемување на безбедноста на сообраќајот на улиците што се под нејзина надлежност со цел да ги превенира ваквите настани и да ја зголеми свеста кај учесниците во сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Заев и коалиционите партнери се договорија да настапат со заеднички кандидат за претседател

Владејачката СДСМ и коалиционите партнери на вечерашната средба постигнале согласност за заеднички кандидат за претседател. Како што соопшти партијата, ваквата одлука е донесена во интерес на сите партии.
,,Постигната е начелна согласност на лидерско ниво, партиите од Коалицијата предводена од СДСМ да застанат зад заеднички кандидат за претседател на државата, како и заеднички да настапат на престојните претседателски избори, уште во првиот круг.Коалицијата предводена од СДСМ, која ја сочинуваат над 20 политички партии, се води искучиво од интересот на граѓаните, интересот на државата и нејзината иднина.
Договорено е да продолжат пошироки консултации во рамки на самите партии, кои се дел од коалицијата, за избор на најсоодветен заеднички кандидат за претседател на државата, во интерес на граѓаните”, се наведува во соопштението.
Според СДСМ, заеднички е оценето дека на Република Северна Македонија и нејзините граѓани им е потребен вистински претседател, партнер на граѓаните, партнер на иднината, кој ќе застане рамо до рамо со прогресивните сили и Владата во процесите кои значат напредок, иднина, економија, членство во НАТО и ЕУ.
,,Оттука, функцијата претседател на држвата е од исклучителна важност и со таква одговорност Коалицијата предводена од СДСМ пристапува и во изборот на кандидат за претседател кој ќе работи за граѓаните и ќе ги претстaвува сите граѓани. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во име на Коалицијата, ќе ги продолжи консултациите со партиите од албанскиот блок во владината коалиција, како и со други парламентарни и вонпарламентарни партии, од власта и опозицијата, околу можностите да се дојде до заеднички кандидат за претседател на државата, кандидат за кој што ќе застанат граѓаните”, се додава во соопштението.
Македонија
Седат ја пронајде девојката којашто ја извлекол од автобусот: ,,Никогаш нема да заборавам како ме молеше да ѝ помогнам”

Седата успеа да ја најде патничката на која ѝ помогнал да преживее под автобусот кој се преврте кај Ласкарци. Само да биде жива Јасмина – била неговата најголема желба.
Тој неколку денови безуспешно барал информации низ болничите ходиници, а всушност не ѝ го знаел ниту името. Поради тоа, Седат преку медумите побарал помош да ја пронајде.
Министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук објави дека од него било побарано да му помогне на Седат да ја пронајде девојката.
,,Во Градската општа болница „8 Септември“, Седат со моја помош ја најде Јасмина.Бев сведок на емотивен момент на кој што млада девојка се најде лице в лице со човек што ѝ го спасил животот.
„Никогаш нема да заборавам како ме молеше да ѝ помогнам“, рече Седат. Се надевам дека никогаш повеќе нема да ни се случи ваква трагедија, продолжуваме со битка за секој живот. Ти благодарам Седат на твојата посветеност, ти си вистински херој!”, напиша Филипче.
Пред неколку дена кај село Ласкарци се преврте автобус на компанијата „Дурмо Tурс“. Загинаа 15 патници, додека голем број беа спасени со помош на локалното население, кое што помогнало во нивното излекување. Тие се хоспитализирани на скопските клиники. Неколкумина од нив се уште се во критична состојба.
Анализата на примероците на крв и урина на возачот покажала дека во моментот на несреќата кај него не е регистрирано присуство на алкохол, лекови или психотропни супстанции.
Автобусот што излета од автопатот и се преврте во близина на стариот пат, по наредба на јавен обвинител ќе биде вештачен од страна на Машинскиот факултет во Скопје. Се уште се утврдуваат причините за несреќата.
Македонија
Реакции по навредите кон Силјановска: Срамно е да сатанизирате личност по возраст и пол

