Црна хроника
Кривични пријави за гранични полицајци кои ослободиле осудено лице барано со потерница
Двајца гранични полицајци се суспендирани и добија кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластувања. Според информациите, тие ослободиле осудено лице, кое претходно било депортирано од косовските власти на граничниот премин Долно Блаце.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против полициските службеници Г.В. и С.С. вработени во Регионалниот центар за гранични работи Север, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 1 од Кривичниот законик.
„Пријавените кривичното дело го сториле на начин што откако државјанин на Република Северна Македонија бил депортиран од страна на косовските власти на граничниот премин Долно Блаце, поради илегално преминување на државната граница, веднаш по извршеното примопредавање лицето го ослободиле од службените простории, без да ги извршат потребните проверки и службените процедури и притоа да утврдат дека депортираното лице се барало преку потерница за претходно сторено кривично дело“, соопшти МВР.
Против лицата е поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и истите се суспендирани од работните места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанка со нож нападната од нејзиниот татко
На 02.03.2026 во 18:45 часот во СВР Скопје, 48-годишна жена од Скопје пријави дека околу 15:00 часот во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот 79-годишен татко, кој со остар предмет и упатувал закани, при што сам се повредил од невнимателност.
Во 20:00 часот, според полицијата, 79-годишен маж од Скопје пријавил дека околу 15:00 часот во семејниот дом неговата ќерка насилно му го одзела мобилниот телефон, при што почнале меѓусебно да се туркаат, а неговиот зет физички го нападнал.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Загина жена од Злетово: ја прегазил „мерцедес“
Вчера во 15:33 часот во ОВР Пробиштип е пријавено дека на ул.„Пониква“ во Злетово, на место викано „Клапчово маало”, Р.З.(50) од с.Неокази, пробиштипско, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со пробиштипски регистарски ознаки, удрил во пешакот З.А.(59) од с.Злетово, пробиштипско.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починала З.А., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на почината е предадено на Судската медицина за обдукција.
Полицијата соопшти дека е извршен увид од увидна екипа на ОВР Пробиштип.
Црна хроника
Уапсен Турчин: во патничко возило превезувал пет лица мигранти
Вчера вечер во 23:00 часот на локалниот пат Гевгелија-Граничен премин Богородица, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гевгелија го лишија од слобода 46-годишниот Ф.С. од Република Турција.
При сообраќајна контрола, полициските службеници запреле патничко возило „дачија“ со албански национални ознаки, кое го управувал, при што во возилото биле затекнати пет лица мигранти, од кои четири лица од Авганистан и едно лице од Турција.
Лицето е приведено изадржано во Полициската станица Гевгелија, а по целосно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

