Топ
На скопскиот аеродром фатени двајца Камерунци со околу еден милион фалсификувани евра

Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со Одделот за гранични работи и миграции на скопскиот аеродром, при влез во државата, уапсиле двајца Камерунци, Т.Р.Ф.(36) и М.Б.С.(40), поради сомнение за сторени кривични дела правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување.
Како што информираат од МВР, по пасошката контрола на пријавените, кои допатувале од Милано, извршена им била дополнителна контрола и при преглед на багажот, кај Т.Р.Ф. биле пронајдени 2.591 исечени парчиња хартија на кои од двете страни е отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 2.363 такви парчиња со дизајн од 100 евра, 463 парчиња од 200 евра, 213 со дизајн од 500 евра, 2 исечени парчиња хартија на кои од едната страна е отпечатен во повеќе бои дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 78 исечени парчиња хартија без никаква ознака, како и две шишиња со течност и УВ-ламба.
При преглед на багажот кај вториот Камерунец биле пронајдени 2.072 исечени парчиња хартија со црна позадина на кои од двете страни е отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 1.321 парчиња со дизајн на банкноти од 100 евра, 247 парчиња од 200 евра, 104 со дизајн на банкноти од 500 евра, како и една француска лична карта и една камерунска патна исправа на име С.И.Ф. за кои нема податоци дека се вистинити.
Пронајдените предмети биле одземени и предадени на вештачење во Народна банка и Одделот за за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР, при што било утврдено дека примероците се имитации на евро банкноти со различна апоенска вредност, кои се изработени со користење на професионална опрема.
Исто така, од извршената експертиза од страна на Народната банка е констатирано е дека тие претставуваат примероци во рана фаза од изработката на фалсификувани евро банкноти со апоенска вредност од 50, 100, 200 и 500 евра.
Поради тоа што Камерунците предметите неовластено ги поседувале со намера истите да ги внесат на македонска територија за да се искористат за правење на лажни пари во вкупна вредност од 902.150 евра, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје поднел кривична пријава против двете лица поради сомнение за сторени кривични дела „Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“ по член 271 став 2 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Земјотресот во Турција и Сирија низ фотографии

Светот во неверување, Турција и Сирија завеани во црнила и тага.
Земјотресите што во понеделникот ги погодија овие земји однесоа над 12.000 животи. Илјадници се затрупани под урнатините на срушените згради, се води трка со времето за спасување на животите на преживеаните.
Фотографиите во прилог говорат за катастрофата, спасените и загубените животи, човечките судбини.
Татко ја држи раката на својата почината ќерка
Куче спасено од урнатините во Турција
„Каде е мајка ми?“: зборовите на девојче извлечено по 20 часа од урнатините
Погреб наместо свадба – маж ја оплакува својата вереница која загина во земјотресот
(Видео) Емотивна средба меѓу татко и бебе спасено од урнатините во Турција
Свет
Кои се луѓето зад најтажната фотографија од Турција: девојчето чијашто рака ја држеше нејзиниот татко имало само 15 години

Маж ја држи за рака својата ќерка, која е затрупана во урнатините. Во првите моменти нема повеќе информации, а оваа фотографија во рекордно време го обиколи светот и станува симбол на страдањата во Турција и Сирија.
Станува збор за Месут Ханчер, неговата ќерка имала 15 години и се викала Имрак и живееле сосема мирен живот.
Од најлошата можна причина, ликот на Месут ја обиколи планетата.
Турските медиуми ја пренесуваат тажната приказна зад фотографијата. Месут е спасител, кој помагал во расчистувањето на урнатините и спасувањето на луѓе во турскиот град Кахраманмараш, кој се наоѓа во центарот на разорните земјотреси што во понеделникот ја погодија оваа земја и соседна Сирија. За жал, не успеал да ја спаси ќерка си.
Истрчал кон зградата каде што се наоѓала, а она што следеше беше сцената која го расплака светот. Месут седи на урнатините и ја држи раката на неговата почината ќерка. Во моментите на најголемата тага тој не се одвојувал од телото на петнаесетгодишното девојче.
Месут на глас рекол: „Господ да те помилува, немам живот без тебе. Нема ништо во мене, тоа го нема без тебе“.
Ја пуштил раката дури кога спасувачите морале да ја однесат бидејќи го извлекле нејзиното безживотно тело од урнатините. Дотогаш не се одвојувал.
Кахраманмараш е град кој се наоѓа на југот на Турција. По Газиантеп и Елбистан е еден од најуништените од земјотресите.
Речиси целиот град е срамнет со земја, а спасувачите немаат доволно време да ги извлечат сите од урнатините. Спасувачите се’ повеќе тука наоѓаат страшни сцени – од урнатините вадат безживотни тела.
Дополнително, мнозинството граѓани чувствуваат дека се оставени сами да се снаоѓаат. Според нив, им требало премногу време за да пристигнат спасувачите, а во меѓувреме изгубиле многу животи.
Ова подрачје го посети и претседателот Реџеп Таип Ердоган, кој во еден момент призна дека реакцијата на земјата на земјотресите на почетокот била слаба.
Сега, посочува, се’ е како што треба и ниту еден граѓанин нема да биде оставен сам.
Според последните информации, во серијата разорни земјотреси загинале околу 11.500 луѓе. Бидејќи десетици илјади од нив се уште се’ под урнатините, се очекува бројот на загинати во наредните денови двојно да се зголеми.
Поради тешките временски услови, студот и недостигот на работна сила, спасувачите не можат навреме да стигнат до сите. Затоа, во моментов се води најтешката трка во светот – трката со времето.
Свет
Зошто првите 72 часа се клучни за спасување по земјотрес

