Црна хроника
Обвинение против едно лице за убиство и за обид за убиство
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против едно лице кое се товари за кривично дело убиство, како и за кривично дело убиство во обид.
Обвинетиот на 2.3.2019 година, на локалниот пат меѓу селата Шишево и Глумово, со употреба на полуавтоматски пиштол со умисла убил едно лице, а уште едно се обидел да го убие.
На критичниот ден тој со својот автомобил го пресретнал автомобилот во кој се наоѓале двајцата оштетени заедно со уште едно лице, сведок на настанот, и започнал вербална расправија. Во момент кога еден од оштетените започнал да се враќа кон своето возило за да влезе, обвинетиот му се приближил на кратко растојание и испукал кон него еден проектил од пиштолот, нанесувајќи му тешка телесна повреда во вид на огнострелна рана во пределот на главата. Потоа тргнал да се пресмета и со вториот оштетен.
Сведокот се попречил меѓу нив, но обвинетиот му наредил да се тргне. За тоа време, оштетениот започнал да бега, па обвинетиот се стрчал и испукал повеќе проектили кон него, нанесувајќи му две огнострелни повреди. Како последица на овие повреди, оштетениот починал непосредно по приемот во болница.
По настанот, обвинетиот се дал во бегство и една година беше недостапен на органите на прогонот.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице поради опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и вештите лица, како и да го повтори делото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дал 10.000 евра за итна операција на внуката: измамен 83-годишен битолчанец
Во СВР Битола вчера во 13:30 часот, 83-годишник од Битола пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 10.000 евра.
Според пријавеното, лицето му се јавило, се претставило како лекар и му кажало дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати.
Како што е пријавено, тој ги дал парите на едно лице кое дошло пред неговата врата, а откако подоцна се слушнал со неговиот син, сфатил дека е измамен.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Двајца малолетници повредени при судир на товарно возило и мопед во Штип
Во СВР Штип вчера во 10:30 часот било пријавено дека на кружен тек од ул.„Партизанска“ со ул.„Борис Крајгер“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген кеди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(57) и мопед „априлиа“ со штипски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник, двајцата од Штип.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот 14-годишен сопатник од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Тешко повреден работник додека извршувал работни задачи во фабрика во Гази Баба
Вчера во 10:05 часот во СВР Скопје, од приватна болница во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.Б.(43) од Скопје.
Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика на подрачјето на Гази Баба.

