Црна хроника
Кривични пријави за поранешни директори и заповедник во затворот во Струмица: им давале одмор и излези на осуденици без да ги исполнуваат условите
СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против Б.Ц.(41) од Струмица, поранешен директор на Казнено-поправната установа Затвор Струмица, В.М.(36) од Струмица, поранешен вршител на должноста директор на Казнено-поправната установа Затвор Струмица и В.Т.(42) од Струмица, заповедник на затворска полиција во Казнено-поправната установа Затвор Струмица поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување’’ по член 353 став 1, во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Пријавениот Б.Ц., извршувајќи ја функцијата директор на установата, и пријавениот В.М., извршувајќи ја функцијата вршител на должноста директор на установата, злоупотребувајќи ја и искористувајќи ја својата службена положба, во повеќе наврати постапиле спротивно на член 70 од Правилникот за куќен ред за осудените лица кои издржуваат казна затор во казнено-поправната установа, односно издале решенија за одредени осудени лица да користат определени погодности, без да биде спроведена постапка која според правилникот треба да се спроведе пред издавање на такви решенија. На ваков начин, Б.Ц. во три случаи на едно лице му овозможил краткотраен излез од установата. Пријавениот В.М., во 32 наврати на седум лица им овозможил краткотраен излез од установата, а во два наврати на две осудени лица им овозможил користење на годишен одмор без да ги исполнуваат пропишаните услови. Исто така, В.М. на четири лица им овозможил распоредување од полуотворено во отворено одделение во установата и покрај тоа што не ги исполнувале условите.
Пријавениот В.Т., заповедник во Затвор Струмица, од пријавениот В.М. добил писмено овластување да врши работи од областа на ресоцијализација, без да поседува соодветно образование за тоа работно место, а притоа продолжил истовремено да ја раководи и Затворската полиција, односно да извршува работи на две различни работни места кои се исклучително важни и одговорни и кои се неспоиви.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Обвинение за семејно насилство врз бремена девојка во Свети Николе
Основното јавно обвинителство Свети Николе итно ги презеде сите дејствија за обезбедување докази и поднесе обвинение против 21-годишник за нанесување телесна повреда при семејно насилство, што е кривично дело според член 130 став 2 во врска со став 1, како и за противправно лишување од слобода според член 140 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, обвинетиот на 19 и 20 февруари, во семејната куќа во Свети Николе, при вршење семејно насилство, ја ограничил слободата на движење и телесно ја повредил неговата бремена девојка.
„Ја навредувал оштетената со која живееле во семејна заедница, а потоа започнал да ја удира со тупаници. Кога девојката се онесвестила од ударите, ја однел во бањата каде ја освестил со ладна вода, по што почнал да ја влече за коса и повторно да ја удира со боксови по главата и телото. Оштетената од ударите се здобила со повеќе телесни повреди, а кога се обидела да избега обвинетиот и го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде ја држел 15 часа спротивно на нејзината волја.
Јавниот обвинител, заедно со обвинението, поднесе и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот. Во меѓувреме се вршат проверки и во однос на наводи и сомненија за други дејствија на злоупотреби од ова лице кон истата оштетена, кои произлегуваат од нејзиниот исказ даден пред јавниот обвинител“, велат од Обвинителството.
Топ
Од Дубаи екстрадирано лице барано со потерница од македонската полиција, прва екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати во нашата земја
Денеска од Дубаи во нашата земја беше екстрадиран 33-годишниот Флорим Лимани, кој беше баран со меѓународна потерница за издржување затворска казна од три години и шест месеци за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, казниво по чл. 396 ст.1 од КЗ.
Ова е прва реализирана екстрадиција на лице од Обединетите Арапски Емирати, кое нашата држава го бара со меѓународна потерница, извести МВР.
Фото: МВР
Топ
Кривична против поранешна директорка на Клиничка болница Битола за злоупотреба на службената положба и овластување
СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против Е.И.(53) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Пријавената, како поранешен директор на Јавна здравствена установа-Клиничка болница Битола, во текот на 2023 година, спротивно на одредбите од Законот за администаривни службеници, Законот за изменување и дополнување на Законот за администаритвни службеници, без согласност од Министерството за финансии и спротивно од Законот на буџети за вработување, без спроведени интерни огласи и согласност и потпис од Секторот за човекови ресурси, за 11 лица вработени како административни службеници во управната зграда во Клиничка болница Битола склучила анекси кон договорите за вработување со цел зголемување на коефициентите на сложеност на работните места и издала решенија за утврдување на висина на плата, односно унапредување во повисок степен без соодветно образование.
На тој начин пријавената го оштетила Буџетот на Министерството за здравство, односно Фондот за здравствено осигурување за 49.304 евра до моментот на поднесување на пријавата. На пример, лице вработено како помошник одговорен инжинер за техничко одржување на објекти, каде било предвидено средно образование електротехника или електромашинство, било унапредено лице со академско звање – доктор на науки од областа на индустриски менаџмент и платата му била пресметувана по коефициент на сложеност кој се однесувал за профил доктор на немедицински науки, сродни на дејностите на установата.

