Топ
Кривична за дваjца шверцери кои покрај дрва за Турција пренесувале и 10 килограми марихуана

Велешкиот суд одреди мерка притвор во траење од 30 дена за две лица за кои се води истражна постапка за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Како што информираат од Јавното обвинителство, двајцата осомничени за да пренесат марихуана во количина од 9.855 грама, искористиле претходно договорено патување на првоосомничениот во Турција каде со камион требало да се однесе дрвена граѓа.
Ноќта пред патувањето, закажано на 22 јули месецов, второосомничениот ја донел дрогата до камионот кај село Смоквица каде се сретнал со првоосомничениот кој го управувал истиот. Дрогата била спакувана во 20 полиетиленски пакувања со марихуана сместени во две торби и еден куфер.
Второосомничениот влегол во камионот кој го управувал првоосомничениот и ја распоредил дрогата на повеќе места во возилото.
Кога осомничените во текот на ноќта со камионот пристигнале на граничниот премин Стар Дојран, при излез од државата била извршена контрола од службени лица и дрогата била пронајдена.
Ценејќи дека постои опасност од бегство на осомничените како и можност да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител од велешкото основно јавно обвинителство доставил предлог за определување на мерка притвор, кој Основниот суд во Велес го прифатил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Топ
(Фото) Запленети околу 100 килограми марихуана во Струмица, уапсени три лица

Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Струмица во координација со Агенцијата за национална безбедност, а во согласност со своите законски овластувања, постапувајќи по наредба на јавен обвинител на 30.06.2025 во 18.30 часот на ул. „Климент Охридски“ во Струмица ги лишија од слобода Е.Б.(32) од село Попчево, струмичко и А.С.(39) и А.С.(24) од скопско.
При преглед на патничко возило „голф“ со фалсификувани регистарски ознаки, управувано од Е.Б., биле пронајдени шест торби со 100 пакувања марихуана, со вкупна тежина од околу 100 килограми.
За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица.
По документирање на случајот, во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава и ќе бидат изведени пред судија од Основен суд Струмица, соопштија надлежните.
Македонија
Филипче: Не е време за калкулации, ниту за ситнопартиски интереси, СДСМ останува силен промотор на европската идеја

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по средбата со еврокомесарката за проширување Марта Кос, изјави дека поддршката од Европската Унија за евроинтеграциите на Северна Македонија е силна и континуирана.
„Имавме одлична и многу конструктивна средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос. Оваа средба е доказ за континуираната, искрена поддршка која ЕУ ѝ ја дава на земјата на патот кон конечната цел – членство во Унијата“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ останува целосно посветен на европскиот пат како единствена реална опција за развој на државата.
„Сметаме дека тоа е единствениот начин на кој земјата ќе ги зајакне капацитетите и институциите, граѓаните ќе имаат подобра економска положба, ќе има вистинска реформа на правниот систем, и младите ќе може да ја бараат својата иднина тука, затоа што ќе имаат многу повеќе можности од тоа што го имаат сега“, додаде тој.
Филипче изрази загриженост за стагнацијата во евроинтегративниот процес и недостатокот на политичка стратегија и дијалог во изминатата година.
„Жалам што има стагнација на тој пат – некако отсуствуваат и стратегија, и политички дијалог, и за жал се отвораат веќе затворени прашања. Во таа смисла, побарав поддршка од еврокомесарката, и од неа лично, и од сите европски партнери, да се откочи нашиот евроинтегративен пат“, нагласи Филипче.
Тој испрати јасна порака до сите политички чинители дека е време за единство околу стратешката цел – членство во ЕУ.
„Ова не е време ниту за калкулации, ниту за тесно и ситнопартиски интереси. Ова е време во кое секоја една партија треба да даде сѐ од себе за да продолжиме по патот на евроинтеграцијата, да се отворат поглавјата за преговорите, затоа што граѓаните тоа го очекуваат од нас“, порача Филипче.
„И јас лично, и СДСМ, остануваме силни промотори на европската идеја кај нас.“