Топ
Комбе со 50 мигранти се превртело на патот Валандово – Струмица, возачот побегнал

Во вечерните часови на 8 јули на регионалниот пат Валандово – Струмица, пред крстосницата за село Раборци, се превртело комбе „мерцедес спринтер“, со битолски регистарски ознаки, во кое биле превезувани 50 мигранти од Индија, Авганистан и од Пакистан.
По незгодата, возачот побегнал од местото.
Како што информираат од МВР, тешки повреди добиле четворица мигранти, а 10 добиле полесни повреди, констатирани во Медицинскиот центар Струмица, каде што биле пренесени за укажување лекарска помош.
Другите мигранти биле пренесени во Прифатниот центар Гевгелија.
Увид на местото на незгодата извршиле јавен обвинител и екипа на СВР Струмица и се работи на расчистување на случајот.
*Фотографијата е илустрација, а не од конкретниот настан
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин: Ќе ставиме крај на војната под наши услови

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека крајната цел на специјалната воена операција во Украина е воспоставување на долгорочен и одржлив мир, кој ќе ја гарантира безбедноста на Русија и ќе ги заштити интересите на руско-јазичното население во Украина.
Во интервју за руската државна телевизија, Путин нагласи дека Москва има доволно сила за да ја заврши војната според своите услови.
„Овој резултат ги елиминира причините што ја предизвикаа оваа криза, создава услови за долгорочен одржлив мир и обезбедува безбедност на руската држава“, рече Путин, пренесуваат руските медиуми.
Тој додаде дека Русија мора да ги брани луѓето кои зборуваат руски јазик и кои ја сметаат Русија за своја татковина.
„Нивните интереси мора да бидат заштитени“, потенцираше рускиот претседател.
Македонија
Мицкоски најави чистка по конгресот: Ќе останат само оние што работат за граѓаните

По одржувањето на редовниот партиски конгрес на крајот на годинава, или најдоцна на почетокот на 2026 година, ќе следува голема промена во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски и претседател на ВМРО-ДПМНЕ на 20-тата годишна Конференција на Унијата на жени на партијата.
„Кој ќе се покаже со својата работа ќе остане, но тие што нема да ги исполнат очекувањата на граѓаните ќе ги поздравам и ќе им се заблагодарам“, истакна Мицкоски во своето обраќање.
Тој порача дека уште сега ја испраќа пораката дека „образот и честа“ се најважни за секој човек и додаде дека ќе даде сè за тие да останат најчистиот дел од политичката работа.
„Тоа сите заедно му го должиме на народот“, рече Мицкоски.
Осврнувајќи се на претстојните локални избори, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ интензивно се подготвува и дека објавата на кандидатите за градоначалници ќе се одвива во два циклуса, од кои првиот ќе почне до крајот на месецов.
„Чест и обврска ми е да соопштам дека нашите кандидати, во речиси сите општини, водат најмалку три до четири пати повеќе споредено со кандидатите од опозицијата. А ако продолжат вака, опозицијата можеби нема да освои ниту една општина“, изјави Мицкоски.
Во своето обраќање, Мицкоски упати благодарност до членовите на Унијата на жени, нарекувајќи ја организацијата „дел од срцето на партијата“ и „заштитник на женските права“.
„Работиме посветено и одговорно, свесни за обврската која сме ја презеле. Оваа наша борба не е само на една генерација, туку залог за идните. Ќе ги вратиме вистинските вредности во политиката – почитување на законите, работа, чесност, принципиелност“, изјави премиерот.
Свет
Папата Лав XIV: Ќе работам на единството, Црквата да биде симбол на мирот во светот

На инаугуративната миса одржана денеска на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, новоизбраниот папа Лав XIV вети дека ќе се залага за единство во Римокатоличката црква, повикувајќи на помирување и слога во време на длабоки поделби.
„Сакам Црквата да биде симбол на мирот во светот. Единството не е само наш повик, туку и наш долг“, изјави Папата во својата прва проповед пред десетици илјади верници, како и бројни светски и црковни лидери кои присуствуваа на свечената церемонија.
Американските медиуми ја истакнуваат важноста на оваа порака, особено во контекст на се поголемата поларизација во рамките на Римокатоличката црква, особено во САД.
Во текот на свеченоста, на папата Лав XIV му беа врачени и трите главни симболи на неговата папска функција: палиумот, литургиската облека и рибарскиот прстен – познат како Пискаторски прстен.
Литургиската облека е изработена од јагнешка волна, што ја симболизира улогата на папата како пастир. Палиумот, кој се носи преку рамото и се прицврстува со три иглички што потсетуваат на шајките од Христовиот крст, го претставува товарот и мисијата на пастирската служба. Рибарскиот прстен, кој традиционално се уништува по смртта на папата, го симболизира односот на Светиот Отец со Свети Петар, првиот папа и рибар по занимање.
Папата Лав XIV стапува на функцијата во време на глобални предизвици и духовни расколи, со порака дека ќе ја води Црквата кон помирување и обновување на довербата кај верниците ширум светот.