Црна хроника
Кривични за скопјанец и неговата 18-годишна придружничка кои ограбиле фирма во Аеродром

Скопската полиција поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство против 33-годишен скопјанец поради сомнение дека извршил кривично дело „разбојништво“ и против 18-годишна девојка, исто така од Скопје, поради сомнение дека помагнала при извршување на делото.
Како што информираат од МВР, на 16 месецов пријавените со мотоцикл дошле пред просториите на фирмата „Брза пратка“ на булевар „Јане Сандански“. Кога пристигнала вработената и ја отклучила влезната врата, 33-годишникот влегол по неа и со закана со пиштол ѝ ги одзел парите кои таа претходно ги извадила од банка и мобилниот телефон.
Преку овој вооружен грабеж двајцата пријавени се стекнале со противправна имотна корист од околу 680 000 денари (околу 11 000 евра).
Полицијата презела мерки во врска со настанот, при што на 27 месецов, врз основа на судска наредба, бил извршен претрес во домот на пријавениот скопјанец на улица Тодор Чангов, каде што била затекната и 18-годишната девојка.
При претресот бил пронајден пластичен пиштол и предмети поврзани со кривичното дело. Двајцата биле лишени од слобода, а извршено е и препознавање на пријавените од страна на вработената во фирмата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
МВР: Во период од шест часа 169 сообраќајни прекршоци во Тетово и Куманово

Вчера во периодот од 16.00 до 22.00 часот Секторот за сообраќајни работи при Одделот за униформирана полиција во Биро за јавна безбедност и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведоа акциска контрола на територијата на СВР Тетово и СВР Куманово, за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
При контролата, како што соопшти МВР, санкционирани се 169 возачи од кои 17 за возење без возачка дозвола, 13 за управување возило со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола, двајца возачи за управување возило со несоодветна категорија.
Изречени се девет мерки за возачи кои управуваат моторно возило како возач почетник, односно со сила на мотор на возилото поголема од дозволената, 73 санкции за возачи на мотоцикл поради не користење на заштитна кацига, пет мерки за затемнети стакла без извршен А-тест, осум санкции за вршење јавен превоз на патници без лекарско уверение, одземени се два мотоцикли по член 344 од ЗБСП. На сите прекршители, според полицијата, изготвени им се соодветни поднесоци.
Од таму со најава дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за побезбедни патишта.
Црна хроника
Возел пијан и излетал од патот: уапсен возач од Злетово

Вчера околу 20 часот на регионалниот пат село Лесново – Злетово, полициски службеници од ОВР Пробиштип го лишија од слобода 64-годишниот В.Ј. од Злетово.
Тој управувајќи патничко возило „шевролет спарк“, излетал од коловозот, а при извршениот увид утврдено е дека бил под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1.81 промили алкохол во крвта.
По документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Црна хроника
Наместо да ги евидентира, ги крадела парите: кривична за кумановка која во јавно претпријатие фалскификувала и уништувала деловни книги

Секторот за внатрешни работи Куманово до Основното јавно обвинителство Куманово поднесе кривична пријава против М.А. (37) од Куманово поради постоење основи на сомнение дека сторила кривични дела „проневера во службата“ по чл.354, ст.3, во врска со ст.1 и во врска со чл.45 и „фалсификување или уништување деловни книги“ по чл. 280 ст.2 во врска со ст.1 во врска со чл.45 од КЗ и против Ј.А. (52) од Куманово поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело „несовесно работење во службата“ по чл.353-в ст.1 од КЗ. М.А. како службено лице, вработена во јавно претпријатие Куманово, на работно место референт/благајник.
Лицето во период од 09.11.2020 до 11.11.2024 во 410 наврати, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, континуирано присвоила вкупно 8.276.434 денари кои и биле доверени во службата, така што парите кои во готовина ги примала од наплатувачи-оператори од наплатни центри на јавното претпријатие наместо сите да ги евидентира и внесува во сметководствена документација и да ги уплати на трансакциска сметка во банка на јавното претпријатие, истата противправно дел од парите ги присвоила и задржала за себе, а во компјутерскиот систем изготвувала документи со преправање и менување-дуплирање на редни броеви и таквите документи, заедно со дел од дневните извештаи-спецификации за кои наменски изготвувала каса прими со дуплиран веќе постоечки број, за да не биде забележана, ги изнесувала од јавното претпријатие и ги уништувала, со што го оштетила јавното претпријатие за 8.276.434 денари.
Додека пак Ј.А., на работно место раководител на Одделение за сметководство и финансова оператива, очигледно несовесно постапила во вршење на своите овластувања и должности на тој начин што пропуштила должен надзор и во текот на работењето не извршила контрола над работењето на М.А. ниту пак извршила усогласување на сметководствената со фактичката состојба, односно проверка и споредба на вкупните износи на пари од наплатени сметки од граѓани и износите на пари внесени на трансакциска сметка во банка на јавното претпријатие, со што и овозможила на М.А. да се стекне со противправна имотна корист, со што придонела за настанување на финансиска штета.