Топ
Млада жена со перница се обиде да ја убие бабата на сопругот – ужас во Ѓорче
Скопското Обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишна жена осомничена за обид за убиство. Пред два дена, во домот на улицата Борис Бојаџиски во скопската населба Ѓорче Петров, таа се обидела да ја убие бабата на својот сопруг со која живееле во семејна заедница.
Додека бабата, родена 1938 година, одмарала во една од собите, осомничената ја заклучила вратата, седнала врз неа и со перница врз главата се обидела да ја задуши. Таа исто така ја удирала со тупаници по главата.
Според информациите од Обвинителството, престанала кога мислела дека ја убила и за тоа му кажала на сопругот. Тој веднаш повикал полиција.
Бабата била пренесена во болница, каде и биле констатирани нагмечување на главата и вилицата, како и хематоми.
До судот доставен е предлог за определување мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Ќе се повлечам од политиката ако Филипче најде и еден мигрант, во спротивно да се извини јавно
„Граѓаните треба да знаат каква е состојбата, СДСМ нема тема, притисокот е голем за Венко Филипче однатре и однадвор да си замине и сега наеднаш пиар-тимот му вели – сега темата ќе бидат мигрантите, еве два таблоида во Велика Британија објавија и сега ајде на оваа тема да се закачиме и да ја туркаме мислејќи дека на тој начин политички ќе преживее и ќе собере луѓе околу себе“, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски им порача на Венко Филипче, на Фрчкоски и на Жерновски дека е спремен да се повлече од политиката доколку најдат и еден мигрант во Македонија, во спротивно, како што рече, тој да се извини јавно.
„Две тези имаше денешната прес-конференција. Првата се мигрантите, а втората е недостигот во буџетот од 1 милијарда евра, околу 60 милијарди денари, и дека договорот со Велика Британија бил тие да ни ја покријат оваа дупка, а ние да прифатиме илегални мигранти. Приближно ова беше вака. Но ајде сега да видиме какви се суштината и вистината. Првин политички да му одговорам на раководството на СДСМ бидејќи спомна пролет, оставам простор до пролет Венко Филипче, заедно со професорот Фрчкоски, со Андреј Жерновски, да бара во Македонија и да најаде мигрант што е дел од овој договор со Велика Британија или каков било договор и ако најде еден, јас трајно ја напуштам политиката. Во спротивно тие да ми се извинат мене, но и на граѓаните, што шират паника без потреба. Мислам дека е фер, еве ова јас го давам како понуда. И ова ќе важи бесконечно, додека сум јас претседател на Владата“, рече Мицкоски и додаде.
„Додека тие зборуваат за милијарди што недостигаат, веќе 10 милијарди во првите пет дена од декември влегоа во буџетот. И сега не се веќе 300 милијарди, туку се 310 милијарди денари приходи. Но, никој од нив не ја коментира расходната страна бидејќи и приходната и расходната страна на буџетот одат паралелно. Оние што следат економија, како и економистите, знаат за што зборувам. За да ви недостигаат во буџетот и да треба вие тој буџетски дефицит да го покриете, потребно е и расходите да бидат во согласност со планирањата. Нам расходите ни се помали, односно штедевме и во име на тоа се случува сето ова што јас денес го зборувам. И приходите и расходите се следат едни со други и на крајот, кога ќе ги споредите капиталните инвестиции и буџетскиот дефицит, тие горе-долу ќе бидат исти, што значи дека ние нема да се задолжиме за да го зголемиме долгот. Напротив, до крајот на годината тој долг ќе биде помал од оној што сме го имале. И еве втора работа ќе кажам, в година треба да вратиме нешто повеќе од 2,2 милијарди евра. Ќе ги вратиме сите пари што тие претходно ги украдоа, и за ‘Стабри“, и за марихуаните, и за ред други скандали што ги имаа во минатото. Се надевам дека сега новиот обвинител и ослободеното Обвинителство многу поефикасно и многу послободно ќе работат отколку овој октроираниот, кој, конечно, заминува, односно ќе замине од таму каде што е сега“.
Мицкоски посочи граѓаните да не се грижат бидејќи нема да има мигранти.
