Црна хроника
Кривични за скопјанец и неговата 18-годишна придружничка кои ограбиле фирма во Аеродром
Скопската полиција поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство против 33-годишен скопјанец поради сомнение дека извршил кривично дело „разбојништво“ и против 18-годишна девојка, исто така од Скопје, поради сомнение дека помагнала при извршување на делото.
Како што информираат од МВР, на 16 месецов пријавените со мотоцикл дошле пред просториите на фирмата „Брза пратка“ на булевар „Јане Сандански“. Кога пристигнала вработената и ја отклучила влезната врата, 33-годишникот влегол по неа и со закана со пиштол ѝ ги одзел парите кои таа претходно ги извадила од банка и мобилниот телефон.
Преку овој вооружен грабеж двајцата пријавени се стекнале со противправна имотна корист од околу 680 000 денари (околу 11 000 евра).
Полицијата презела мерки во врска со настанот, при што на 27 месецов, врз основа на судска наредба, бил извршен претрес во домот на пријавениот скопјанец на улица Тодор Чангов, каде што била затекната и 18-годишната девојка.
При претресот бил пронајден пластичен пиштол и предмети поврзани со кривичното дело. Двајцата биле лишени од слобода, а извршено е и препознавање на пријавените од страна на вработената во фирмата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен 15-годишник во делчевско по пријава за обљуба врз малолетничка
На 28 февруари 2026 година во 14:30 часот во делчевско, полициски службеници од ОВР Делчево лишиле од слобода 15-годишник, постапувајќи по претходна пријава од 17-годишна малолетничка.
Според пријавата, откако претходно се договориле да се сретнат, тој извршил обљуба врз неа.
За настанот бил известен јавен обвинител, како и Центарот за социјална работа, а известен бил и родител на малолетникот. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Пронајдена граната од Првата светска војна во битолско село
На 28 февруари 2026 година во 09:40 часот во СВР Битола, П.С. од село Добромири, битолско, пријавил дека во дворното место пронашол стара граната.
По пријавата, на местото излегол пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, кој безбедно ја подигнал гранатата. При извршената проверка било утврдено дека станува збор за минофрлачка граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните апелираат до граѓаните доколку пронајдат сомнителни експлозивни направи веднаш да ги пријават во полиција и да не ги допираат.
Црна хроника
Тешко повреден 17-годишен мотоциклист во сообраќајка во Битола
На 28 февруари 2026 година во 14:42 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата меѓу улиците „Македонски Гемиџии“ и „Индустриска“ во Битола се случила сообраќајна несреќа меѓу товарно возило мерцедес со битолски регистарски ознаки и мотоцикл лонгиа, исто така со битолски ознаки.
Товарното возило го управувал З.В. (42) од Битола, додека мотоциклот го управувал 17-годишник од Битола.
Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола.

