Топ
МВР: Пријавата за исчезнато бебе е лажна, жената што пријавила е лишена од слобода

Откако дел од медиумите доцна попладево информираа дека бебе исчезнало од скопските клиники, предмалку Министерството за внатрешни работи извести дека во координација со ОЈО Скопје го расчисти случајот и утврдено е дека станува збор за лажна пријава од страна на Л.А.
“Веднаш по добиената пријава, од страна на Единицата за насилен криминал при СВР-Скопје, а во консултација со ОЈО Скопје преземени се соодветни мерки и активности. Направени се детални проверки во системот на Гинеколошко акушерска клиника Скопје за примени пациенти, и притоа констатирано е дека Л А. последен пат е хоспитализирана во 2019 година. Исто така направени се проверки во системот на Детска клиника и притоа не е забележано новородено дете како што пријави Л.А.. Направени се проверки во ординацијата на матичниот лекар на Л.А. и притоа констатирано е дека таа била на преглед на 08.03.2023 година каде што од страна на докторот е констатирано дека Л.А. не е трудна. Извршен е разговор со докторот и од прибраните докази е констатирано дека пријавата на Л.А. е лажна. Во консултација со дежурен јавен обвинител Л.А. е лишена од слобода и задржана во полициска станица за понатамошно постапување“, информираат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски: 1.800 дронови и 1.200 бомби врз Украина за една недела, Русија го засилува теророт

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за ескалација на теророт врз цивилното население, откривајќи дека во последната недела врз Украина биле лансирани најмалку 1.800 беспилотни летала, над 1.200 лизгачки бомби и 83 ракети.
„Русите го зголемуваат теророт врз нашите градови и општини со цел дополнително да го заплашат народот“, изјави Зеленски преку Телеграм, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Според него, воздушните напади стануваат сè поинтензивни, особено ноќе, а Русија секојдневно ја напаѓа Украина од воздух.
Зеленски ја пофали ефикасноста на украинската противвоздушна одбрана, нагласувајќи дека специјално развиени дронови-пресретнувачи успешно собориле стотици ирански борбени дронови „Шахед“, кои Русија ги користи за напади.
Претседателот на Украина информираше и дека неодамна имал интензивни разговори со западните партнери, со цел понатамошен развој на овие одбранбени технологии.
Како што наведува ДПА, Русија во средата го извела најголемиот напад со беспилотни летала досега, при што украинската одбрана успеала да пресретне повеќе од 700 дронови во еден ден.
Инаку, Украина веќе повеќе од три години се брани од целосната руска инвазија, со голема поддршка од западните земји во оружје, технологии и воена обука.
Топ
Охриѓанка тешко повредена откако ја удрило комбе додека била на велосипед

56-годишна жена од Охрид се здобила со тешки телесни повреди во сообраќајна несреќа што се случила во саботата рано наутро, на кружниот тек од улиците „15-ти Корпус“, „Железничка“, „7 Ноември“ и „Ристо Чадо“ во Охрид.
Како што соопшти полицијата, несреќата се случила на 12 јули 2025 година во 06:40 часот, кога товарно патничко возило „Рено“ со охридски регистарски таблички, управувано од О.Ф. (53) од село Лескоец, удрило во велосипед управуван од В.Л. (56) од Охрид.
Велосипедистката со сериозни повреди била пренесена во Општата болница во Охрид, каде што ѝ била укажана медицинска помош и ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.
Извршен бил увид на местото на настанот од екипа на СВР Охрид, а се работи на целосно расчистување на случајот.
Македонија
Младите на „Галичка свадба“ добија подарок од претседателката Сиљановска Давкова

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, и годинава беше дел од манифестацијата „Галичка свадба“, каде што одблизу ги проследи свадбарските обичаи кои со децении го негуваат македонското културно наследство и ја афирмираат националната традиција.
Како што информира Кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова им честитала на младенците Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски, посакувајќи им среќен и исполнет заеднички живот, полн со љубов, разбирање и многу деца. На новиот брачен пар, претседателката им подари „галичка пафта“ – симболичен подарок со мотив од мијачката носија, карактеристична за регионот на Галичник.
Претседателката истакна дека „Галичка свадба“ не само што ги негува традициите, туку ја промовира македонската култура на светската сцена.
„Нешто што е дел од нашиот идентитет, нешто што нѐ прави посебни и уникатни мора да се зачува. Радосна сум што младите ја прифаќаат оваа традиција и ја продолжуваат“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа додаде дека Галичник, со својата автентична архитектура, историја и природна убавина, има потенцијал да биде културно-туристички центар што ќе живее преку целата година, а не само за време на свадбарската манифестација.
Манифестацијата започна со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичното „фрлање“ пушка од куќата на зетот, а по венчавањето во црквата „Св. апостоли Петар и Павле“, продолжија традиционалните обичаи.
„Галичка свадба“ традиционално се одржува околу празникот Петровден, време кога печалбарите се враќале во родниот крај за да се женат, а оваа културна манифестација со децении се одржува под покровителство на претседателот на државата.