„На крајот да заклучам да не се грижат граѓаните, нема мигранти, буџетот е во одлична кондиција. Македонија е зад Данска, која има 3,9, заедно со Кипар со 3,8 проценти раст на БДП, инфлацијата е за 0,5 проценти помала на годишно ниво во споредба со минатата година и очекувам таа консолидација, односно смирување, да продолжи и во периодот што следува“, истакна Мицкоски.
Македонија
Kривична пријава против Оливер Спасовски: како министер за внатрешни работи ги злоупотребил положбата и овластувањата
Вчера, Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против О. С. (49) од Куманово поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето по чл. 353 ст. 4 во врска со ст. 1 од КЗ, информираат од МВР.
О. С., додека ја извршувал функцијата министер за внатрешни работи, односно во текот на 2021 година, искористувајќи ги својата службена положба и овластувањето, му овозможил на правен субјект – технички преглед – во општина Сарај да стекне противправна имотна корист во износ од 5.565.927 денари.
О. С. делото го сторил на начин што во законски предвидениот рок не донел решение за одземање на овластувањето за технички преглед врз основа на предлог доставен од надлежна организациска единица за граѓански работи. Иако знаел дека рокот за донесување решение за одземање на овластувањето е најдоцна до 15 дена од денот на доставување на предметот, тој не ја извршил својата службена должност во согласност со чл. 65 ст. 3 од Законот за возилата и чл. 5 од Правилникот за начинот и постапката за донесување и одземање на решението за овластување на правното лице за технички преглед на возила и за категории на возила за кои се издава овластување за технички преглед на возила, соопшти Министерството.
Македонија
(Видео) Филипче: Мицкоски за пари прифаќа мигранти, нема да има шатори, но ќе има социјални станови
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција повторно рече дека е повеќе од очигледно дека постои договор за мигрантите кој Владата на ВМРО-ДПМНЕ е обврзана да го прифати.
Тој укажа дека ваквата обврска е директно поврзана со тешката финансиска состојба во која се наоѓа државата и продлабочената буџетска дупка што ја создаде власта.
„Повеќе е од очигледно дека договор за мигрантите има. Власта на ВМРО-ДПМНЕ мора да го потпише тој договор, затоа што тоа е врзано со кредитот од шест милјарди евра. Работите се врзани во пакет, Мицкоски и владата отворија толку голема дупка, што нема пари како да се затвори се. Веќе сега, до крајот на годината, има една милјарда евра недостаток на пари во буџетот“, рече Филипче.
Тој кажа дека власта на ВМРО-ДПМНЕ подготвува пролетни избори, за да ги сокрие мигрантските договори кои веќе се водат зад затворени врати, а за кои граѓаните дознаваат од светските медиуми.
„Најавивме дека власта планира и подготвува избори следната година на пролет. Тоа значи дека мигрантите се веќе договорени, а за возврат треба да добијат пари“, истакна Филипче, додавајќи дека и изјавите на Мицкоски го откриваат нивното сценарио.
„Мицкоски вчера изговори дека додека тој има мандат како премиер, нема да има шатори за мигрантите. Што може да значи само една од двете работи. Прво, дека се планираат избори и мисли на втор мандат после изборите. И второ, мисли на тоа дека во суштина нема да има шатори, но ќе има социјални станови. Но прочитани се, им ги знаеме сите чекори однапред“, рече Филипче.
На прес-конференцијата Филипче предупреди дека земјата се наоѓа во сериозна состојба и дека Македонија воопшто нема капацитет да се справи со дополнителен товар како што е прифаќањето на мигранти.
„Дали Македонија, земја која веќе се соочува со потешкотии да исплати плати и да одржи базичен ред дома, може да издржи евентуален наплив на мигранти? И, дали економски таквата обврска е воопшто одржлива?“, праша Филипче.
Тој кажа дека Албанија и Косово веќе прифатиле одбиени мигранти од Британија и Италија, при што, како што кажа, во Албанија првите мигранти веќе се пристигнати, донесени со воен брод.
„Ако Албанија и Косово се веќе вклучени, јасно е која би била третата земја во регионот што не е членка на ЕУ. Во овој момент – тоа е Македонија“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Лидерот на СДСМ и вчера ги изнесе ваквите тврдења. Премиерот, Христијан Мицкоски, ги отфрли овие тврдења и кажа дека додека тој е премиер нема да никне ниту еден шатор за прифаќање мигранти.

