Топ
Кумановецот Џенгиз Мусљиу баран со меѓународна потерница фатен во Тирана: Не знам зашто се води кривична постапка против мене
Обвинителството во Тирана одлучи да се обрати до властите на Северна Македонија со барање за податоци за лицето Џенгиз Мусљиу, кој беше уапсен вчера на меѓународниот аеродром во Тирана, објави „Топ чанел“.
Според истиот извор, Муслиу бил осуден во Северна Македонија за кривични дела насилство и му била изречена казна затвор во траење од 11 години.

Мусљиу пред судијата рекол: „Имам белгиско државјанство и побарав политички азил во Белгија бидејќи сум во опасност. Знаев дека се води кривична постапка против мене, но не знам за што. И мене во тоа време ме малтретираше полицијата“.
„Но, Обвинителството нема никакви детали за што Мусљиу бил осуден од Основниот суд во Куманово во 2016 година. При контрола на аеродромот при влез во Албанија излегло дека е барано лице со меѓународна потерница“, наведува телевизијата.
Мусљиу не дал други детали за случајот и во меѓувреме, додека македонските власти не испратат податоци, тој ќе биде задржан во затвор поради екстрадиција.
Во прегледот на барани лица со меѓународна потерница на македонското Министерство за внатрешни работи стои дека Џенгиз Мусљиу е роден 11.1.1990 година во Куманово, каде што и живее на улицата Д-р Рибар бр. 120. Се бара со наредба КУИКП бр. 6/17, издадена од Основниот суд во Куманово за сторено кривично дело по чл. 386 од КЗ на РСМ за издржување казна затвор во траење од 11 години и наредба КУИКП бр. 524/14 од Основниот суд во Куманово за сторено кривично дело по чл. 215 од КЗ на РСМ за издржување казна затвор во траење од четири години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По пад од балкон загина 10-годишно момче во Тетово: родителите дознале од соседите
Денеска (03.03.2026) во 09:25 часот во СВР Тетово било пријавено дека во Клиничка болница Тетово било донесено починато 10-годишно момче од Тетово, информираат за „Макфакс“ од МВР.
Според пријавеното, детето кое било со здравствени проблеми паднало од тераса од станот во кој живеело во Тетово, а родителите за настанот биле известени од сосед, по што го однеле во болница.
Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.
Македонија
Тошковски објави нови детали за трагедијата во Карпош: Жртвата негирала насилство пред полицијата, сопругот имал криминално досие и со дрога и имотни деликти
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти нови детали за вчерашната трагедија во Карпош, во која загинаа мајка и дете.
Како што рече, вчера, на 2 март 2026 година околу 14 часот, случаен минувач пријавил дека мајка и девојче скокнале од зграда, по што полицијата веднаш излегла на терен. Министерот посочи дека на настанот претходела пријава. Во 12:05 часот имало пријава и бил извршен разговор со Ивана. Таа, според министерот, изјавила дека станува збор за недоразбирање и дека не бара полициска интервенција, наведувајќи дека брачните односи ги решава во бракоразводна постапка. За разговорот била составена службена белешка, која, како што рече Тошковски, починатата ја потпишала.
„Сите овие околности детално се документираат и ќе бидат предмет на понатамошна анализа“, изјави министерот, додавајќи дека МВР ќе ги утврди фактите, вклучително и дали изјавата дадена тој ден била под присила.
Тошковски соопшти дека лицето Стојанче Јовановски е лишено од слобода и дека ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Во однос на неговото минато, министерот изнесе детали дека во изминатите години СВР Скопје поднело 10 кривични пријави за дела поврзани со насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога. Според податоците што ги соопшти, кај него во еден од случаите биле пронајдени 20 паковки наркотична супстанција, по што бил уапсен и против него била поднесена кривична пријава, а по барање на јавен обвинител му биле изречени мерки на претпазливост.
Тошковски рече дека најголем број од предметите поврзани со семејно насилство се затвораат затоа што жртвата се повлекува.
„Треба максимум да сториме да ги охрабриме жртвите да пријават и случаите да бидат процесуирани до крај“, рече Тошковски.
Тој најави дека Министерството ќе се фокусира максимално на секој ваков кривично-правен настан, особено кога се констатираат видливи физички повреди, при што, како што посочи, треба да се разгледа можноста жртвата да не може да се повлече од пријавата доколку се утврдат такви повреди.
„Ако жртвата повторно се повлече, полицијата ќе има проблем за докажување. Но ако се ангажираат центрите и се охрабрат граѓаните да зборуваат гласно и јавно, нема да има вакви ситуации“, изјави Тошковски, додавајќи дека не тврди оти полицијата постапила совршено, и дека истрагата ќе се спроведе максимално во детали за да се утврди што точно се случило.
Додаде и дека отсега секој што ќе биде посочен дека е сторирел на семејно насилство, ќе биде повикан на информативен разговор во полициска станица.
Македонија
Бракоразводна постапка и пријава за насилство – вонреден надзор во Центарот за социјални работи по трагедијата во Карпош
Министерството за социјална политика, демографија и млади изрази длабоко сочувство до семејството и блиските на мајката и детето кои го загубија животот во трагичниот настан.
Од Министерството информираат дека, согласно законските надлежности и принципот на должно внимание, веднаш бил извршен вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи – Скопје, со цел целосно и непристрасно утврдување на фактичката состојба и начинот на постапување на институцијата.
Според првичните информации од инспекторите, починатата заедно со сопругот за првпат била евидентирана во Центарот на 7 октомври 2025 година, по барање на Основниот граѓански суд во врска со постапка за развод на брак.
Во однос на пријавено насилство, од Министерството наведуваат дека допис од Министерството за внатрешни работи бил примен и заведен во Центарот на 2 февруари 2026 година, а се однесувал на настан од 19 декември 2025 година, за сторен прекршок против јавниот ред и мир, односно физички напад на сопругот врз сопругата.
„Министерството има јасен и недвосмислен став: секое евентуално пропуштање, ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора да биде целосно утврдено, а одговорност мора да има согласно закон“, се наведува во соопштението.
Од таму додаваат дека заштитата на жртвите на насилство и превенцијата од семејно насилство се врвен приоритет и дека нема да дозволат институционални слабости да останат неадресирани.
Инспекцискиот надзор е во тек, а по неговото завршување Министерството најавува дека транспарентно ќе ја информира јавноста за наодите и за понатамошните мерки, како и дека будно ќе го следи случајот и ќе преземе сè што е во негова надлежност за да се обезбеди целосна одговорност и зајакнување на системот на заштита.

