Црна хроника
Осомничено едно лице за уништување на заштитениот појас на Охридското Eзеро
Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет против едно лице поради постоење основано сомнение дека сторило кривични дела узурпација на недвижност и оштетување или уништување добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости.
„Осомничениот во повеќе наврати, почнувајќи од август минатата година, ангажирал лица да вршат ископ, тампонирање со земја и други материјали на крајбрежјето на Охридското Eзеро, со што извршил узурпација на природното езеро и уништување добра и природна реткост. Осомничениот спротивно на Законот за заштита на природата преку спомнатите активности преземени во појасот на трски и крајбрежјето ја зголемувал земјишната површина и го уништувал заштитениот појас со трски во Охридското Eзеро, кој претставува живеалиште за ендемични видови. Имено, Охридското Eзеро е класифицирано како споменик на природата, а во согласност со законите, во нeговата непосредна близина не се дозволени активности што ги загрозуваат неговите обележја и вредности“, се наведува во соопштението.
По отворањето на предметот против осомничениот во август 2018 година, надлежниот јавен обвинител презеде дејства во насока на утврдување на фактите. Констатирано е дека активностите што ги презел осомничениот се вршени на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија и дека за него тој не поседува соодветни дозволи.
Основното јавно обвинителство Струга во континуитет презема дејства за целосно расчистување на кривично-правниот настан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен 15-годишник во делчевско по пријава за обљуба врз малолетничка
На 28 февруари 2026 година во 14:30 часот во делчевско, полициски службеници од ОВР Делчево лишиле од слобода 15-годишник, постапувајќи по претходна пријава од 17-годишна малолетничка.
Според пријавата, откако претходно се договориле да се сретнат, тој извршил обљуба врз неа.
За настанот бил известен јавен обвинител, како и Центарот за социјална работа, а известен бил и родител на малолетникот. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Пронајдена граната од Првата светска војна во битолско село
На 28 февруари 2026 година во 09:40 часот во СВР Битола, П.С. од село Добромири, битолско, пријавил дека во дворното место пронашол стара граната.
По пријавата, на местото излегол пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, кој безбедно ја подигнал гранатата. При извршената проверка било утврдено дека станува збор за минофрлачка граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните апелираат до граѓаните доколку пронајдат сомнителни експлозивни направи веднаш да ги пријават во полиција и да не ги допираат.
Црна хроника
Тешко повреден 17-годишен мотоциклист во сообраќајка во Битола
На 28 февруари 2026 година во 14:42 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата меѓу улиците „Македонски Гемиџии“ и „Индустриска“ во Битола се случила сообраќајна несреќа меѓу товарно возило мерцедес со битолски регистарски ознаки и мотоцикл лонгиа, исто така со битолски ознаки.
Товарното возило го управувал З.В. (42) од Битола, додека мотоциклот го управувал 17-годишник од Битола.
Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола.