По серијата навреди на социјалните мрежи кон професорката по уставно право и претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, невладини активити за „Макфакс“ изјавија дека е срамно во 21 век да се дискриминира личност врз основа на пол и возраст. Активистката за родова еднаквост и права на маргинализирани групи, Ирена Цветковиќ вели дека вакви реакции во општеството во кое живееме допрва ќе следат, особено кога за претседателска функција се бори жена.
„Во еден од коментарите имаше споредба на професорката Силјановска со хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, ова е класичен сексизам и шовинизам. Крајно време е да се стави крај на дискриминацијата на жените и на нив да се гледа како на мајки, сопруги, баби…Ние гласно ќе говориме и ќе ги осудиме сите навреди кон жените. Живееме во 21. век во кој светот се бори за мултикултурализам и прифаќање на различностите, а ние за жал сѐ уште имаме проблем со ниска свест за овие вредности. Навредите упатени кон професорката покажуваат дека со свеста за родовите разлики сме останале 500 години наназад“, изјави Цветковиќ за „Макфакс“.
На Фејсбук коментари со реакции напишаа и професорката Катерина Колозова и Жанета Трајковска,директорка на Македонскиот институт за медиуми. Колозова ги осуди омаловажувањата на поединци кон професорката и на нејзиниот профил напиша:
„Мизерна е мизогинијата кон Гордана Силјановска и омаловажувањата кои висат така, неуверливи. Може по сто прашања да не се согласувам со неа но, дека е чесен човек, остар ум и дека има политички талент е факт. Барем признајте дека противникот е достоен“, напиша Колозова.
Трајковска од Македонскиот институт за медиуми вели дека шиканирањето и сатанизирањето на политички противници е недозволиво доколку Македонија сака да стане демократска држава.
„Не ве разбирам. Со дел од вас сум делела улици за правда, за нормализирање на општеството и за политички плурализам. Викавме силно против шиканирање на политички неистомисленици, сатанизирање на граѓанските активисти и игнорирање на експертската јавност и професорите. Викавме за правда и плурализам, мир и конкуренција, различни мислења и различност. Зарем сега вие сте други и е поинаку бидејќи власта се смени?! Па сега, иако повторно се случува истото: исмевање, сатанизирање, шиканирање на политичкиот противник и неистомисленик, сега е ок?! Само затоа што Вие сега тоа го правите, истите вие што силно викавте дека нема правда и нема мир. Па што ви е бре?! Вакво иронизирање и потсмевање беше дел од злото кое не смееше да се повтори. За ова се боревте, да го заземете местото за исмевање и сатанизирање на противниците?! Па кај ви е сонот за плурално, различно и живо општество полно со спротивставени ставови и идеи, ама со иста цел: Македонија да стане нормална, напредна и демократска држава. Изгледа не ни имало сон за Македонија,“ напиша Трајковска.
Реакциите следат откако на социјалните мрежи, поединици упатија навреди кон професорката Силјановска од типот дека е „стара баба“ која треба да чува внуци, а не да води полититика, а претходно ја прогласија и за „старомодна“, бидејќи немаше Фејсбук профил.
- Истражувања3 месеци
(ВИДЕОИСТРАЖУВАЊЕ) Како Груевски го купуваше имотот на ВМРО-ДПМНЕ
- Истражувања2 месеци
Во дворот на МЗТ ќе се гради фабрика за преработка на медицински отпад, паника кај околните фирми
- Проверка со факти3 месеци
Заев прифаќа амнестија за 27 април, а тврдеше дека нема да има
- Истражувања1 месец
(ВИДЕО) Градоначалничката на Арачиново со службени пари купувала суџук, мирисливи свеќи, пилешки гради и дрвени лажици
- Истражувања2 месеци
Фондот за иновации прво одобрил грант од 200 илјади евра на сопругот, па ја вработил сопругата
- Проверка со факти2 месеци
(Видео) Шекеринска: Нема да се пазариме со амнестија
- Проверка со факти2 месеци
(Видео) Макрадули: Популизмот не помага при решавање со загадувањето
- Македонија1 недела
Скандалозна распределба на пари во култура – има за тетовски, нема за скопски џез-фестивал