Топ
Петнаесетгодишно девојче падна во бездна на Селечка Планина
Петнаесетгодишно девојче од Прилеп вчера паднало во бездна и добило повреди на местото наречено Чуле на Селечка Планина.
Полициски службеници веднаш излегле на местото и бидејќи теренот бил непристапен била повикана алпинистичка екипа од Единицата за специјални задачи при МВР и хеликоптер на МВР, кои во најкратко можно време пристигнала на местото и го извлекле девојчето, кое било префрлено во болницата во Прилеп.
Во разговор со полициските службеници девојчето изјавило дека при пешачење се лизнало и паднало во бездна. За настанот е известен и јавен обвинител.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР потврди: Уапсен Артан Груби
На граничниот премин „Блаце“, припадници на Министерство за внатрешни работи го уапсија поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
„Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, велат од МВР.
Груби се товари за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.
Европа
(Видео) Трамп го обвини дека е диктатор, Зеленски одговори со насмевка
Украинскиот претседател Володимир Зеленски возврати на претходните коментари на американскиот претседател Доналд Трамп во кои тој сугерираше дека е диктатор и дека е одговорен за војната, во интервју за Би-би-си.
Водителот потсети на претходните контрадикторни изјави на Трамп, вклучително и онаа во која тој го нарече Зеленски „диктатор“ кој ја започна војната, повторувајќи ги тврдењата на рускиот претседател Владимир Путин.
„Јас не сум диктатор и јас не ја започнав војната. Тоа е тоа“, одговори Зеленски со смеа.
Во интервјуто се осврнаа и на преговорите, вклучувајќи ги посетите на специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, на Москва, и загриженоста дека САД би можеле да бидат под влијание на руските наративи.
Зеленски истакна дека Виткоф се среќава почесто со украинската страна отколку со Русија и дека имал повеќе средби со Трамп отколку со Путин.
Тој додаде дека не може да го тврди тоа со сигурност, истакнувајќи дека самиот Виткоф вели дека се сретнал со украинската страна повеќе пати отколку со Русите. Тој исто така истакна дека имал бројни средби со Трамп, додека Трамп се сретнал со Путин само еднаш.
Зеленски рече дека верува оти САД треба да ја сопрат Русија, а не да се обидуваат да ѝ угодат, тврдејќи дека Москва ќе продолжи да мами без оглед на околностите.
Тој заклучи дека Русија дејствува првенствено водена од сопствените интереси.
Свет
Силна зимска бура во САД: прогласена вонредна состојба во пет држави
Силна зимска бура го погоди североисточниот дел на САД, поради што е издадено предупредувања за 59 милиони луѓе. Во Њујорк се воведени забрани за патување, а низ целиот регион се пријавени прекини во електричната енергија.
Вонредна состојба е прогласена во Масачусетс, Конектикат, Делавер, Њу Џерси и Род Ајленд, јавува Би-би-си.
Метеоролозите велат дека голем дел од североисточните крајбрежни провинции на САД и Канада ќе бидат погодени од недела навечер до понеделник. Се очекува ова да биде најсилната циклонска бура, таканаречена „nor’easter“, за речиси една деценија за поголемиот дел од регионот, носејќи снег, силни ветрови и крајбрежни поплави. Предупредување за снежна бура е издадено за околу 40 милиони луѓе, додека други 19 милиони се под општи предупредувања за зимски бури, кои ја опфаќаат областа од централните Апалачи до крајбрежниот Мејн.
„Иако имаме многу вакви бури што носат обилен снег и силни налети на ветер, поминаа неколку години откако не сме виделе бура од ваков обем над толку голема и густо населена област“, изјави за CBS News Коди Снел, метеоролог од Центарот за временска прогноза на Националната метеоролошка служба.
Националната метеоролошка служба предупреди дека бурата може да произведе помеѓу пет и седум сантиметри снег на час, со вкупни снежни врнежи од 30 до 60 сантиметри, што ги прави условите за патување „скоро невозможни“. Снежната бура ќе го направи патувањето „екстремно опасно“ во делови од североисточниот дел на САД.
Снегот почна да паѓа во недела навечер во Бостон, Филаделфија и Њујорк, каде што се очекуваат најлоши услови. Прекините на електричната енергија веќе се зголемуваат, а повеќе од 20.000 луѓе се без струја во Њу Џерси. Илјадници се без струја и во Вирџинија, Делавер и Мериленд. Околу 3.900 летови беа откажани во САД во недела, а стотици други беа одложени.
За прв пат по девет години, Њујорк, најнаселениот град во Америка, е под предупредување за снежна бура. Се очекува градот да биде особено силно погоден, со очекувања од 45 до 60 сантиметри снег низ целата градска област и температури што се очекува да паднат на околу -6 степени Целзиусови.
Градоначалникот Зохран Мамдани прогласи вонредна состојба и воведе целосна забрана за патување од 21 часот во недела до 12 часот во понеделник. Тој рече дека училиштата ќе бидат затворени, а сите улици, автопати и мостови ќе бидат затворени за сообраќај, освен за службите за итни случаи.
На прес-конференција, Мамдани рече дека најобилни снежни врнежи се очекуваат преку ноќ, со можни до 70 сантиметри снег во некои области. Ова е втора голема снежна бура во неговиот мандат, откако 19 лица загинаа за време на тринеделниот студен бран во јануари.

