Топ
Откриени злоупотреби со службени возила во општина Велес
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/06/35741052_1699548853454436_9005676169143517184_n-1.jpg)
Поранешен градоначалник и поранешен претседател на Советот на Општина Велес се обвинети за злоупотреба на службената положба. Според велешкото Обвинителство, ексградоначалникот на тогашниот претседател на Советот му овозможил да користи две службени возила за приватни цели, со што ѝ предизвикал финансиска штета на Општината.
Првиот обвинет, како градоначалник на општината, со искористување на својата службена положба и овластувањето за вториот обвинет прибавил имотна корист од поголема вредност. Спротивно на одредбите од Правилникот за користење и одржување на службените моторни возила и на наредбата за користење и одржување на службените моторни возила, тој со усно одобрение допуштил тогашниот претседател на Советот во периодот од 23.2.2014 година до 9.8.2016 година во повеќе наврати да користи две службени моторни возила за лични приватни потреби, без реверс за нивно користење и без притоа да достави пополнет евидентен лист за патувањето.
Вториот обвинет, пак, како претседател на општинскиот Совет, без поднесено писмено барање, возилата ги управувал самостојно и со искористување на својата службена положба и овластувањето за себе прибавил имотна корист од поголема вредност. Тој во повеќе наврати вршел и набавка на гориво за двете возила во количина од 2.880 литри и во вредност од 170.598,00 денари за кои била извршена исплата од сметката на оштетената Општина Велес по доставени фактури изготвени врз основа на испратници своерачно потпишани од обвинетиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
ДУИ за Балансерот: Тоа е опасен обид за намалување на влијанието на Албанците во јавниот и институционалниот живот на државата
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/dui.jpg)
Демократската унија за интеграција најостро ја осудува одлуката на владата со моноетнички легитимитет да ја смени формулата „балансер“ од 29,5% како што произлегува од процентот на вкупното население, на 24,3%, што значи илјадници Албанци помалку во институциите на државата, се наведува во соопштението.
Оваа промена, како што оценуваат, е сериозен удар за досегашните постигнувања за правична и рамноправна застапеност на етничките заедници во државата.
„Промената на формулата да го одразува само резидентното население, а не општото население е јасен обид да се маргинализира албанската заедница, но и да се поткопа придонесот на нерезидентното население кое континуирано придонесува за финансиската стабилност на земјата преку дознаки.
Ова е втора одлука во насока на поништување на резултатите од пописот на населението, прво на ВМРО, а сега на Знам, и ја разобличува неспособноста на вазалите без изборен легитимитет кои го осиромашуваат албанскиот народ во моноетничката власт.
Ние, во ДУИ, ова го гледаме како опасен обид за намалување на влијанието и учеството на Албанците во јавниот и институционалниот живот на државата“, додаваат од ДУИ.
Оваа одлука, како што велат, е во целосна спротивност со духот на Охридскиот договор и со вредностите на демократијата и еднаквоста кои се основни за мирот и стабилноста во земјата.
ДУИ, додаваат од партијата на Ахмети, ќе ги преземе сите неопходни чекори за да се спротивстави на оваа неправедна одлука и да ги заштити правата на Албанците во Северна Македонија.
„Ја повикуваме владата да ја преиспита оваа дискриминаторска одлука и да гарантира правична и еднаква застапеност за сите граѓани на државата“, потенцираат од ДУИ.
Топ
Пратеници на службените електронски адреси добиле заканувачки пораки
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/03/sobranie4.jpg)
МВР соопшти дека вчера во 13.58 часот во Полициската станица Центар, претставник на една политичка партија пријавил дека на 23.07.2024 околу 18.15 часот од непозната електронска адреса на службените електронски адреси на неколку пратеници во Собранието на РСМ била испратена порака со заканувачка содржина.
За настанот била известена и Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје и како што соопшти полицијата се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Иселениците повеќе нема да ја одредуваат етничката застапеност во државните институции, сменет е процентот на балансерот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/minchev-administracija-2.jpg)
Министерот за јавна администрација, Горн Минчев, објави дека се изменети процентите на балансерот, кој од 2022 година ја броеше и дијаспората од пописот.
Тоа значи дека во новата пресметка на балансерот ќе биде вклучен само бројот на резидентното население, според податоците од последниот попис.
Со тоа бројот на Македонци во администрацијата ќе биде од 54,21 на 58,44 проценти, Албанци од 29,52 на 24,30 отсто, Турци од 3,98 на 3,86 проценти, Роми од 2,34 на 2,53 отсто, Срби од 1,18 на 1,30 отсто и Власи од 0,44 на 0,47 проценти.
Во Министерството пристигнати се речиси 120 годишни плана за вработување во институциите од јавниот сектор и од нив само пет се со позитивно мислење.
Министерот Минчев рече дека според процентуалната застапеност во новоформираното министерство, во моментот од 43 до 45 отсто се вработени од етничките заедници, што значи дека балансерот е злоупотребен.
„Тоа е предмет на ревизија. Досегашните анализи укажуваат дека од 100-процентната вработеност, од 18 до 19 отсто ја имаат злоупотребено можноста за искажување припадност на етничката заедница, односно злоупотреба на балансерот“, рече Минчев додавајќи дека се работи за луѓе што се во редовен работен однос и ќе останат на работа.
Пред две недели Минчев најави укинување на балансерот соопштувајќи дека алатката за вработување според националната припадност во државните институции во минатото била предмет на злоупотреби.
Во август 2022 година тогашниот министер Адмирим Алити направи нова пресметка на балансерот, при што процентот на лица што треба да се вработени во државните институции беше пресметан од вкупното население од пописот, што предизвика многубројни реакции. Според Минчев, со тоа Законот за вработените во јавниот сектор не бил почитуван.