Топ
Кривична против битолчанец поради расистички и ксенофобични објави на „Фејсбук“ против пратеници
СВР Битола во координација со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи до надлежното јавно обвинителство ќе поднесе кривична пријава против А.С. (30) од Битола, поради споделена објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ со која предизвикал загрозување на сигурноста на пратеници во Собранието на Република Македонија и поради ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, односно поради основано сомнение за сторено кривично дело „Загрозување на сигурност“ и „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.
По консултации со Основното јавно обвинителство Битола А.С. бил повикан на службен разговор во полициска станица, каде појаснил дека објавите ги направил преку својот мобилен телефон.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и понатаму ќе продолжи со активностите со цел санкционирање на ваквите случаи. Оттаму ги повикуваат сите граѓани кои се изложени на вакви закани или сведочат вакви закани, истите да ги пријават во најблиската полициска станица или на адресата [email protected]
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.
Македонија
(Видео) Крмов: Премиере, ќе ја раскинете ли нелегалната концесија за Блатешница по 13 продолжени рокови
Пратеникот Борислав Крмов од Левица на седница на пратенички прашања ја повика Владата да ја раскине концесијата за изградба на мала хидроцентрала на реката Блатешница во село Блатец, обвинувајќи за незаконско пролонгирање на роковите и игнорирање на волјата на локалното население кое како што рече „веќе една деценија со своите тела, со един вид жив штит, си ја бранат реката и правото на незагадена природа и вода“.
Крмов истакна дека концесијата за изградба на хидроцентралата во 2012 година е доделена на фирмата „Енерџилукс ДООЕЛ Штип”, основана само два месеца претходно, а е всушност ќерка фирма на текстилната фабрика „Виза Фешн“ од Штип. Тој истакна и дека договорот предвидувал започнување со комерцијална работа во рок од три години од ефективниот датум, а тоа е 23.12.1212 година.
„Имаме ситуација во која концесионерот не ја исполнил обврската да започне со производство во предвидениот рок, а наместо раскинување на договорот, рокот е продолжуван дури тринаесет пати“, рече Крмов и додаде дека во меѓувреме, односно во 2020 година, ситуацијата се менува и од штипска фирма таа станува кочанска фирма во сопственост на „Атом Сантех“ ДОО Кочани.
Тој се повика на член 33 од договорот, според кој Владата може да ја раскине концесијата доколку инвеститорот не ги исполни обврските. Исто така нагласи дека Владата може еднаш да го пролонгира рокот и доколку и тогаш не се отпочне со производство Владата треба еднострано да ја раскине концесијата. Во овој случај, како што истакна пратеникот и покрај повеќекратните пролонгирања, договорот не е раскинат.
Крмов посочи и на извештај од 2014 година во кој, како што рече, било минимизирано влијанието на хидроцентралата врз водоснабдувањето на селото.
„Помеѓу зафатот на централата и машинската зграда се наоѓа зафатот за водоснабдување на селото Блатец. Треба да веруваме дека изградбата нема да влијае врз водата што ја користат над илјада жители“, рече Крмов, додавајќи дека не биле земени предвид ниту системите за наводнување, малите акумулации и локалните стопански капацитети.
Крмов посочи дека жителите на Блатец со години организираат деноноиќни блокади за да ја спречат изградбата и се единствените кои во целиот процес се исклучени и укажа дека Владата на седница од март 2025 година само за 20 минути разгледата шест договори за концесија на мали хидроцентрал и на сите им бил продолжен рокот, меѓу кои и на хидроцентралата на Блатешница.
„Не гледам друг начин инвеститорот да започне со работа освен на сила. Се надевам дека нема со сила да ги рушите барикадите“, рече Крмов.
Во обраќањето тој се повика и на природното право на локалното население. „Тие луѓе со генерации живеат таму и пијат вода од таа река. Тие се најповиканите кога се носат одлуки што директно влијаат вр нивниот живот, а не профитот да биде пред сѐ, нагласи пратеникот.
На крај упати директно прашање до премиерот: „Дали ќе се одважите конечно да застанете на страна на жителите на Блатец и ќе ја поништите концесијата за малата хидроцентрала, особено ако и овој тринаесети рок биде прекршен на 7 март годинава?“.
Македонија
„Сега странски служби јавиле, имаме чувство дека театарот со Груби стана циркус“, велат од СДСМ
„Театарот со Груби стана циркус. Имаме чувство Мицкоски. Прво граѓаните ја видоа режираната претстава на граница, доаѓањето со наочари, со насмевка, каде недостасуваше уште црвен килим за Груби. Потоа смисленото сценарио и пречек со камери, со медиумска поддршка на 40% од медиумите под контрола на ВМРО преку Орбан“, велат од СДСМ
„Па одредувањето куќен притвор од обвинителство и судство по контрола на ВМРО ОКГ. Обвинителството прво велеше дека АНБ на Христовски и МВР на Тошковски дале безбедносна проценка дека Груби не е безбеден и затоа морале да одредат куќен притвор.
Излезе директорот на Затворот и демантираше, рече дека ниту АНБ ниту МВР не дошле и не направвиле проценка. Вчера Мицкоски изјави дека тоа биле класифицирани информации, доверливи и не може да се соопшти. Имал чувство.
Сега излегуваат информации дека наводно „странски служби“ јавиле уште пред една година и дека безбедносна проценка воопшто не била направена од АНБ и МВР.
Циркус. Само не кажаа која, дали српска или руска странска служба?
Веќе не знаат што да излажат. Само нешто се измисллува за да се покрие сценариото.
Исто како во времето на Никола Груевски.
Какви странски служби, какви проценки, нема посилна потврда од ова дека сè е договорено“, соопшти СДСМ.