Времето истекува за спас на преживеаните кои се затрупани во урнатините од земјотресите во Турција и Сирија, бидејќи потрагата се приближува до клучните 72 часа, пишува АФП.
Повеќе од 90 отсто од преживеаните од земјотресот успеваат да се спасат во првите три дена, изјави Илан Келман, професор по катастрофи во Лондон.
Но, тој број може значително да варира во зависност од временските услови, последователните потреси и брзината со која спасувачките тимови и опремата пристигнуваат на местото на нeсреќата – фактори кои моментално ги попречуваат напорите во Турција и Сирија.
Повеќе од 11.200 луѓе загинаа, а илјадници се повредени по земјотресот што во понеделникот ги погоди југоисточна Турција и соседна Сирија.
Со оглед на тоа што 72 часа истекуваат рано наутро во четвртокот, Келман објасни зошто оваа временска рамка е толку важна.
Повреди, температура, вода
„Генерално, земјотресите не убиваат луѓе, колапсот на инфраструктурата убива луѓе“, рече Келман, кој објави истражување за напорите за спасување од земјотрес.
Најважниот фактор е давање медицинска помош на луѓето затрупани под срушените згради, рече тој.
Временските услови се исто така клучен фактор и се целосно против нас во случајот со Турција и Сирија, рече Келман.
Ниските температури, дожд и снег се забележани во регионите погодени од земјотресот.
„Тоа значи, за жал, дека хипотермијата е можна, а луѓето веројатно умираат поради временските услови“, рече Келман.
На оние кои ќе успеат да го преживеат студот и повредите им се потребни храна и вода.
Без вода, многу луѓе „ќе почнат да умираат по три, четири, пет дена“, рече Келман.
Афтершоковите во деновите по земјотресот може дополнително да уриваат згради, што претставува „голем и застрашувачки ризик“ и за преживеаните и за оние кои се обидуваат да ги спасат, додаде тој.
Регионот беше погоден од десетици последователни потреси, вклучувајќи го и оној од понеделникот со јачина од 7,5 степени.
Помош на лице место
Келман рече дека обично „огромното мнозинство од преживеаните се спасуваат во рок од 24 часа од локални тимови, често користејќи само раце или лопата“.
Десетици земји ветија дека ќе испратат тимови за пребарување и спасување и помош во Турција и Сирија.
Но, земјотресот се случи во „оддалечена област, во зона на конфликт, во која е многу тешко да се влезе“, рече Келман.
Обично се потребни најмалку 24 часа за да пристигнат, да се постават и да започнат со работа меѓународните спасувачки тимови.
„Во тој момент, голем број луѓе кои можеа да преживеат веќе умреа“, рече Келман.
За областите погодени од конфликт во близина на сириската граница, пристапот е уште потежок.
„Колку што видов, спасувачките тимови не стигнаа целосно до многу области во главните конфликтни зони или многу привремени населби за раселените луѓе“, рече Келман.
Како да најдете преживеани?
Откако ќе се појават на местото на настанот, постојат неколку начини на кои спасувачките тимови можат да најдат преживеани, вклучително и кучиња трагачи.
Познат тим на кучиња спасувачи од Мексико е на пат за Турција, истакна Келман.
Роботите и беспилотните летала се’ повеќе се користат и за влез во тесни простори кои се премногу опасни за луѓето.
Кога ќе се најдат преживеани, спасувачите мора да одлучат како да ги извлечат.
Подигнувањето на плочите на срушените згради може да бара огромна опрема како што се кранови.
Или понекогаш е неопходно да се ампутира екстремитет „што е смачкан под столб или парче ѕид“, рече Келман.
Многу пред клучните 72 часа
Келман нагласи дека „на крајот, успешната спасувачка операција започнува неколку децении пред земјотресот, со цел да спречи колапс на инфраструктурата“.
За време на меѓународна спасувачка операција, како онаа во Турција и Сирија, еден спасен живот чини во просек по еден милион долари, рече тој.
„Да ги видиме истите инвестиции во превенција од катастрофи што ги гледаме во одговорот при катастрофи, немаше да бидеме во оваа ситуација“, заклучува тој.