Црна хроника
Кривична против директорот на „Водовод“ – Прилеп поради несовесно работење
СВР Битола – ОВР Прилеп до ОЈО Прилеп поднесе кривична пријава против Е. Ј. (49), директор на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата, З. К. (53) од Скопје, вработен во приватна фирма од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или приватно партнерство, Д. К. (52) од Скопје, вработен во друга приватна фирма, за сторено кривично дело злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или приватно партнерство и против двете правни лица од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или приватно партнерство.
Првопријавениот во текот на 2018 година во име на претпријатието спровел постапка за јавна набавка на стока – уред за скенирање подземни линии и наместо преку неа да овозможи рационално и ефикасно користење на средствата од претпријатието, по спроведената електронска аукција, на која била постигната висока цена, донел и своерачно потпишал одлука за склучување договор и наместо да ја поништи постапката затоа што цената била висока, тој создал услови за меѓусебен договор на двата економски оператора во постапката за јавна набавка на уред за скенирање подземни линии. На ваков начин предизвикал штета на буџетот од јавното претпријатие во износ од 2.300.000 денари.
Второпријавениот, во име на четвртопријавеното правно лице и третопријавениот во името на петтопријавеното правно лице, во текот на 2018 година во својство на единствени економски оператори, со меѓусебен договор, ја изиграле постапката за јавна набавка на уред за скенирање подземни линии, спроведена од страна на договорниот орган ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп на тој начин што не се ни спровел реален конкурентски однос помеѓу нив, односно само привидно, за мала вредност, ја спуштиле почетната цена и овозможиле да биде склучен договор за јавна набавка помеѓу договорниот орган и петтопријавениот правен субјект за нереално висока цена. За и двата правни субјекта преку јавната набавка да се стекнат со имотна корист, се договориле второпријавениот, во име на четвртопријавениот субјект, да ја изврши набавката на потребниот уред и за сума речиси двојно поголема од набавната да го продаде на третопријавениот во име на петтопријавениот субјект, кој понатаму во согласност со договорот за јавна набавка му го предал на договорниот орган. Преку постапката двата економски оператора стекнале имотна корист во износ од 600.000 денари, односно од 1.700.000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец осомничен за семејно насилство, предложен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информира Обвинителството.
„Осомничениот 41-годишник од Велес со непријавено престојувалиште во Скопје, при вршење семејно насилство, со умисла телесно ја повредил неговата вонбрачна партнерка.
Додека оштетената ја подготвувала да ја однесе во градинка нивната ќерка, тој најпрво започнал вербална расправија, а потоа со лажица за облекување чевли, во повеќе наврати ја удрил во пределот на главата.
Жртвата се повлекла во спалната соба од станот, каде осомничениот насилно ја турнал на креветот, го зел нејзиниот мобилен телефон и го фрлил на подот, почнал да ја плука по лицето и со неколку удари со бокс во главата и телото и нанел телесни повреди – контузија и хематоми.
Јавниот обвинител го имаше предвид фактот дека жртвата претходно го имала пријавено осомничениот за семејно насилство, но потоа го повлекла предлогот за кривично гонење. Затоа, заради обезбедување на присуството на осомничениот во текот на кривичната постапката и особено заради заштита од понатамошни насилни однесувања кон оштетената, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, стои во соопштението на Обвинителството.
Црна хроника
Истрага за полов напад и уцена на девојче во липковско
Основното јавно обвинителство Куманово ќе поведе истражна постапка и ќе предложи мерка притвор за 2 лица за кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 2 во врска со став 1, а едниот од нив е осомничен и за кривично дело – Уцена согласно став 259 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
„Првоосомничениот, спротивно на јасно изразена волја, извршил полови дејствија врз малолетна девојка во липковско, а ја принудил на полови дејствија и со второосомничениот.
Потоа жртвата ја уценувал дека наводно ќе објави нејзини експлицитни фотографии доколку не му исплати 20.000 евра.
Девојчето било принудено да зема пари од дома без знаење на родителите и да позајмува од други лица, па во повеќе наврати му ги давала парите на првоосомничениот.
Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени кои се лишени од слобода.
Основното јавно обвинителство Куманово продолжува да презема истражни дејствија“, стои во соопштението на Обвинителството.
Топ
18-годишникот кој со автомобил усмрти жена во Капиштец немал возачка, од Македонија избегал преку Табановце
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело, информираат од Обвинителството.
„Осомничениот 18-годишник на 9 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што го довел во опасност животот на луѓето.
По улицата “Народен Фронт” управувал автомобил “Фолскваген пасат’’ и со возилото извршил дејствие на непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента, без притоа да се увери дека тоа може да го стори без опасност по другите учесници во сообраќајот, со брзина на движење на возилото неприспособена спрема својства, состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Освен тоа, автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола.
При такви услови со возилото удрил во телото на оштетената Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да и укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала.
Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на осомничениот за предизвикување на сообраќајната несреќа да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце.
Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази и определениот притвор, по него ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.

