Топ
Планинари од Белгија спасени од полициски тим: биле нападнати од овчарски кучиња, па бегајќи од нив, се качиле на столб за мобилна телефонија

Вчера во 19:13 часот во ОВР Дебар е примен повик за помош од страна на белгиски државјани кои планинареле во планинскиот појас над Дебар, но биле нападнати од кучиња.
Констатирано е дека тие се наоѓаат во близина на селото Новак, општина Центар Жупа, по што полициски тим со теренско возило веднаш се упатил кон селото, каде заедно со ловочуварот од селото Новак ги пронашле тројцата планинари, белгиските државјани Л.М.(42), М.Л.К.(62) и Ј.Ј.(41), кои бие безбедно пренесени до нивното моторно возило.
Тие појасниле дека откако поставиле камп шатор, биле нападнати од овчарски кучиња, а бегајќи се качиле на столб за мобилна телефонија. Лицата биле во добра здравствена состојба, без повреди.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре и задутре пулмолози ќе проверуваат колку им се оштетени белите дробови на жителите на Трубарево и околината

Два тима од Клиниката за пулмологија и алергологија утре и задутре ќе ги посетат жителите на Трубарево и околните места за скрининг на белите дробови по големиот пожар во фабриката за рециклирање пластика и електронски отпад. Министерот за здравство Азир Алиу денес ги повика жителите да се пријават на скринингот.
„Министерството за здравство заедно со Клиниката за пулмологија, на 24 и 25 септември, од 10 до 16 часот, организира скрининг за граѓаните што живеат во Трубарево и околните места. Замолувам, сите граѓани, кои ценат дека треба да посетат доктор, на 24 и 25 септември да се пријават на овој скрининг. Дополнително, овие граѓани, ако има потреба, ќе може да продолжат со прегледи во Клиничкиот центар тука“, рече министерот Алиу.
Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, Оливер Зафировски, вели дека на самото место на жителите ќе им се направат почетни испитувања на белите дробови.
„Направивме два тима, кои ќе ги посетат сите граѓани во местото Трубарево и ќе направат почетни испитувања. Во зависност од овие испитувања, ако може да се постави дијагноза или да се докаже дека нема никакво оштетување на нивните бели дробови, останува да се ревидира терапијата што ја имаат. Ако има потреба, тогаш ќе ги упатуваме во нашата Клиника за пулмологија и алергологија за да може да ги продлабочиме испитувањата и по потреба да се даде соодветна терапија“ , рече директорот Зафировски.
Пред десет дена во Трубарево се запали фабрика за рециклирање пластика и електронски отпад. Пожарот предизвика густ црн чад видлив од цело Скопје, а во воздухот беа измерени високи концентрации на тешки метали, меѓу кои кадмиум, олово и арсен.
Гаснењето траеше повеќе од 24 часа, а во акцијата беа вклучени пожарникари, полиција, Армијата, медицински екипи и Црвениот крст. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, го нарече гаснењето школски пример за справување со комплексен пожар.
Настанот предизвика прекин на наставата во четири основни училишта во Трубарево, кои беа префрлени на онлајн-настава поради загадувањето.
Македонија
Условната казна за случајот со терапијата за рак е непочитување на жртвите, рече Андоновска

Пратеничката Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ денеска оцени дека условната казна изречена за злоупотребата на терапијата за пациенти со рак претставува „потценување на интелигенцијата на народот и непочитување на жртвите“.
„Со години пациентите добивале физиолошки раствор наместо вистинска терапија. Додека тие мислеле дека се лекуваат, тие всушност умирале“, рече Андоновска.
Таа додаде дека, според обвинението, со оваа злоупотреба е направена штета од 2,2 милијарди денари врз буџетот, а истовремено стотици пациенти биле лишени од можност за продолжување на животот.
Андоновска порача дека по ваква пресуда, во нормални околности би следувале разрешувања и оставки во судскиот систем, кој, како што нагласи, е зрел за ремонт.
Македонија
Субвенции за филтри на оџаците за домаќинствата што се греат на дрва, Мицкоски најави вонредна мерка за почист воздух

Во пресрет на новата грејна сезона Владата размислува за субвенции за филтри на оџаците за домаќинствата што се греат на дрва и фосилни горива. Субвенцијата би била на принципот прв дојден прв услужен исто како и субвенциите за клима-уреди и топлински пумпи. За субвенциите за филтри на оџаците, премиерот Христијан Мицкоски најави дека на негова иницијатива ќе се разговара на денешната седница на Владата.
„Бидејќи гасификацијата е процес што ќе трае подолго, нема да имаме брзи резултати. Можеби треба да размислиме по истиот принцип како што субвенционираме за клима-уреди, за топлински пумпи и субвенционирање сметки за струја на социјално ранливи категории на приближно пет-десет илјади домаќинства да им обезбедиме филтри на оџаците. Тоа е за оние домаќинства што користат фосилни горива, односно дрва. Изминативе неколку дена работев лично на оваа проблематика и гледам дека голем дел од градовите на тој начин го намалиле загадувањето“, рече премиерот Христијан Мицкоски по пуштањето во употреба на затворениот базен во Штип.
Покрај субвенциите за домаќинствата, Владата ќе ја разгледа можноста да се инсталираат филтри на оџаците на државните објекти што користат фосилни горива, чија бројка е речиси 500.
Премиерот Мицкоски вели дека оваа мерка ја најавува однапред имајќи предвид дека кога ќе почне грејната сезона, ќе има активисти што ќе се борат за воздух, иако, како што нагласи, ги немаше никаде изминативе седум години. Владата ќе бара законски начин за доделување на субвенциите во пресрет на грејната сезона, која се поклопува со предизборниот период.
„Треба да видиме со законодавството дали е тоа дозволено имајќи предвид дека сме во избори и изборите се веќе распишани, а ова би било вонредна мерка“, рече премиерот Мицкоски.
Според последниот попис на населението, во земјата има 349.402 домаќинства што се греат на дрва и други фосилни горива.